Политичката кариера на Јанкуловска треба засекогаш да заврши

26.05.2014 02:13
Политичката кариера на Јанкуловска треба засекогаш да заврши

Во текот на изминатата недела Гордана Јанкуловска постапуваше на начин заради кој треба да ѝ заврши политичката кариера (засекогаш) и треба да биде изведена пред суд (и според моето мислење и да биде осудена).

1. Гордана Јанкуловска ги прекрши Уставот, Изборниот законик и Законот за собранието со тоа што во себе кумулира две функции (на кандидат за пратеник и избран пратеник во Собранието на Република Македонија и министер за внатрешни работи).

2. Во врска со немирите поврзани со убиството во Ѓорче Петров, Гордана Јанкуловска треба да биде повикана на одговорност врз основа на член 319 од Кривичниот законик „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, став 2 „Тој што делото од став 1 го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.“

А) Во улогата на министер за внатрешни работи таа на одредени медиуми им дала информација за името и местото на живеење на осомничениот за убиството во Ѓорче Петров. Од името и местото на живеење може да се претпостави етничката припадност на осомничениот. Со тоа директно влијаеше на предизвикување етнички обоени протести и етнички базирано насилство.

Б) Во улога на министер за внатрешни работи таа изјавила дека „Осомничениот ѝ е познат на полицијата. И досега низ полицискиот систем бил евидентиран за сторени слични кривични дела поврзани со кражби и имотни деликти.“ Доколку е ова точно, тогаш Гордана Јанкуловска го прекршила член 114 од Законот за полиција според кој „Полициските службеници се должни да ја чуваат тајноста на податоците и информациите за кои дознале во вршењето или по повод вршењето на полициските работи, а кои согласно со закон или пропис донесен врз основа на закон претставуваат личен податок или класифицирана информација.“ Доколку тврдењето не е точно, тогаш, Гордана Јанкуловска треба да одговара за клевета.

Со оваа изјава Гордана Јанкуловска ги подгрева веќе раширените предрасуди кај дел од граѓаните во однос на криминалното однесување поврзано со етничката припадност и со тоа директно поттикнува на етнички базирано насилство.

3. Гордана Јанкуловска треба да одговара заради злоупотреба на службената должност. Во улога на министер за внатрешни работи Гордана Јанкуловска не овозможи соодветна истрага во случајот на бришење на видео материјалот на одреден број новинари кои ги следеа протестите поврзани со убиството во Ѓорче Петров. Секторот за внатрешна контрола се наоѓа директно во надлежност на министерот за внатрешни работи што подразбира директно влијание на министерот во работењето на овој сектор. 

Неказнивоста (impunity) на висок функционер (посебно функционер кој раководи со органите за присилба) е неспоиво со демократското владеење и владеењето на правото во една држава.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња