Тивките мнозинства на Груевски и Путин

24.05.2014 09:36
Тивките мнозинства на Груевски и Путин

Додека конфликтот во Украина прима контури на граѓанска војна, Европа и посебно Балканот во Владимир Путин, интригантната фигура кон која се фокусира светското внимание, во зависност од убедувањата, гледа со восхит или со презир. Сепак, натежнува мнението дека тој е вешт стратег со непредвидливи потези, а политиката што ја води спрема својот сосед е заснована на опортунизам, пропагандна војна, манипулации и лаги.

Во широка смисла на зборот Путин на Украина претрпе геополитички пораз, но извојува морална победа. Тој ја посакуваше целата земја во својата Евроазаиска царинска унија, а го доби само Крим како компензација. И Русите за тоа го наградија, со, како што укажуваат анкетите, многу поголема поддршка и популарност отколку пред почетокот на кризата. За Запад Русија е имплицитна во разгорувањето на конфликтот во југоисточна Украина, и заслужено трпи економски загуби што граѓаните ќе започнат многу скоро да ги чувствуваат поради проширените санкции спрема компании и официјални лица наметнати од САД и Европската Унија.

Некои од лидерите на ЕУ, како оние на Шведска, Полска или балтичките земји, па и на Романија и Бугарија, уште одамна во Путин гледаат автократ. А од пукањето на „руската пролет“ во март годинава, за многумина тој стана бескрупулозен лидер од типот на Садам Хусеин или Моамер Гадафи, кој поради санкциите свесно ја турка својата земја во пропаст. Искуството покажува дека секој еден режим против кого Запад вовел санкции, можеби не така ефикасно студено оружје со одложено време на дејствување во замена за брза воена интервенција што се применува од 1980-тите, денес е паднат, а неговите лидери се убиени или отфрлени на ѓубриштето на историјата како отпадници.

Но, на западен Балкан, во Србија и Македонија, на пример, народните сензибилитети се поинакви. Минатата недела во Белград се одржаа масовни демонстрации за поддршка на „референдумите“ за независност организирани од про-руските милитанти, таканаречените ополченци, во украинската провинција Донбас. Додека со победата на предвремените двојни избори на десничарската власт на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, за многу горди поддржувачи, партиски следбеници и почитувачи на „ликот и делото“ на Никола Груевски, нивниот лидер е некаква македонска верзија на Путин.

Можеби звучи банално, но за жал, тие се во право: исто како Путин, и Груевски покажува автократски тенденции на владеење. Исто како и рускиот лидер кој веќе деценија и пол уверено владее со Русија, и Груевски е воден од опортунизам и во текот на осумгодишното владеење се наметна како доминантна политичка фигура. И исто како својот руски пандан, по сѐ изгледа, и тој нема намера лесно да се откаже од власта во догледно време.

Конечно, како и во Русија на Путин, така и во Македонија на Груевски, макотрпно работат ефикасни пропагандни машини, со нивните тролови, самоцензурираните новинари и потчинети редакции и медиуми, кои успешно им ја продаваат на руската од една и на македонската јавност од друга страна, идејата дека за властите во соодветните земји нема достојна опозиција.

Се разбира, со ова не би сакал да дадам погрешна порака дека Груевески е следбеник на „путинизмот“ чија главна карактеристика, како и во марксистичко-ленинистичките тоталитарни политички системи каков што беше сталинизмот или режимот на Чаушеску, е отуѓеноста на државата од сопствениот народ. Впрочем, одбивањето на претседателот Горѓе Иванов да отпатува за Сочи во февруари како и про-западната линија што нашата дипломатија ја покажа во Обединетите Нации со ескалирањето на кризата во југоисточна Украина, прави од нашиот премиер анти-путинист. Сепак, тоа не го оградува од одговорноста за воведување на многу недемократски практики кои се одлика токму на самиот путинизам, а кои не постоеја за време на владеењето на СДСМ на Бранко Црвенковски и на ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски. Иако не беа безгрешни, Црвенковски и Георгиевски, како и Хари Костов и Владо Бучковски, сите беа водени од демократската идеја за наследност на власта, што не е случај со Груевски.

Одликите на путинизмот се следните: Ефикасно замолчување на опозицијата, критичките гласила, портали, блогери и независните новинари. Исползување на административните ресурси во лични и партиски цели, посебно за време на предизборна кампања. Залагање за лажни конзервативни вредности, хомофобија и барање петтоколонаши. Како и патолошки страв од демократизација и од идејата за наследност на власта.

Дали сето ова ви звучи познато?

Ако се надоврзат саботажите со организацијата на попис на населението и непрочистувањето на избирачкиот список што доведе до организација на нефер и недемократски избори и последователен протест на опозицијата со нејзино излегување од институциите на системот, сликата станува комплетна. Власта на Груевски уверено владее со практиките и ги жнее успесите на петнаесетгодишниот авторитарен режим на Путин.

Кремљ покрај реката Москва и Илинден бр. 2 покрај Вардар имаат уште неколку допирни точки.

На кризата во Украина и анексијата на Крим претходеше војната со Грузија во 2008 и отцепувањето на Јужна Осетија и Абхазија од таа кавкаска земја. Во меѓувреме, останува нерешениот безбедносен проблем со исламскиот екстремизам на северен Кавказ кој влече корени од Чеченските војни кои со тригодишна пауза траеја од 1994 до 2009. Со нерешавањето и вештачката ескалација на безбедносни проблеми и отворање територијални прашања во регионот, Кремљ дома создаде фронт за вечна информациска војна (кај нас познато и како состојба на постојана предизборна кампања).

Конфликтот во Украина, еуфемизмите „надворешен враг“ и „петта колона“ (меѓу другите, олицетворени во антикорупционерот Алексеј Навални, поранешниот вице-премиер Борис Немцов или либералниот ТВ канал Дожд), отварање на културна војна со „декадентните и развратни“ западни општества, се одлична храна за таканареченото тивко мнозинство од провинцијата (наспроти урбаните маси и интелектуалните елити кои протестираа против повторното враќање на Путин за претседател во 2011-2012), кон кое власта оттогаш започна да апелира.

Поигрувањето со националните чувства на Русите е главната внатрешно-политичка агенда на Кремљ во овој период, за да се сврти вниманието од лошото владеење, слабите економски перформанси на најголемата и со ресурси најбогата земја во светот, девалвацијата на рубљата и влегувањето на руската економија во рецесија годинава, прогнозирано од низа меѓународни институции.

За власта на Груевски, проблемот на Грција со името на Македонија дава широк терен за водење слична вечна пропагандна војна. Во зградата на булевар Илинден се смета дека Грција е нашиот исконски „надворешен враг“, додека петтоколонашите како новинарот Бранко Героски, „соросоидите“ предводени од драматургот Владимир Милчин или независниот портал Окно и останатите опозициски медиуми, се поткупени од соседната земја на југ да го „распродадат името“. Соодветно, власта на тој начин си поигрува со националните чувства на Македонците и го оттрга вниманието од најгорливите проблеми - лошата економија, нискиот стандард на живот, највисоката стапка на невработеност во Европа и постојаните етнички тензии.

Ретроспективно, кога првпат беше избран за претседател во 2000 година, Путин беше поддржан од либералите од таканаречниот Питерски клан - Алексеј Кудрин, Герман Греф и Андреј Иларионов, сите тие учествуваа со министерски или советнички функции во текот на неговиот прв мандат. Таканаречените цивилики, спротивно од таборот на силовики кои фактички управуваат со Русија денес како аристократи и феудалци, се граѓански правници, технократи и приврзаници на суштествени реформи и воведување на слободен пазар во Русија. Од негови најблиски соработници, Кудрин и Иларионов денес се жестоки критичари на Путин.

Во чекор со европскиот тренд од средината на минатата деценија, ДПМНЕ и Груевски исто така промовираа технократска и реформска влада. Со воведување на министерство за информатичко општество, прв таков егзотичен ресор во историјата на владите на Република Македонија, како и именување на дваесетина економски промотори, нашата власт се дистанцираше од пасивните развојни политики на претходните влади, промовираше примена на нови технологии во стопанството и проактивно привлекување на странски инвестиции. Еден од најистакнатите и најспособните претставници во втората технократска влада на Груевски беше вице-премиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски, кој демонстративно ја напушти владата и стана критичар на власта, за потоа повторно да се приклони кон политиките на ДПМНЕ за што падна во немилост на јавноста.

Доколку Груевски е македонски пандан на Путин, и Боцевски си има свој руски пандан - Владислав Сурков. Идеологот на Путинската вертикална власт кој во средината на минатата деценија во Русија промовираше „суверена демократија“, еден пост-тоталитарен квази-демократски општествен феномен, што фаќа корени и кај нас, и што Боцевски понекогаш знае така жолчно да го брани. Сурков, исто како и Боцевски, напушти висока позиција во власта во 2013, за потоа да се активира во кампањата на Кремљ за запирање на „мајданската револуција“ во Киев и за распукнување на „руската пролет“.

Патем, по повод ембаргото кон високи руски функционери за патување во ЕУ и САД и замрзнувањето на нивните сметки на Запад, Сурков изјави: „Во однос на Америка, мене ме интересира музичарот Тупак Шакур, поетот Ален Гинзберг и уметникот Џексон Полок. За запознавање со нечие творештво не е потребна виза“. Сурков, кој самиот е поет со неколку издадени книги, ембаргото против него го нарече признание за неговите заслуги пред татковината.

Успехот, како на Путин така и на Груевски, е заснован на поддршката што двата режима ја имаат од тивкото мнозинство во соодветните земји, наспроти урбаната класа и креативците кои традиционално се против нетранспарентните политички системи.

Во денешни услови, Никсоновото тивко мнозинство е едно индифирентно но статистички пресудно гласачко тело. По правило потекнува од провинцијата, речиси не користи интернет, не патува во странство и гледа само државна или провладина телевизија. Ова мнозинство лесно се подава на популистички или милитаристички пароли и може да поддржи воена кампања во соседна земја, како во случајот со Русија на Путин, или масивен културен инженеринг како во случајот со Македонија на Груевски.

Тивкото мнозинство е грижата на совеста на една нација.

Слики: Антон Семенов