Дали Тријанон бил толку неправеден?

28.05.2014 10:51
Дали Тријанон бил толку неправеден?

Првата светска војна во Унгарија се толкува преку Тријанонскиот договор со кој на земјата ѝ се одземени две третини од територијата. Во Унгарија тоа се смета за историска неправда. За тоа разговараме со историчарот Кристијан Унвари.

 

Изгледа дека Унгарија е земја во која се најживи сеќавањата и последиците од Првата светска војна. По Тријанонскиот договор Унгарија изгубила две третини од територијата... Денес земјата е „облепена“ со спомен-плочи, „Тријанонската трагедија“ дискретно се провлекува низ реториката на владејачката елита. Како гледате на тоа?

Тоа не ме радува, но денешниот однос кон Тријанонскиот договор во Унгарија е логична последица на повоената политика на соседните држави. Словачка, Србија и Романија по 1920 година имале националистичка политика, баш онаква каква што Унгарија водела од 1867 година. Тоа е политика која пред 96 години ја довела земјата до таков мировен диктат.

Дали Тријанонскиот мир бил толку неправеден? Дали тогашните западни победници навистина треба да ѝ се извинат на Унгарија, како што бараат одредени политичари на владејачката конзервативна партија Фидес?

Тријанон бил неправеден мировен договор, најнеправеден од сите кои се склучени по Првата светска војна. Би било убаво кога победниците би се извиниле - пред сѐ Франција која го протуркала тоа лудило и покрај колебањето на сојузниците. Другите индиректно се извиниле. САД во знак на протест ги напуштиле мировните преговори. Треба да се каже дека извинувањето денес не би решило ниту еден од проблемите. Правото на самоопределување на унгарското малцинство и понатаму би било запоставувано, Унгарците во Словенија и Романија би останале граѓани од втор ред, бидејќи уставите на тие земји зборуваат за национални држави во кои малцинствата се како привремени гости. Последните настани во Словачка и Романија покажуваат дека мнозинството се обидува да го потисне унгарското малцинство, да речеме, со прекројување на изборните единици или единиците на локалната самоуправа, така што во ниту една единица унгарскиот народ нема мнозинство.

Дали обичните граѓани во Унгарија и понатаму се заинтересирани за последиците од Првата светска војна или таквиот впечаток настанува поради реториката на власта?

Тешко е да се процени тоа. Во секој случај владата на Виктор Орбан не се обидува да им се обрати на сите гласачи, туку цели кон гласачите на десничарската партија Јобик. За таа група темите како Голема Унгарија и Тријанон се многу важни. Верувам дека Јобик дури и во Будимпешта има 30% потенцијални гласачи. Сепак, многумина не гласаат за него бидејќи Фидес повешто им ги нуди потполно истите теми и истата реторика. Сигурно е дека прашањето на Тријанонскиот договор е поефектно меѓу градското население. Во руралните предели, да речеме на истокот на Унгарија, со тоа не можат да се добијат многу гласови.

Колку е јавноста свесна за причините кои довеле до Тријанон, на пример, за агресивната унгаризација која е спроведувана од 1867 година?

Историографијата во Унгарија веќе со децении е сложна што се однесува до причините и тие позиции се компатибилни со позициите на историчарите, на пример, во Франција или Германија. Но во Унгарија постои и некој вид научно подземје кое последниве години власта сѐ повеќе го поддржува. Меѓутоа, овие псевдонаучници немаат ништо заедничко со сериозните историчари, освен што наводно се занимаваат со истата професија.

Што вие како историчар би ѝ порачале на унгарската јавност кога е во прашање односот кон Првата светска војна и Тријанонскиот договор?

Тоа не е прашање за еден историчар, бидејќи во голема мера навлегува во теренот на политичарите. Секако, би било подобро кога унгарската политика би ја намалила дозата на демагогија кога се зборува за Тријанон. Добро би било и кога германските институции, на пример фондацијата „Конрад Аденауер“, би ги прекинале контактите со унгарските институции кои негуваат демагошки пристап кон историјата. Тука пред сѐ мислам на будимпештанскиот музеј „Куќа на теророт“ во кој се прикажани комунистичките и фашистичките злосторства. Во тој музеј сѐ што може да се подведе под антикомунизам паушално се глорифицира, додека за антифашизмот и не се зборува. На масовните убијци од Втората светска војна им се оддава почест како на невини жртви. Воопшто, жртвите и злосторниците од времето на диктатурата се претставени како две сосема одвоени групи - преминот помеѓу тие категории не е доловен. За жал, многу жртви истовремено биле и џелати, и обратно.

Какво е во унгарската историографија официјалното толкување на поводот за почетокот на Првата светска војна? Дали се разгледува книгата „Месечари“ на Кристофер Кларк?

Официјалното толкување, односно погледот кој го нудат повеќето историчари, е еднакво комплексен како толкувањето на Кристофер Кларк, чијашто книга годинава излегува и на унгарски јазик. За жал дискусијата за таа книга - која на некој начин е типично германска дебата - не стигнува до Унгарија. Во Унгарија помалку се дебатира за директните поводи за војната, најпосле, унгарската елита не ја ни сакала таа војна, тоа е недвосмислено докажано. Дискусиите и понатаму траат за унгарската политика кон малцинствата пред војната, бидејќи таа политика е една од причините за таквиот Тријанонски договор.

Што младите луѓе во училиштата и на универзитетите учат за Големата војна?

Тешко е воопштено да се одговори на тоа прашање, бидејќи до сега училиштата имаа голем простор во самостојниот избор на учебници и наставен материјал. Од следната година ќе постојат единствени учебници, но тешко е да се процени каде ќе води толку централизираната настава.

Во Германија повеќе никој не се занесува со ревизија на границите кон исток или кога се во прашање Алзас и Лорена во Франција. Дали во Унгарија постои реална опасност да се влезе во конфликт околу границите со соседните земји?

Споредбата со Алзас и Лорена покажува колку се драстични разликите. Тие две области му припаѓале на Германското царство само неколку децении и тамошното германско население во текот на историјата стекнало јасен регионален и локален идентитет. Наспроти тоа, областите кои се отсечени со Тријанонскиот договор ѝ припаѓале на Унгарија илјада години и тамошното унгарско население немало толку силен регионален идентитет. Иако денес ревизијата на границите делува сосема нереално, помеѓу Унгарија и соседните земји - посебно Словачка, Србија и Романија - постојат конфликти поради барањето на унгарското малцинство за автономија. Унгарија ја поддржува таа автономија, додека Словачка, Србија и Романија ја одбиваат. Поради тоа односот на Унгарија со соседите може да се влоши.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото