1010 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 03:59
Оваа вест би можела да ги разочара читателите со пенис: просечниот машки репродуктивен орган има повозбудлив ноќен живот од просечниот маж. Додека овој другиот со влегување во РЕМ фазата на сонот станува безмалку катаплексичен – речиси парализиран заради значително намалениот тонус на мускилите – пенисот токму тогаш „станува“. Имено, општопознатата утринска ерекција е само дел од низа спонтани „будења“ кои циклично се повторуваат во текот на ноќта.
Како што мозокот поминува низ своите четири фази од сонот, повторувајќи ги циклично, така пенисот, на приближно секои 85 минути, влегува во еректилна фаза која трае малку пократко од половина час. Сè на сè, 20 проценти од вкупниот ноќен сон на здравиот маж, што во просек приближно изнесува 90 минути, пенисот е во ноќна ерекција.
Станува збор за автономна реакција, последица на работата на биолошките механизми на кои оној кој спие не може свесно да им влијае. Не е поврзана со дневната сексуална активност, односно подеднакво им се случува на луѓето кои редовно практикуваат секс и на оние кои своеволно или принудно апстинираат. Разбирливо, нејзината зачестеност и сила опаѓаат со годините, а утврдена е и позитивна корелација со нивото на тестостерон, кое исто така опаѓа со стареењето на мажот.
Што мислите, дали спонтаната ерекција – нешто над кое оној што спие нема контрола – може да доведе до сериозни проблеми? Ако интуитивно ви се наметнува негативен одговор, тоа е само затоа што ја занемарувате конфузијата која владее во поглед на феноменот на слободна волја и прашањето за одговорност поврзано со него.
Ерекцијата во лош превод
Да го земеме случајот на дваесет и четиригодишниот хетеросексуален Французин кој во 2001 година, веројатно не по своја волја, беше ѕвезда на Годишниот состанок на Асоцијацијата на истражувачи на спиењето во Франција. Едно утро се разбудил со болни повреди на анусот. Иако не се сеќавал ништо, заклучил дека за време на ноќта бил жртва на силување. Лекарскиот преглед потврдил дека аналните лезии се создале заради пенетрација.
Претходната вечер младото момче ја поминало во куќата на својот хетеросексуален газда. Пиеле шампањ покрај покриениот базен и повремено оделе во сауна. Откако сфатиле дека се премногу пијани за да пливаат и да се потат, џентлменски ориентираниот газда на својот млад вработен му понудил да преноќи кај него. Гостинот се упатил кон софата, домаќинот заминал во својата спална соба.
На суд, постариот маж воопшто не негирал дека се случил сексуален чин. Но, затоа што младото момче не се противело и притоа покажувало и значителна ерекција, обвинетиот бил убеден дека сексуалниот однос е доброволен за двајцата. Младото момче го негирало тоа. Спиел цврсто и не се сеќава ниту на ерекциите ниту на сексот.
На почетокот, „силувачот“ бил прогласен за виновен и бил осуден на затворска казна. Во обновена постапка, со изобилство експертски сведочења, судот заклучил дека двајцата актери ја зборувале вистината. Обвинетиот е ослободен.
Сексомнија
Случаите на секс во сон, попрецизно, секс за чие време актерот спие, не се толку ретки. Иако за овој феномен постои и стручен термин, сексомнија, далеку од тоа дека може да се каже дека е истражен. Алфред Кинси и Сигмунд Фројд, на пример, им посветиле многу внимание на мокрите соништа и спонтаниот оргазам, но ниту едниот ниту другиот никаде не споменуваат случај или можност ваквите сонови или спонтани ерекции некого да натераат на дејствување.
Заради прецизност, терминот сексомнија се однесува на иницирање и изведување сексуален чин од страна на оној кој спие, во што се вбројува и мастурбацијата во сон. Значи, тоа би бил спротивен случај од претходно опишаниот со младиот Французин, чија улога во сексуалниот чин била целосно пасивна.
Досега, сексомнијата не е препознаена како дистинктивна појава. Според важечката меѓународна класификација на нарушувањата на спиењето, дефинирана е како подкатегорија на одењето во сон (парасомнија) – феномен кој се среќава кај еден до два проценти од возрасната популација. Сепак, се знае нешто за специфичностите на сексомнијата.
Во списанието Brain Research Reviews, во 2007 година, психобиологот Моника Андерсен и соработниците од Универзитетот во Сао Паоло, објавија анализа на сите студии на случаи на сексомнија печатени во стручните публикации до тој момент. Според нивните наоди, во факторите кои веродостојно корелираат со сексомнијата спаѓаат: депривација на сонот, стрес, употреба на алкохол и дроги, долготраен замор и зголемена физичка активност во вечерните часови.
И жените спијат, зарем не?
Според демографските параметри, прототип на сексомничар е маж на возраст до 35 години. Меѓутоа, и жените спијат. Нивниот мозок поминува низ истите фази и циклуси на спиење како и машкиот, и не е нималку чудно тоа што и кај жените во сонот, првенствено во неговите РЕМ фази, се јавува спонтано сексуално возбудување. Се карактеризира со неволна, автономна лубрикација. Кога ќе дојде до тоа, можен е несвесен acting out, односно сексомнична епизода. Според анализите на експертите, жените во тоа се малку посуптилни од мажите. Имено, не е забележан случај да направиле нешто повеќе од мастурбирање и вербално однесување карактеристично за сексуалниот чин.
Една од најинтригантните карактеристики на сексомнијата е тоа што несоодветното човечко сексуално однесување во сон може значително да отстапува од преференциите и инклинациите кои ги покажува во будна состојба. Тоа нè воведува во приказната за збунувачкиот карактер на сексомнијата и интригантната улога на спонтаната ерекција во контекст на слободната волја и одговорноста.
Инсомничар = автоматон?!
Питер Френвик, невропсихолог и авторитет за прашања за нарушување на спиењето, опиша случај на хетеросексуален кадет кој бил изведен пред суд под обвинение за сексуално вознемирување на друг војник. Колегата го обвинил дека во текот на ноќта му се вовлекол в кревет и му ги допирал гениталиите. Судот се откажал од водење процес, откако бил прифатен аргумент на одбраната дека обвинетиот за време на „нападот“ немал ерекција.
Друг случај, неодамна претставен во списанието Current Psychiatry, како актер има триесетгодишен пејсажен архитект кој во 2003 година многу се опил на една забава во предградието на Торонто и заспал на софа. Подоцна, станал, ѝ се приближил на жената која спиела на соседниот кревет, ставил кондом и започнал сексуален однос со неа. Жената се разбудила зачудено гледајќи го напаѓачот врз себе и сфаќајќи дека во меѓувреме веќе останала без долна облека.
Јан Лудецки, главниот актер од приказната, се нашол пред суд под обвинение за обид за силување. Меѓутоа, со оглед на тоа дека неговото медицинско досие сведочело за долга историја обиди да се избори со проблемот на одење во сон, судот го отфрлил случајот. Важна улога во ослободувањето на Лудецки од обвинението за силување имало и сведочењето на Колин Шапиро, професор по психијатрија на Универзитетот во Торонто. Во улога на експерт, Шапиро го потврдил ставот на струката дека одењето во сон, па и сексомнијата како подвид на ова нарушување на спиењето, претставува таканаречена дисоцијативна состојба, што значи дека актерот не е свесен за сопственото однесување и неговите последици и дека таквото однесување не е резултат на слободен избор, односно волја.
Автоматизам
Однесувањето кое се јавува за време на епизодата одење во сон, во психологијата, а од неодамна и во правната практика, се означува со терминот автоматизам. Неговата меѓународно прифатена описна дефиниција ја формулирал британскиот невропсихолог Питер Фенвик. Според неа, автоматизмот е неволно однесување над кое актерот нема контрола. Според правилото, тоа се манифестира во несоодветни услови и најчесто не е типично за актерот во свесна, будна состојба. Иако може да биде сложено, координирано и навидум насочено и со цел, таквото однесување не е промислено; актерот не го смислил и не го планирал. Најчесто, актерот потоа не може да се сети на настанот, а доколку успее во тоа, станува збор за делумно, конфузно сеќавање на делови од однесувањето.
Накратко, сексомничарот е ласцивен зомби. Во моментов не постои начин веродостојно да се тврди дали кога некој ќе се повика на автоматизам во одбрана пред суд, навистина станува збор за автономно однесување или пак само се работи за добро смислено алиби. Сепак, не се сведува сè на мојот збор против твојот.
Деталната полисомнографија барем обезбедува потврда дека се работи за атипичен сонувач со карактеристики на некој кој страда од парасомнија. Освен тоа, доколку барем е приближно познато времето на заспивање, повторно, помалку или повеќе, веродостојно може да се утврди дали сексомничарот во моментот на спорниот акт бил во РЕМ или во некоја од не-РЕМ фазите на сонот. Понатаму, огромното мнозинство сексомничари во своите семејства се веќе познати дека одат во сон. Се разбира, секоја ознака дека актерот се обидел да ги прикрива трагите и последиците од своето однесување се смета за доказ дека станува збор за лажна сексомнија.
Сексомнијата на личноста со ова нарушување може да ѝ донесе сериозни проблеми и без судски перипетии и оштетено трето лице. Во литературата е познат случајот на дваесет и осумгодишно младо момче кое неколку ноќи неделно се будело со ејакулат на прстите од десната рака. Познавачите му објасниле дека очигледно практикува нешто што експертите претерано го нарекуваат сомнабулна мастурбација. Бидејќи трудот да ја избегне мастурбацијата во сон не вродил со плод, младиот човек, очигледно со силно и ригидно алтер его, себеси си скршил два прста.
Но, сексомнијата не мора секогаш да биде ноќен кошмар. Ординациите на терапевтите за секс и психотерапевтите кои се занимаваат со советување двојки знаат за случаи на жени кои му се заблагодаруваат на бога за сексомнијата на нивните мажи. Верувале или не, не им пречи ниту нивното р’чење за време на сексуалниот однос. Станува збор за презафатени, премногу уморни или емоционално дистанцирани мажи. „Блискоста во сонот“ е нешто кое им оди во пресрет на нивните партнерки.