Атмосферска канализација

26.05.2014 11:39
Атмосферска канализација

Беше доволно само околу половина час да заврне пролетен дожд и да удри град и Скопје да падне во целосен хаос. Се направија разно-разни кризни штабови, градскиот татко вети дека ќе бидат преземени сите мерки, а несреќниците што во тој момент се најдоа во своите автомобили, останаа заглавени по скопските вештачки езера. Како и што се очекуваше, проработеа и теориите на заговор, па од некаде од под дождот повторно исплива фамозниот HAARP со кого, нели, Американците ни ја менуваат климата.

Она што воопшто не се спомна или се спомна многу малку е ноторниот факт дека Скопје нема – атмосферска канализација. Има сѐ: и галии, и рингишпили, и споменици, и нови улици, и катни гаражи, ама, ете, го нема она што би било очекувано да го има. Нема најобични одводи за надојдените води.

Ако им се верува на официјалните податоци, Скопје е покриено со околу 30 проценти со атмосферска канализација и околу 80 проценти со фекална канализација. Во недостиг на вистинската атмосферска канализација, фекалната ја врши нејзината улога, па во случај да настане вистинско, односно подолготрајно невреме, како она од неделата вечер, постојат сите шанси Скопје и буквално да се потопи во – фекалии.

Но, на официјалните податоци не треба да им се верува, поточно треба да се земат со здрава доза на резерва. Имено, атмосферската канализација (онаа што ја има) е во прилично лоша состојба и со несоодветни фи-профили за да може да издржи поголеми порои. На пример, Гази Баба е целосно непокриена со атмосферска канализација, што редовно значи поплавување на најблискиот надвозник (кој наводно има атмосферска канализација, но недоволна) од пороите што се спуштаат од брдото.

Најголемиот дел од канализацијата е направен по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а од тогаш речиси ништо не е работено на овој проблем. Одвреме-навреме, при преасфалтирање на улиците се воведува и атмосферска канализација, но со оглед на тоа како тие изгледаат по дождливите денови, сериозно се поставува прашањето што е всушност сработено. Вториот проблем е кражбата на металните решеткасти шахти, кои се продаваат во старо железо, а градски власти речиси никогаш (или многу ретко) не ги менуваат со нови. На тој начин, одводот се полни со ѓубре (кое, како што е тука обичај, неагилно се чисти) и практично се затнува, односно станува неупотреблив.

Всушност, невремето во неделата вечер беше – добра вест! Тоа само ни покажа колкава среќа има Скопје со климата во последните половина век. Да го погодеше, не дај Боже, циклонот Тамара, како што ја погоди Србија и Босна и Херцеговина, тогаш Скопје бездруго ќе сфатеше што се подразбира под терминот „библиски потоп“. Од друга страна, невремето јасно покажа дека градот првенствено се гради под земјата, а дури потоа над земјата. Односно за да се направи што било, неопходна е и соодветна инфраструктура. За жал, политичката гарнитура што сега го раководи градот и поголемиот дел од неговите општини, повеќе милува видливи проекти, оние што без споменатата инфраструктура, не се ништо друго туку едноставна шминка, која, ете, се вади со неколку капки посилен дожд.

И овој кус, но ефикасен, дожд е доволен да се види целото потемкиновство на најгломазниот и најгламурозниот проект на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, „Скопје 2014“. Уште веднаш во јавноста излегоа дозирани информации за потопување на подрумските простории на градбите, изградени на левиот кеј на Вардар, а за вистинската штета веројатно ќе дознаеме многу подоцна. Не станува тука збор за предупредувањата на разумните дека не би смеело да се гради во толкава близина на реката и дека во непосредната близина на Вардар постојат јаки подземни води, туку пред сѐ за квалитетот на градбата. Луѓето изградија цели тунели под вода (тунелот под Ла Манш), па сепак не се потопуваат. Работата е во едноставното прашање кое постојано виси во воздухот: каде отидоа силните милиони евра, потрошени за овој проект? Слично прашање може да се постави и за скопските улици. И оние скоро реновираните, за кои, значи, се претпоставува дека имаат атмосферска канализација – останаа поплавени!

Атмосферската канализација не е некој нов пронајдок. Напротив. Некоја варијанта на атмосферска канализација постои уште во стариот Рим, во античка Кина, како и во индиската цивилизација. Иако Скопје го има овој проблем и во втората деценија од новиот милениум, модерната атмосферска канализација е производ на индустриската револуција и прашање што се решава во XIX век. Познат е подвигот на инжинерот Џозеф Базалгат, кој во 1858 година го гради канализациониот систем на Лондон, во должина од оклу 160 километри. Овој систем, се разбира, со поправки и соодветно одржување, е уште во функција. Главните сливници се конструирани меѓу 1859 и 1865 година во должина од 720 километри, додека споредните сливници се вкупно долги 21.000 километри. Сличен подвиг прави и Вилијам Линдли, кој во 1863 година го проектира канализациониот систем во Франкфурт на Мајна.

Како и да е, атмосферската канализација е важна за јавното здравје (епидемии од загадена вода), но и за нормалниот пешачки, автомобилски и секаков друг вид урбан сообраќај. Не е, имено, проблемот само со периодот кога паѓа дождот. Водата го еродира тлото, остава дупки и сериозни шанси за поплавување и од многу помали количества дожд.

Значи, нам не ни останува ништо друго туку да гледаме во небото, да слушаме временска прогноза и да му се молиме на Бога да ја задржи својата милост кон нас, барем како во последните половина век.

ОкоБоли главаВицФото