Приштина, љубов на втор поглед

28.05.2014 16:37
Приштина, љубов на втор поглед

Елиза Хоџа дипломирала на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Приштина, каде и денес предава. Магистрирала на Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија. Нејзините колумни, кои проблематизираат различни аспекти на современа Приштина, минатата година се укоричени во книгата со наслов „Градот и љубовта“, што е и повод за овој разговор.

За што се зборува во вашата книга и како настана?

Сѐ почна спонтано. За време на студиите во Белгија темата на мојата магистерска беше историскиот развој на Приштина. Бидејќи немаше многу материјали и документи, почнав со собирање и пишување приказни за градот. Самата колумна ја започнав како револт кога градските власти започнаа реконструкција на средишната приштинска пешачка зона без јасен проект, а имаше уште некои поводи. Колумната ја нареков „Урбан дневник“, кој ги опфаќаше не само физичките промени во ткивото на градот, туку и социјалните и културните компоненти. Од 2007 година се насобраа многу материјали, па со поттик од колегите започнав да работам на книга која би го обединила сето тоа. Книгата е поделена на три основни поглавја:„Град и идентитет“, „Ветениот град“ и „Градот и фантазијата“, а во последниот дел пишував за духот на градот, алтернативната сцена и останатото, т.е. за сето она што ја идентификува современа Приштина како главен културен центар на Косово. Самиот наслов на книгата произлезе од конфузната ситуација во градот, на кој, ми се чини, му недостасува љубов.

Приштина е град на кој му недостасува љубов

Приштина првпат стана главен град по Втората светска војна. Од тогаш до денес, од мала османлиска населба, прераснува во град со околу 200.000 жители во потесното и околу еден милион жители во метрополитенското подрачје. Радикалната модернизација, започната уште во периодот на социјалистичка Југославија, е период во кој Приштина всушност и стана град, но во потполност го смени идентитетот?

Престанокот на традиционалниот начин на живот и новиот пристап кон архитектурата по Втората светска војна во многу градови на Косово, а особено во Приштина, почна со нападот на genius loci. Драстични промени се случија во име на напредокот, братството единството и слободата, односно во име на модернизацијата. На новиот социјалистички поредок му требаше нов град кој требаше да биде во хармонија со урбаните центри на Југославија, така што елементите на урбаниот просперитет на Приштина се од политичка природа. Со тогашното уништување на старото јадро на Приштина исчезна и добар дел од нејзиното урбано педигре. Ставот беше дека сè што има врска со минатото треба да исчезне. Имено, она што се воведуваше не беше нова традиција туку традиција на новото. Рационализацијата на формата се противеше на секаква локална традиција, складно со глобалниот тренд на тоа време. Косовските градови во тоа време добиваа универзален карактер, станаа слични, со слични елементи како и другите урбани центри во земјата. За градовите се вели дека никогаш не се исти и предвидливи, но во Приштина тие промени беа предвидливи и тоа со цел создавање на југословенски идентитет и „нов социјалистички човек“ како нешто што во иднина би довело до успешно решение на националното прашање на Косово и Југославија. Во потрага по тој нов идентитет - под слоганот на братството и единството од една страна и правото на Албанците за развој на сопствениот јазик од друга страна - се создаде простор за двоен идентитет.

Во име на напредокот и модернизацијата, новиот пристап кон архитектурата по Втората светска војна почна со напад на genius loci

Што сè процесот на модернизација му донесе на градот?

Новиот град донесе можност за Албанците од Косово да го прифатат современот начин на живот, образование, а со тоа и еманципација. Новата архитектура му даде препознатлив изглед на градот, објекти како што е Националната библиотека, зградата „Боро и Рамиз“, печатницата Рилиндја (Преродба) Гранд Хотел итн. Отворањето на Архитектонскиот факултет во Приштина беше исто така момент кој значајно придонесе Албанците да бидат повеќе вклучени и повеќе да придонесат во процесите на носење одлуки и обликувањето на градот, бидејќи дотогаш проектите, плановите и визиите за развојот на Приштина и другите косовски градови се одредувани, па и наметнати од Белград. Седумдесетитте и осумдесетитте години се сметани за „златно време“ на Косово. Токму тогаш многу од познатите згради во Приштина се започнати, некои и завршени, а некои до денес останаа незавршени, најмногу заради политичката и економската криза која започна во осумдесетитте и траеше и во деведесетитте. Режимот на Милошевиќ тогаш ја укина и автономијата на Косово и им го одзеде правото на Албанците на два темелни столба за развој на општеството: образованието и медиумите.

По укинувањето на автономијата на Косово, центарот на Приштина стана транзитна зона, а образованието и културата се одвиваа во приватни куќи на периферијата, така што приватните куќи станаа град за Албанците

Како апартхејдот на Милошевиќ се одрази на општеството и на самиот град?

Во тоа време е организиран паралелен систем на образование на албански јазик, кој се одвива по приватни куќи. Тие услови создадоа двојна карта на Приштина, една за Албанците и една за Србите. Средиштетото на градот со јавната инфраструктира како што се јавните установи, станува транзитна зона, а сета таа активност на училиштата, универзитетите и другите јавни услуги како културата и здравството се одвиваат на периферијата во приватни куќи. Градот станува дом за новодоселените Срби, а приватните куќи стануваат град за Албанците. После десет години пасивен отпор, илегалноста и неформалноста во секој аспект кулминираше со војната во 1999 година, кога српската војска депортираше повеќе од половина од албанското население на Косово за два дена. Долги редови луѓе се упатуваа кон приштинската железничка станица и се качуваа на воз за Скопје, кој не сообраќал со години. Ничија земја на границата со Албанија и Македонија стануваа местата на кои три месеци живееја илјадници луѓе за време на бомбардирањето на НАТО на Србија и Косово.

Споменикот на независноста на Косово е откриен на Денот на прогласувањето на независност во 2008. Денес ги содржи знамињата на сите земји кои ја признаа Република Косово.

Каква е ситуацијата денес?

Повоениот период донесе типично повоени опасности. Кога во 1945 е создадена новата социјалистичка Југославија, државата била таа која е одговорна за развојот, но и деструкцијата, а денес тоа се поединци кои уништуваат во градот во кој сè се приватизира, па поимот јавно губи на значење. Она што го нарекувавме итна архитектура што го произведуваа меѓународните сили на Косово, набрзо е заменето со турбо архитектура. Непостоењето на јасен јазик на архитектурата во тоа време е компензирано со сè што може да ви падне на памет. Фактот дека граѓаните имаа слобода беше револуција сама по себе, а имаше и свои последици и нов тренд кој нема никаква врска со наследството на модернизмот. Потребата на косовските Албанци да се дистанцираат од модерната архитектура е момент во кој се изгубени и многу вредности на модерното општество.

„Итната аритектура“ која ја произведоа меѓународните сили на Косово е заменета со „турбо архитектура“

Во тој простор привременото стана трајно, бидејќи од една страна преовладуваше мислењето „сега и никогаш повеќе“, а од друга, тука е и неизвесната иднина и занемареното минато кое никој не го сака. Ако ја согледаме архитектурата како отворена книга на времето во кое живееме, начинот на кој луѓето градат е воедно и начин на кој го гледаат општеството, а се плашам дека јазикот кој го гради Приштина е сосема неповрзан.

Споменикот на братството и единството во центарот на Приштина

Некои од најдобрите примери на модернистичката архитектура во Приштина се Националната библиотека на Косово, која ја проектираше хрватскиот архитект Андрија Мутњаковиќ и Центарот за спорт и млади, т.е. зградата порано позната како „Боро и Рамиз“, која ја проектираа Живорад Јанковиќ, Среќко Еспек и Халид Мухасиловиќ. Имаат ли тие вредни објекти споменички статус, односно, како ги доживуваат денес граѓаните на Приштина?

Ниеден од големите модернистички проекти од времето на социјализмот сѐ уште не е под формална заштита, а тоа ги вклучува и двете важни згради кои ги спомнавте. Имено, согласно со законот за културно наследство, еден од првите критериуми за некоја зграда да влезе во процес на инвентаризација и заштита е нејзината старост, т.е. мораат да бидат стари барем 50 години за воопшто да се разгледува нивната заштита како потенцијални споменици на културата. Секако, постојат и други критериуми. Она што ме загрижува е колективниот став кон тие објекти и воопшто објектите изградени во времето на социјализмот, кои се доживуваат како симболи на тоа време кон кое постои одреден отпор.

Националната библиотека на Косово е довршена во 1982 година по проект на архитектот Андрија Мутњаковиќ

Центарот за спорт и млади, некогаш наречен „Боро и Рамиз“, а денес „Адем Јашари“, остана недовршен поради економската и политичката криза во осумдесеттите. По војната дел од објектот настрада во пожар предизвикан од генераторите кои се употребуваа поради недостиг на електрична енергија. Тој факт некои луѓе на позиција на моќ го гледаат како можност објектот да се урне, т.е. со оглед на локацијата таму да се изгради нешто друго. Од друга страна, многумина инсистираат на тоа дека тој и слични објекти се архитектонски вредни, препознатливи елементи на градот и дел од колективната меморија и секако треба да се зачуваат. Што се однесува до ставот на јавноста, исто е и со библиотеката на Мутњаковиќ чија фасада остана недопрена, иако зградата одвнатре во многу делови бара интервенции и обнова поради неодржувањето. Исто така, проблем е и дополнително внесениот мебел кој не е во склад со оној изворно проектиран за тој објект.

Што е со паркот околу библиотеката?

Јавниот простор околу библиотеката е само делумно решаван и тоа секој пат поинаку, зависно од тоа кој управувал со зградата, а никогаш како нешто што треба да се сфати како дел од целина, нешто што ќе ја поврзува внатрешноста и околината на зградата, односно нешто што може да го унапреди просторот и градот. Имено, библиотеката е сместена во средиштето на универзитетскиот кампус, кој е сместен во центарот на Приштина. Неговиот потенцијал го надминува Универзитетот бидејќи станува збор за простор кој функционира како граѓански, јавен и во кој се наоѓа културен центар со библиотека како главна содржина.

Еден од ретките јавни паркови во центарот на Приштина е ограден и не е достапен за јавноста

Ако го изземеме тој неодамна делумно засаден парк околу библиотеката, очигледно е дека на Приштина многу ѝ недостасуваат јавни паркови. Истовремено, големиот парк во најстрогиот центар на градот, оној покрај Центарот за спорт и млади, е ограден и затворен за јавноста. Зошто? Зарем тој парк кој се наоѓа покрај јавна институција и ѝ припаѓа не би требало да биде отворен за граѓаните за слободно користење?

Идејата за оградување на јавните институции и јавните простори дојде од ОН, по војната. Разбирлив е контекстот на повоеното време и потребата да се заградат од безбедносни причини. Но, оградувањето потоа стана општа пракса на локалците. Последица е тоа што денес сите јавни институции се оградени, од зелениот простор околу зградата на владата до зоната околу студентскиот дом, па и споменатиот парк. Можеме само да се прашуваме од кого се штитат. По војната стана потребно да се овозможи движење низ Косово на сите негови народи, а сега треба да промовираме и слобода на движење за жителите на градот. Апсурдно е како образецот за движење на пешаците во Приштина е одреден од оградите кои изникнаа насекаде.

Образецот на движењето на пешаците во Приштина е одреден од оградите кои изникнаа насекаде

Изразито лоши примери на рецентната архитектура во Приштина се новата православна и католичка црква, двете во овој момент уште недовршени. Неодамна е спроведен и меѓународен конкурс за централна џамија кој резултираше со подобри предлози, но победи несреќното решение на трага на споменатите цркви. Како го коментирате тоа?

По распадот на социјалистичка Југославија, зајакнувањето на религијата беше последица на национализмот, а потоа и своевиден чадор за различните етнички групи. Православната црква е вметната од режимот на Милошевиќ на просторот на универзитетскиот кампус и во тоа време беше одраз на тоа „кој е газда“. Од друга страна, сликите на албанскиот народ со џамии во позадина во предвоениот и воениот период беа она што официјален Белград го испраќаше во светот за да ја лансира својата страна од приказната. Првиот претседател на Косово, Ибрахим Ругова, тогаш испраќа друга порака така што положува камен темелник за католичка катедрала во центарот на Приштина, чин со кој почнува приказната дека народите на Косово секогаш живееле заедно и дека нашето општество секогаш било мултиетничко и мултиконфесионално. Во секој случај, катедралата не е направена како што е планирано, туку е значително зголемена и со значително повисока камбана и се гради без план и почитување на контекстот во кој влезе, а дополнителнта зграда која ѝ е придодадена да не ја спомнуваме.

Католичката катедрала во центарот на Приштина се гради без план и почитување на контекстот

Пораката која може да се прочита од двете цркви во центарот на градот е „овде сум“. Денес ситуацијата е таква што православниот храм остана недовршен и никогаш не е употребуван, а католичката катедрала е исто така недовршена, но и преголема за малата заедница која живее на Косово. Но, тие два објекта сега доминираат во центарот на градот. Токму тоа беше и поводот за муслиманската заедница да поднесе барање за нова централна џамија. За жал, повторно се инсистира на најтесното градско средиште кое веќе е оптоварено. И пак се враќаме на истата појдовна точка, т.е. тврдењето „овде сум“. Проектот на џамијата кој е избран, за жал е кич и секако не е најдобар на конкурсот. Вториот кој влезе во најтеснот избор, онаа студија на Садар и Вуга, беше многу подобро решение. Сметам дека градот треба да обезбеди простори за најразлични потреби, но дека изграбата на тие простори треба да бидае одраз на нашето време, новата архитектура и новиот јазик. Ниедна од овие згради не го промовира тоа, туку тие се одраз на минатото, а како последица го имаат тоа што испраќаат порака дека луѓето живеат во минатото, а не со минатото. Сето тоа не помага во процесот на закрепнување.

Второнаградениот предлог на конкурсот на Садар и Вуга за централна џамија во Приштина и анахроното победничко решение

Дали би издвоиле некои неодамна изградени или планирани објекти за Приштина, а кои би ги карактеризирале како добра архитектура?

Има малку објекти кои би ги издвоила, посебно како некои нови знаци на архитектурата на Косово. Но, има некакви придвижувања, па би можела да ги споменам проектите за двете училишта во Приштина на локалното студио Урбан Плус, а би го споменала и амфитеатарот на Правниот факултет, кој го проектираше архитектонското студио Мурсели.

Пешачката зона со споменикот на Скендербег

Главната пешачка улица во Приштина, Мајка Тереза, неодамна е сосема преуредена. Како гледате на резултатот?

Она што го гледаме на булеварот Мајка Тереза е производ на проект кој немаше соодветен процес. Граѓаните не беа вклучени во донесувањето на одлуките. Некои велат дека таа улица е многу жива и се согласувам со тоа, меѓутоа, фактот дека улицата е исклучително жива лежи во тоа дека тоа отсекогаш ќе биде така сѐ додека тоа е единствената пешачка улица во градот. Освен тоа, не постои ниту еден друг истакнат квалитет на тој проект за преуредување. Се работи и за булевар во кој албанската и косовската историја во 21 век е материјализирана со соцреалистички споменици и каде згора на сѐ кафулињата и рестораните го узурпираат јавниот простор во значителна мера. Проблем постои и во фактот дека со пешачката зона градот е поделен во две зони, без соодветно решение за мобилноста.

Пешачката зона и споменикот на претседателот на Косово Ибрахим Ругова

Постојат ли некои локални граѓански иницијативи кои се занимаваат со просторните прашање во Приштина?

Од неодамна некои иницијативи се занимаваат токму со урбаните прашања и јавните простори. Некои од нив се „Ec ma ndryshe“, Центар за урбани студии, „Урбаниак“ итн.

Приштина баш и не може да се нарече убав град, но тоа е град кој има исклучителна атмосфера. Како вие би го опишале градот?

Приштина е град кој треба да го искусите за да се заљубите во него.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото