Поплава на глупоста

28.05.2014 09:12
Поплава на глупоста

Поплави во Скопје. Страшно невреме. Потоп од библиски размери. Формиран кризен штаб... Читам и не можам да поверувам. Ало, дечки, за какви поплави зборувате вие, што се будалите?

Не е поплава, бре, кога Скопје се дави во сопствените лајна! Поплава е кога Треска ќе рикне, кога Лепенец ноќум ќе се прикраде, кога Вардар ќе стане океан и ќе ја прелие скопската котлина како од шега. Поплава е она што се случуваше деновиве во Босна и Херцеговина и во Србија.

Скопје, за среќа, одамна го има решено тој проблем. Градот го има својот најголем и највреден инфраструктурен објект, регулацијата на реката Вардар, изградена во „комуњарско“ време. Скопје ја скроти и Треска со „Козјак“. На овој град, едноставно, веќе не може да му се случи поплава како онаа во 1962 година.

Но, Скопје има сериозни проблеми со својата канализациска инфраструктура, неприлагодена на растечкиот град. Ристо Пенов и Трифун Костовски поамбициозно се обидоа да се позанимаваат со она што е под земја, со она што не се гледа и не носи политички поени, а мора да се среди. Потрошија пари и труд, но не стекнаа слава.

Тоа го сфатија груевци. Само за проектот „Скопје 2014“ потрошија безмалку половина милијарда евра. И ете, сега имате згради и споменици што пливаат во лајна, а секој пороен дожд за Скопје сега е „поплава од библиски размери“.

Порано се крадело, сега се градело. Така велат, нели? А народот сакал да гледа како „се гради“. Е па добро, мој народе, сега гледај и изнагледај се! Гаќите ти се мокри и смрдени, ама важно имаш мостови, галии, врби, гомноскоци, плажи и споменици. Уживај!

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња