Зошто сме предавници и непријатели?

28.05.2014 12:04
Зошто сме предавници и непријатели?

Уште една историски срамна пресуда на македонските судови ме натера да ги препрочитам сопствените текстови од 2009 година, обидувајќи се да разберам со што ја заслужив, кон крајот на 2009, распишаната потерница од режимот. Простиот одговор е: Фамилијата се осети загрозена од формирањето на ГЕМ. И затоа со нас, како непријатели и предавници, се занимаваа и Груевски и Ставрески и Бичиклиски и нивните избрани медиумски загари. По повод најновата судска пресуда (само една од илјадниците неправедни приватни пресуди во неправедната приватна држава на Фамилијата), сакам да потсетам на тие времиња (исти со сегашниве, за жал), преку извадоци од четири тогашни текста.

ГЕМ, инаку, на неформален начин, по дебаклот во Букурешт, е создаден кон средината на 2008 година, од Владимир Милчин, Мерсел Биљали, Бранко Героски, Никола Гелевски, Жарко Трајаноски и Роберто Беличанец.


Две минути омраза

Во втората половина на мандатите македонските Влади обично ја заоструваат играта и почнуваат да играат грубо. Сегашнава Влада и во тој поглед е исклучок: таа игра грубо од почеток. Но се држи и до старите непишани правила: како што се гледа загубата на власта, така растат алчноста и насилството. Господ знае кај ќе биде крајот, но работиве не одат на арно. Нападот врз „Фершпед“ испраќа застрашувачки пораки на сите страни: секоја фирма во земјава може да биде национализирана и срамнета со земја од страна на Партијата. Секоја фирма може да биде замената со соодветна партиска фирма. И не постои цена (во луѓе, пари, углед итн.) што Партијата може да ја спречи во намерата.

Што уште велат пораките на Груевски? Не постои државна институција која е доволно партиска. Секоја државна институција може да се гмечи и малтретира до нивото од романот „1984“: не е доволно да ја слушаш Партијата; мора да ја сакаш! Се разбира дека сите ќе дојдат на ред: и комунистите и Евреите и Власите и Албанците и најпосле недоволно правоверните вмровци. Рамковски, Керим, Исмаил и Ризаов веќе беа налепени на одредени плакати: да се абортираат. Да се отстранат како малигни израстоци од чистото македонско ткиво. Вмровецот не е фанатик: се има плакат против абортус, се разбира, ама се има плакат и за отстранување, за здрава национална хирургија.

Страшно е, се разбира, што народот гледа сеир, како да се препушта на општата несигурност. Уште пострашно е што не се гледа крај на насилствово кое станува хронична и долгорочна граѓанска војна. Океј, стопанството ќе биде вмроизирано уште три години. Десетици илјади невмровци ќе останат на улица, а десетици илјади вмровци ќе добијат привилегии и работа. И?! До кога ќе трае тоа? До следниот турнус на одмазди.

Многу нешта во земјава, инаку, освен љубовта кон Партијата, личат на „1984“. Ритуалот на двете дневни минути омраза, да речеме. Да потсетам на романот на Орвел: сите граѓани, сеедно дали се дома или на своите работни места, во текот на денот се изложени на „двете минути заедничка омраза“. На сепресутните телевизиски екрани во тие две минути се емитува сликата на внатрешниот непријател, Голдстејн (инаку, се разбира, Океанија има и цел грст надворешни непријатели), а овластени претставници на Партијата меѓу граѓаните ја разгоруваат омразата спрема Голдстејн. Работите кај нас дотолку се усовршени што веќе не станува збор за две минути омраза туку за часови скапо платена пропаганда...

Вагата што мери вештерки
Утрински весник, 08.06.2009.

Зошто ГЕМ

Дел сум од групата ГЕМ, „Граѓани за европска Македонија“. Изминатиов месец (мај, 2009) одржавме трибини во седум града: Охрид, Гостивар, Ресен, Гевгелија, Берово, Кавадарци и Вевчани. Земајќи ги предвид десетината градови што ги посетивме во февруари, нашата слика за расположението на луѓето низ целата држава стана уште побогата.

Таа слика не е весела. Меѓу граѓаните владеат несигурноста и стравот. Повеќемина учесници во разговорите, речиси во сите градови, ни рекоа дека многумина луѓе не се осмелуваат да дојдат на нашите трибини, оти големото око на Партијата гледа и дејствува. Партијата-строј („домострој“) нашата група одамна ја жигоса како „предавничка“. Ќе сме го продавале името. Сме се натртувале пред европската блудница (која личи на Дора Бакојани, во фантазмогориите на партиските војници на навивање). Сме го нарушувале етничкото единство на Македонците построени под копитото на Букефал.

Од друга страна, и покрај очајанието на граѓаните, и покрај големите закани спрема сите оние што мислат поинаку од Партијата, се уверивме дека сонцето на слободата сепак не е сосема зајдено над нашиот хоризонт. Едвард Берк тврдеше дека има многу малку ум и разум во неслободните општества каде што дури и владетелите немаат никакво мислење, по било кое прашање, пред водачот да им каже како треба да мислат. Во слободните земји често наоѓаме на поголема јавна мудрост и разборитост во дуќаните и фабриките отколку во кабинетите на моќниците во неслободните општества, сметал Берк.

Со оглед на тоа дека го видовме и едното и другото (бедата и неслободата на нашите владетели, како и разборитоста на малубројни луѓе од улицата), сфативме дека живееме во полуслободна земја. За да ги прошириме границите на таа стеснета слобода, ние и го формиравме ГЕМ.

Го формиравме движењето, меѓу другото, за да им се спротиставиме на лесното етикетирање и на погубниот синдром „ние-тие“. За Партијата нашата група е поголем непријател и од Албанците. Прикачени ни се сите зла (предавници, неверници, соросоиди, ненародни елитистички елементи итн.) токму за да може лесно да се експлоатира непресушниот бунар на „ние-тие“ омразите. Партијата знае дека владеењето е многу комотно кога поданиците се цврсто поделени на пријатели и непријатели. Партијата заправо и го произведува синдромот „ние-тие“, и покрај демагошките залагања за единство.

Шверцери на сопствениот живот
Утрински весник, 01.06.2009.


Кој ако не ние?

Нашата основна порака е: КОЈ, АКО НЕ НИЕ?! И КОГА, АКО НЕ СЕГА?! Нема граѓанско и слободно општество таму каде што граѓаните се поданици, кукавици и опортунисти. За правото да се биде граѓанин, да се биде слободен, да се учествува во демократскиот живот - ќе мора да се избориме. Тоа е основната историска лекција. Националната држава не е крај на демократскиот развој на општеството. Ќе треба да се бориме и против деспотијата и против обидите на властодршците да го држат народот во мрак.

Радомир Константиновиќ велеше: “Колку чувството за реалност е помало, толку е поголема нужноста од насилство.” И тоа беше еден од големите мотиви да го осмислиме проектот „Граѓаните за Европска Македонија“; ем да ја намалиме евидентно насилничката атмосфера во општеството, ем да се обидеме да ги соочиме граѓаните со вистинските и реалните европски можности на нашата земја (од кои македонската влада бега како токму ЕУ да е некакво фантазмагорично чудовиште кое ѝ се спротиставува на титанската „реалност“ на челичниот Груевски и неговите медиумски фаланги од лизгачки шкартови предводени од астралните проекции - таму далеку, во бескрајната перспектива на Македонија вечна - на Александар, Филип и Букефал).

Зад превезот на едно масовно кловнирање, нам всушност ни се случува повнатрешнување на деструкцијата, ни се случува редукција на јавниот говор до просташтво, до постојано етикетирање и барање непријатели, по сите основи и линии. А тие тенденции, грубоста, глупоста и глувоста за спротивното, всушност, како нација, нè ништат поефикасно од туѓите непризнавања.

Граѓаните за европска Македонија
Утрински весник, 16.02.2009.

Опозиционерството како патологија

Груевски и неговите наци-болшевици ги доведоа граѓаните на земјава до таков степен на изместеност што опозиционерството го прогласија за патологија! Да бидеш член на СДСМ е пцост! Да сакаш власт, не дај боже, а притоа да не си ВМРО, зборува дека наполно си одлепил од стварноста! И дека ти треба превоспитување! Зарем не е скаредна фарса кога од позиција на власт (и тоа челична, апсолутна власт!) јуришниците на Груевски блујат омраза спрема кој било несреќник (почнувајќи од лицето Б. Ц. па натака) кој негде, скришно, во некаква шупа, сонува за некоја своја мала или голема власт, сонува за време во кое на ВМРО ќе може и да му се наплати по некоја сметка од сегешнава лудачка теревенка во која сите треба да ги маваме шишињата од патос (а некои, полојални, од сопствената глава) во слава на нашиот голем (не мал) боксер-статист?!

Да се разбереме: тонов на денешниов текст е подигнат само зашто власта драматично го повиши тонот последниве неколку недели и речиси најави отстрел на сите оние кои не се на линија на режимот (Партијата прогласи платеници на лицето Б.Ц, Латас прогласи педери, архиепископот прогласи егзарси и анкетари, а Груевски најави финална битка против „транзиционите“, што и да значи тоа; можеби битка против себе, до самоубиство?!).

Екстремизам или идиотизам?
Глобус / Окно, 18.12.2009

Слики: Свирачиња