Сараевскиот атентат

28.05.2014 13:29
Сараевскиот атентат

Вие, Русите[1]  за нас знаете малку, многу помалку отколку ние за вас. Во тоа нема ништо чудно. Вашата земја е голема, имате големи задачи и во многу нешта сте напредувале. Ние, во смисла на општествениот развој, заостануваме зад вас десетици години. Доколку ги погледнете страниците на движењата на нашата српскохрватска, и воопшто југословенска интелигенција, таму ќе најдете многу црти на нашето движење, како изгледаше во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век. А ние ја познаваме вашата идејна историја и ја сакаме, во голем дел ја создаваме самите. Чернишевски, Херцен, Лавров и Бакунин ги сметаме за наши најдобри учители. Ние сме, ако сакате, ваша идејна колонија. А колонијата секогаш заостанува зад метрополата.

Српските области во Австро-Унгарија преживеаја епоха на сериозно социјално вриење, кое има многу сличности со епохата на вашата борба против спахиското ропство. Бунтувањето против старите политички и економски форми го доби својот израз кај младото поколение на интелигенцијата, кое се развиваше во училиштата и универзитетите во Сараево, Загреб, Виена, Прага, Грац, делумно во Белград и поминуваше долги ноќи читајќи социјална и политичка литература. Длабоките социјални промени го подготвија духовното будење. Нашето спахиско ропство, базирано на економската и политичка моќ на српско-муслиманската аристократија, на спахиите, одамна почна да предизвикува земјотреси во сите свои делови, создавајќи земјотреси кај патријархалната народна свест. Големото семејство, кооперациите – задруги, се распаѓаа на мали семејства кои беа потиснати в земја од тешките државни услови. Солидарноста и заемната помош кои постоеја претходно, економските и воените сојузи на големите семејства за заштита на животот и независноста – сето тоа стана минато, а беше заменето со индивидуална осаменост. Нашето општество стануваше посложено, се појавија нови потреби и идеи.

Даноците принудуваа еден дел од населението да бара заработка надвор од татковината. Илјадници и илјадници заминуваа во туѓина: Америка, Романија, Германија, и таму, во суровата школа на наемниот труд, мораа да се приспособуваат на новите социјални услови. Некое босанско село испраќа половина од младите во туѓина, а другата половина служи во војската. Многу села беа опустошени, домаќинствата запуштени, а има многу сиромашни напуштени села, за кои се сеќавам дека пред дванаесет години беа невообичаено напредни.

Од туѓите краишта нашите селани се враќаа поинакви: повеќе критикуваа, беа помалку покорни и така создаваа основа за демократско движење. Тоа ново поколение станува интелигенција на српско-хрватското село и под раководство на школската младина таа организира големи селски здруженија: кооперативни, антиалкохолни, гимнастичарски. Во сите тие организации на интелигенцијата, според можностите, се внесуваше широка национална и социјална идеја. Кај нашиот мрачен и суеверен селски сталеж се разбуди ревносна желба за знаење, се запознаваше стариот свет од нови страни. Училишната младина, која главно се наоѓа на село, се труди да им го предаде своето знаење на селаните, отвора курсеви, основа читални и популарни весници. За време на фериите универзитетската младина организира научно-пропагандистички екскурзии. Во селата и гратчињата во Босна и Херцеговина, Далмација, Хрватска и Славонија приредуваат предавања по медицина, географија и политичка економија. Постојат специјални групи кои ги подготвуваат тие предавања во текот на целата година. Потоа ги објавуваат во весници и брошури и ги дистрибуираат во широки кругови од населението. Ако не се лажам, тоа има многу заеднички нешта со вашиот период на комитетите за писменост и посети меѓу народот, само со таа разлика што ние во нашето дејствување имавме многу поголема слобода. Секоја југословенска покраина имаше свои периодични изданија, посветени на народот, неговите потреби и желби, кои околу себе ја собираа интелигенцијата под знакот за враќање на долгот на народот. Постарите поколенија на руската интелигенција ќе разберат веднаш кога ќе се сетат на своето минато.

Природно, нашите изданија беа насочени против австриската политика, но тоа беше само глас на разбудена љубов кон народот, а не глас на свесна политичка мисла. Меѓутоа, како што растеше движењето, така повеќе се будеше политичката мисла.

Нашиот најголем идеал беше Зора која редовно излегуваше од 1909 до 1914 година во Загреб, Карловци, Виена и Прага. Зора ја уредуваа бегалци од сите наши покраини и таа беше како официјален орган на новата национално-социјална свест, која ја соединуваше целата југословенска младина на универзитетите и училиштата, во татковината и во туѓина. Колку целиот труд лежеше на грбот на студентите се гледа по тоа што весникот не излегуваше за време на летниот одмор. Во Зора првпат на српски се појавуваат извадоци од списите на Петар Кропоткин за нихилизмот и за тајниот литературен кружок Чајковски.

Паралелно со социјалната идеја, потиснувајќи ја постепено, се јавува и националната. Зора посветува особено внимание на личноста и делото на Мацини, особено во последниот период од своето постоење. На карбонаризмот му се посветуваат низа благородни текстови, а во една брошура се објавува заклетвата на организацијата на Мацини, Млада Италија. За нас, тоа не беше историски документ туку зрела песна. Уредништвото одржуваше активни односи со бугарската младина и тежнееше кон основање голема национално-социјална партија во краиштата на Јужните Словени.

Целото тоа движење, расфрлано, со многу премини и организациски ограноци, имаше огниште во престолнината на Србија, во Белград. Оттаму често доаѓаа нетрпеливи удари, кои будеа одлучна акција.

Како една од централните фигури во Белград беше Љубомир Јовановиќ, директор на весникот Пиемонт. Називот на тој весник зборува сам по себе. Јовановиќ беше Мацини на Млада Србија. Многу висок, сув, со големо чело, неуморен работник и доследен аскет, фанатичниот агитатор на Млада Србија, Јовановиќ, патуваше во сите српски краишта, често пеш, зближувајќи се со земјата и луѓето, запознавајќи се со истакнати политичари, создавајќи врски, давајќи правец и одејќи напред. Тој одлично го познаваше бугарскиот општествен живот и имаше лични пријатели меѓу македонските лидери.

Уште како студент во Брисел, работејќи по 14 часови дневно во кралската библиотека, тој се воздржуваше од сè и штедеше пари за идниот весник во кој водеше своја пропаганда со апостолски жар. Сите поистакнати елементи на југословенската младина доаѓаа во скромното уредништво на Пиемонт за да го видат и слушнат Љубомир. Таму можеа да се сретнат конспиратори од сите покраини на Австро-Унгарија и Македонија. Сите молчаливо го признаваа Јовановиќ како централен комитет на движењето, кој ветуваше дека ќе го ослободи и обедини нашиот народ. Сите југословенски млади луѓе го знаеја неговото име, во нашите кружоци за него се раскажувани бајки.

Во март 1903 година, непосредно пред крвавиот преврат во Белград, Љуба Јовановиќ заедно со, тогаш младиот, Димитрие Туцовиќ, беше организатор на бурните демонстрации против кралот Александар. А следната година го основа весникот Словенски југ. Програмата на тој весник е – национално и социјално ослободување на југословенските краишта под Австрија. Во тоа време тој влијаеше на сиот наш живот можеби повеќе од кој било друг. Тој е ранет кај Криволак, каде и умре, за време на српско-бугарската војна, борејќи се во редовите на српската војска како наредник.

Бев кај него во уредништвото на Пиемонт во септември 1911 година. Седеше сам, се потпираше ниско на столот. Пишуваше статија за утрешниот број на весникот.

-Еве вака! Вие сте бакунинист... Нашите мисли се допираат. Но, погледнете ја реалноста па ќе се сложите со мене: треба повеќе да се засили движењето за национална идеја, инаку ќе пропадне. Треба да се алармира, да се трансформира душата, да се зајакне.

Често го гледав околу седум часот навечер, кога излегуваше од уредништвото, задлабочен во своите мисли, како загадочна сенка. Кога и да помислам на Србија, секаде ја гледам неговата апостолска појава над српскиот хоризонт.

Хрватската младина се собираше околу весникот Виор, кој излегуваше во Загреб 1912 година. Тој весник имаше антиклерикален карактер, предизвикан од многу силните влијанија на клерикализмот во католичка Хрватска. Најистакнат идеолог на таа група беше слободоумниот книжевен критичар Митриновиќ, толкувач на нашиот генијален скулптор Мештровиќ. Митриновиќ беше еден од најдобрите говорници во нашата земја, тој ги посети сите српски краишта со реферати за моралната солидарност на Југословените, за нивната литература, поезија, сликарство, вајарство. Во таа иста група е Владимир Черина, кој го претставуваше мацинистичкиот правец, кој го предводеше во својата покраинска библиотека „За народот“. По атентатот на Јукиќ на хрватскиот бан Цуваја, јавните организации беа затворани секаде. Виенските весници, секој на свој начин, ги сожалуваа новите тенденции на хрватската интелигенција; меѓутоа, некои во исто време бараа Хрватска да добие месна автономија и политичка слобода. Таков став заземаа Arbeiter Zeitung и делумно Zeit.

Во Словенија младината се групираше околу Препород, кој излегуваше во 1912 година под градските цензорски прогони. Групата Препород несомнено беше најактивна и најметодична во својата работа. Како лидери на движењето се јавија наши студенти од германските универзитети, затоа што Словенците немаат сопствен универзитет.

Еден дел од словенечката интелигенција беше под влијалние на виенските клерикалци. Духот на политички извици и кариеризам завладеа во нивната средина. Против тој сервилно-користољубив правец се подигна Препород. „Ние веруваме во животната сила и силата на нашата раса – пишуваше тој во првата статија – и веруваме во иднината. Ковачи, исковајте силни карактери и нескршлива волја!“ Поддржувачите на Препород себеси често се нарекува ковачи. Весникот објави фотографија од Петар Кропоткин и писма од Александар Херцен за полското востание во 1863 година. Тоа беше последниот број на Препород. Го забранија веднаш потоа.

Првпат се сретнав со словенечката младина во Виена, 1911 година. Моите соговорници, кои подоцна го организираа уредништвото на Препород, беа истапиле од распаднатата старорадикална организација на словенечката младина. Тие сакаа поактивна борба и бараа врски со српската и хрватската младина. По два-три разговори во кафеаната „Јозефинум“, најдовме поволна основа за заедничка акција.

-Чесните луѓе секогаш наоѓаат заеднички пат, зарем не, Слободане – ми рече по еден состанок најстариот од моите нови пријатели.

Тоа навистина беше почеток на српско-словенечкиот сојуз за ослободување. Во текот на наредната година на помали собири изградивме основи на програмата и тактики. Од таа идеолошка лабораторија излегоа како Препород така и Зора. Словенците се одлични организатори; долгото страдање и борбите на нивното несреќно племе го зајакнаа нивниот карактер. Со својот практично трезвен правец тие беа незаменливи соработници за нас идеалистите-сонувачи.

Во Сараево движењето се групираше околу весникот Младина кој со преводите на Херцен и другите руски писатели воспитуваше цело поколение. Јас ѝ припаѓав на малата група во која беше Принцип со своите другари, кои раководеа со весникот Младина. Преведовме брошура на Бакунин за Комуната. Неа, покрај другите брошури кои ги издадовме, организаторите ја растурија низ целата земја. Често се расправавме за она за кое и вие сте се расправале во свое време: за социјализмот, за судбината на народот, за методите на борбата. Во нашите редови немаше сериозно разидување, како што ниту во нашите идеали немаше голема определеност, но сите бевме убедени дека е можно само со страшна борба да се ослободи народот и да се спаси српството.

Со огромна љубов го читавме романот на Чернишевски Што да се прави, застанувајќи со восхит пред силната фигура на аскетот Рахметов. Заради еден Рахметов ние со љубов ја сакавме млада Русија. Не можевме, ниту сакавме да веруваме дека современата руска интелигенција го претворила Рахметов во Сањин. Ние го поддржувавме херојот на Чернишевски колку што можевме. Во статутите на нашите групи влегуваше задолжително воздржување од љубов и вино. Ќе ми верувате ако кажам дека сите се придржувавме до правилата. Секоја вечер се собиравме во источниот дел од Сараево, во сиромашна соба на еден од нашите другари. Читавме нови статии на српски и на странски јазици, извадоци од книги, ракописи за Младина. Делејќи ја работата меѓу себе учевме и ние, за да можеме да ги учиме другите.

Јевтиќ, најначитаниот меѓу нас, поет добро познат на српската младина, раководеше со нашата работа. Во име на нашата група тој се допишуваше со истомисленици од целата земја, раководејќи со образованието на новите групи во внатрешноста. Бледолик и нервозен, со кадрава коса, смел и полн со фантазија, тој за нас беше неспорен литерарен авторитет.

На собирите на нашата група, Принцип, најмладиот меѓу нас, секогаш мрачен и скромен, беше повлечен. Тој избегнуваше теоретски расправии, но секогаш бараше книги и едноставно ги голташе. Принцип е син на еден мал трговец од некое село во близина на Ливно, Грахово. Во тој дел на Грахово некогаш живееле српски ајдуци кои воделе крвава борба против своите угнетувачи, Турците. Селаните од Грахово создадоа поезија која ги прослави подвизите на големиот ајдук Стариот Вујадин и неговите синови, Милиќ и Груица. И сега, старите и младите Срби сè уште плачат кога ќе ја слушнат песната на селаните од Грахово.

Кога имал четиринаесет години, Принцип почнал да се самообразува. Еден дел од својот гимназиски живот го поминал во Белград, во оној дел од градот кој се вика Зелен венец, во тој Латински кварт на српската престолнина. Таму, секој ден во кафеана се среќавал со српски револуционери и повеќепати слушал дека треба да се израмнат сметките со главниот непријател на српството, Фердинанд Хабсбуршки. Со мал раст, ситен но силен и издржлив, потемнет, речиси црн, со лице на кое внатрешниот пламен веќе му изрежал остри црти, Принцип ги поминувал ноќите над книга. Главно ги читал оние книги во кои се зборува за акција. Принцип поминал неколку ноќи на гробот на Жерајиќ во Кошево. На дрвениот крст изрезбал два збора: Богдан Жерајиќ, а гробот го украсил со цвеќе кое го донел од Сараево.

На нашиот кружок му припаѓаше и Илиќ, фактички организатор на Сараевскиот атентат. Откако завршил учителска школа, некое време бил селски учител во Херцеговина, но не можел да се соживее со учителскиот повик и брзо се вратил во Сараево.

Во 1909 година заминува од земјата и оди во Швајцарија, без средства, талкајќи од гратче до гратче. Одел пешки од Цирих до Берн, Лозана и Женева и по неколку месеци се вратил во Босна. Нам, кои не бевме излегле од Босна, ни зборуваше дека бил во Женева и ние го слушавме како што муслиманите го слушаат аџијата кој се вратил од Мека. Во Босна почна да го преведува Горки, а пред последниот атентат почна да го издава својот орган Ѕвоно. Веднаш, во првата статија, тој ја нагласи неопходноста Југословените да се ослободат од австриското ропство. Тоа се случи токму во деновите на големиот сараевски заговор, три недели пред историскиот 28 јуни. Во едно друго писмо тој ми пишуваше – јас тогаш веќе се наоѓав во странство – дека останал сам во уредништвото на Ѕвоно и ме повикуваше да му помогнам. Тој пишуваше дека босанските краишта се будат, дека расте свеста во сите слоеви од општеството и дека неговиот весник наидува на неочекувано добар прием. Во Дервента, на пример, работниците приредиле концерт во корист на Ѕвоно, кој станал познат и луѓето почнале да го поддржуваат. Последната поштенска картичка ми ја испрати од Херцеговина, каде замина заради работи околу Ѕвоно и каде веројатно бил закажан состанок со конспираторите од Југот. Под неговиот потпис напишал неколку зборови и еден наш другар, еден од малкумината кои ја избегнаа катастрофата...

Ѕвоно стануваше поборбено во секој број. Весникот беше последен книжевен споменик на нашето поколение, кое толку брзо изгоре во огнот на народната борба.

Последен пат, Илиќ, заедно со Принцип, ми пиша неколку дена пред атентатот. Тие ми кажуваа за внатрешните раздори во нашиот претходен кружок, кои предизвикуваа нови околности; но, и за тоа зборуваа двосмислено и заплеткано. Можеби некои другари биле против настаните од 28 јуни и се обиделе да извршат морален притисок на групата која по секоја цена сакала да дејствува.

Се чувствував тешко, читајќи го ова вознемирувачко писмо, кое го напиша Принцип, а со неколку реченици го дополни Илиќ. Јас се подготвував да им одговорам, смирувајќи ги, но во тој момент низ цел свет се слушна што направил Принцип. Мојот млад другар не помислуваше дека неговиот херојски куршум ќе ја предизвика сегашната светска војна. И, верувајте ми, дека кога ги читам воените извештаи во мојата глава се врти страшна мисла: Зарем навистина ние го направивме сето тоа?


[1] Пишувано во Париз, во емиграција, на Барање на Лав Троцки, 1915 година

 

(Пиемонт, 1915)

Извор: Градац, бр. 175-176-177, 2010.

Слики: Питер МекДајармид, Сцени од Првата светска војна сто години подоцна

ОкоБоли главаВицФото