Дајте досада!

28.12.2009 11:36
bojan-2009-12-28.jpg

Имавме интересна година. За некого можеби беше добра, за некого можеби не. Ама дефинитивно интересна. Се спореше за цркви и џамии на плоштад, биравме претседател, Европа нè тапшаше по грб во неколку наврати (иако во исто толку наврати мавташе заканувачки со прст), избравме градоначалници, на некои си таму им врзаа два-три шамари на плоштад, се поделивме на антички и словенски Македонци (и на оние што не се ниту едно ниту друго), одредивме кој е предавник на нацијата, донесовме феноменални закони што одговараат и на менталитетот и на навиките на мнозинството Македонци, се правеа рации во парк при што заканите за слободното и демократско општество беа приведени...

Знам, знам. Сарказмот е лоша навика. Но годинава беше интересна. Колку и да не ми се допаѓаат поделбите и класификациите на Вакви или Онакви, токму тие даваат одличен увид во тоа со какви луѓе човек си има работа. Кога некој страда од параноја, нормално е сите (или барем повеќето) околу него да бидат заедно со Лошите Чичковци. Посебно оние што се осмелиле да сугерираат дека дотичниот параноик можеби навистина има проблем.

Ајде да направиме кус преглед на она што се случуваше.

Идните архитекти протестираа против црквата на плоштад и изедоа ќотек од православни христијани. Кој беше тогаш виновен? Опозицијата и Сорос. (Тепачите дури поминаа и многу полесно од студентите, кои си заработија судски покани.) Почна да се пропагира митот за античкото потекло на Македонците (Македоноидите, предците на целата бела раса) и веднаш дојде до реакција – оние што реагираа беа обвинети за верување во „комунистичкиот“ мит за Македонците, беа етикетирани како Словени (понекогаш и предавници) и дел од опозицијата. Бранко се врати на чело на неговата стара партија и почнаа реклами на МТВ (владиниот сервис кој сега треба ние да го плаќаме). Секс, лаги и видео ленти. Протестираа краварите и на најбучниот од нив му пратија полиција под сомнение дека шверцувал оружје и дрога. Протестираа студентите и наеднаш станаа пулени на опозицијата. Некои новинари почнаа да го доведуваат во прашање македонскиот став (или недостатокот на истиот) во разговорите со Грција и оп, грчки платеници. Уставниот суд укина неколку закони што ги сметал за неуставни и месец дена се трубеше како судот е всушност инсталација на опозицијата.

Не знам зошто, ама мене, како непристрасен набљудувач на сите овие глупости, партиската припадност не ми е битна ако станува збор за легитимен проблем. Оној краварот може да биде следниот Пабло Ескобар, тоа не го менува фактот дека солидно беше насексан од компанијата, од државата, а, на крај, и од полицијата. Студентите можеа да развеат знамиња на сите партии (нешто за што треба сериозно да размислат за следниот протест), сепак останува фактот дека имаат конкретни проблеми. А тоа што Македонија нема некаков јасен став и пристап во разговорите со Грција прави да е небитно дали оние што го посочуваат тоа се платени од Грција, Бугарија, Србија, Америка, Македонија, или не земале плата со месеци.

Паранојата што си ја негува владеачката партија е опасна работа – без разлика дали е насочена кон опозицијата или кон Грција. Не може за секоја критика што ќе ја добијат да биде виновна опозицијата. Или некој што се подготвува да биде опозиција. Многу ми беше интересен периодот кога Далечниот-роднина-без-некое-крвно-сродство Љубе од семакедонски маченик стана кодош. А уште поинтересно беше кога се запали автомобилот на неговиот внук. Министерот за внатрешни работи ја заврши неговата изјава потенцирајќи дека станувало збор за бугарски државјанин и автомобил со бугарски регистерски таблички.

Многу ме интересира што ќе се случи со забраната за пушење во јавни простории. Во Хрватска, колку што знам, многу елегантно се реши проблемот. Газдите на кафулиња и кафеани излегоа и рекоа дека заради значително помалиот број на муштерии ќе мораат да отпуштат голем дел од вработените. Соочена со армијата келнери и шанкери што ќе останат без работа (и што на следните избори нема да гласа за нив), хрватската влада речиси веднаш го преиначи законот. Со оглед на тоа дека секој трет дуќан во Македонија е угостителски објект, ќе ни биде интересно и следнава година. Има муабет за носење на законот пред Уставен суд, ама мислам дека покул ќе биде ако македонските газди го направат истото како и хрватските.

Сепак, на крајот на денот/годината, се фаќам како посакувам да живеам на некое друго место. Некое место каде што не е битно кој е власт а кој опозиција, каде што оние што протестираат барем се сослушуваат (а се тепаат само ако почнат да вандализираат). Некое место каде што ќе може да се посветам на селебрити трачеви и припотресување за животната средина. Некое место што е многу подосадно од Македонија.

ОкоБоли главаВицФото