Поплава

23.05.2014 11:05
Поплава

Поплава

Нè оглуве со гласот,
нè изненади со стасот,
нè застраши со пилата,
нè ѕвездоса со силата...

Кој тоа?
Кој?

Поплавата што се сјати,
што ни одзеде,
што ни скрати,
и - џенем што фати.


Река

Беше поток,
сега е река
- долга Петра, сребролика, мека,
брза Неда сè в небо што гледа,
гласна Ленка - без својата сенка.

Беше поток,
сега е река
- гола жена по море што пека,
жива змија, полазарка, стија,
водна писта најпроѕирна, чиста...

Беше поток,
сега е река.


Реката е најлош стан

Реката е најлош стан!
- рекол еден
нејзин бран.

Премногу е тесен, мал,
нема салон
ни за бал!

Нема балкон, ниту двор...
Лоше е, лош е,
чесен збор!

За него јас, и од жал
ни сто пари
не би дал!

Така рекол и се свил...
во морски се
неврат скрил.


Што има водата

Водата има водено тело,
водено лице, водено чело,
водено име, водено виме,
водено семе, водено време,
водени фази, водени бази,
водени смешки, водени грешки,
водени преѓи, водени веѓи,
водени сали, водени хали,
водени шеги, водени стеги,
водена клима, водена плима,
водени заби, водени жаби,
водени змии, водени стии...

Водата има сè и сешто
и од вода пак уште нешто.

Слики: Eugenia Różańska

(од збирката „Златици - крилатици“, 1993)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото