Јазол од цевки, направен поради црквата, го поплавува плоштадот со фекалии

29.05.2014 08:59
Јазол од цевки, направен поради црквата, го поплавува плоштадот со фекалии

Вината за делумното поплавување на скопските улици не е во количеството дожд што пред три дена наврна во Скопје (само 37 литри на квадратен метар), туку во неажурноста на градските власти и застарената, лошо проектирана и лошо одржувана атмосферска канализација, тврдат познавачи на оваа проблематика.

Уште во проектирањето, поставената атмосферска канализација не кореспондира со подоцнежниот градежен развој на Скопје, нејзиното нивелирање е непрофесионално изведено, а одржувањето е лошо, со постојано неисчистени шахти, одводи и канали. Згора на сѐ, овој хроничен проблем на Скопје дополнително се влоши со неуките и скандалозни решенија за одводната мрежа, наметнати од проектот „Скопје 2014“. Најеклатантен пример е измената на главниот колектор на отпадни води, под плоштадот, пред зградата на ЕВН, каде што требаше да се гради црквата „Св. Константин и Елена“.

Професорот Мирослав Грчев вели дека главниот бетонски скопски канал по наредба на сегашните градски власти на длабочина од четири метри е премостен под остар агол во десно, па во лево, па повторно во десно, односно во „П“. Острите агли собираат потврди предмети кои пред речиси седум дена го затнаа токму овој канал, па водата од низа скопски региони, па и таа од строгиот центар не може да истече во Вардар. Тој нагласува дека лага е оти наводните електрични и телефонски кабли го затнале овој канал.

„Во 2009 година го оштетија каналот, а сега кога се затна, измислија дека се виновни каблите. Лажат. Струјните кабли секаде се поставени на минус 80 сантиметри под земја, а само во исклучителни случаи е на минус 100 сантиметри од земјата. Лага е дека некој на четири метри под земја ископал дупка и така си копал на таа длабочина за да ги постави тие кабли по цела длабочина. Проблемот е во тоа што тој канал се затнува, ги одвраќа водите кога има големо количество вода, а токму таа „П“ блокада е причината за непријатната реа на самиот плоштад Македонија. Згора на сѐ, направија и пет шахти. Триесет и седум литри не се никаков проблем за да направат ваква ситуација каква што имавме во Скопје. Проблемот е во тоа што атмосферската канализација не се надградува, обновува, а згора на сѐ, не се одржува постојано“, оценува Грчев.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, вели дека проблемите на Скопје се многу големи, дека се под земја, а нема чиста документација за сето она што е на површината. Тој вели и дека при големи поплави како во БиХ и во Србија, половина Скопје би било урнато, а мостовите на Вардар во центарот би биле уништени од галиите.

Костовски вели дека фекалната канализација мора да доживее генерална реконструкција.

„На фекалната канализација ѝ е потребна генерална реконструкција, бидејќи во времето кога била предвидувана, Скопје требало да биде град со 300.000 жители, а сега функционира со повеќе од еден милион популација во работни денови. На атмосферската канализација никогаш не ѝ се посветуваше соодветно место во реалноста на функционирање на градот и објективно таа не може да се направи во текот на еден мандат“, вели Костовски за Либертас.

Тој вели дека главните проблеми во Скопје се под земја, бидејќи нема катастар, без оглед дали станува збор за оптички или електрични кабли, за канализациска или гасоводна инфраструктура.

„Нема ни да има напредок доколку овие проекти не бидат детектирани и реализирани. Не дај боже да ни се случи тоа што се случи во Србија и во БиХ. Бидете убедени дека денес половина град Скопје ќе беше урнато. Мостовите први ќе беа урнати бидејќи бродовите што се стационирани по коритото на Вардар, водата како виша сила ќе ги однесеше, а со тоа ќе го уништеше и највредниот споменик на Скопје, Камениот мост. Да не зборувам за другите зданија на брегот. Препораките од Кензо Танге и Циборовски, дека во Скопје не смее да се гради објект поблиску од 20 метри од регулираното корито на Вардар, денеска не се почитуваат“, вели Костовски.

Тој напоменува дека потценувањето на природата е фатално за луѓе што не умеат да го разберат фактот дека и ние сме дел од природата и дека природните циклуси и појави, како поплавите и земјотресите, се неизбежен дел од севкупното функционирање, но, вели, голем дел од штетите може да се превенираат со добра организација и инвестирање во вистинските потреби на градот.

Од друга страна, пак, актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, вели дека атмосферската канализација е причината поради која на некои места дојде до значително зголемување на нивото на водата откако во неделата невремето го погоди Скопје.

„Клучката кај Континентал и подвозникот кај Стоковната куќа Мост и натаму остануваат најкритични места бидејќи таму нема проектирано систем на атмосферска канализација што може да се справи со толкаво количество вода“, вели Трајановски.

Експертите оценуваат дека ако не се преземе нешто навреме и не се започне со генералка на скопската атмосферска канализација, следниот пороен дожд, кој ќе биде повеќе од 40 литри на квадратен метар, ќе предизвика невидени проблеми. Според нив, ќе имаме големи проблеми ако на скопското сливно подрачје наврне тоа количество вода, а Вардар, кој има средна проточна вредност од 174 метри кубни во секунда, ќе се прелее ако за 24 часа постојано врне повеќе од 80 литри на квадратен метар. Токму целата отпадна вода од Скопје истекува во Вардар, чии долни заштитни бедеми се проектирани да издржат 1,4 метри максимална висина на вода, а горните бедеми на кејот, кој е граден пред триесетина години, тогаш е утврден да додржи вода до максимални 1.300 метри кубни во секунда, но оттогаш до денеска тој не е реконструиран. Вардар во скопската околија направил четири поплави. Првата е во 1935 година кога низ коритото протекле 1.056 метри кубни во секунда, две години подоцна истекле 1.080 метри кубни во секунда, во 1962 година 1.310 метри кубни во секунда и во 1979 година кога низ главното корито минале 980 метри кубни во секунда кои поплавиле дел од Тетово, селата по течението на реката и скопско Маџари.


Објектите од „Скопје 2014“ магнет за поплави

Во невремето во неделата со вода се наполниле подрумите на Стариот театар и Министерството за надворешни работи како и подрумските простории на Уставниот суд. Од водата кај овие објекти има видливо оштетување на фасадите, а во изминатите два дена градежниците повторно се вратија да ги поправат и заѕидаат нови ѕидови во МНТ.

Поплавите на подрумот доведоа до прекин на претставата „Вечна куќа“, која во моментот играше на сцената, а присутните гости беа евакуирани.

Пред една година, исто така во мај, беа поплавени подрумските простории на Археолошкиот музеј и на Уставниот суд, откако се зголеми нивото на Вардар.

 


„Водопади“ во Хирургија и на Детска клиника

Вода од поројните дождови и проблематичните одводи им предизвикаа мака и на управите на Детска клиника и на Хирургија, каде што под вода беа подрумските простории. За среќа, водата не направила голем проблем, а вработените се изначистиле вода бидејќи не се користеле моторни пумпи за да не им пречат на болните. Двата главни лифта на Детската клиника завчера не функционирале бидејќи и нивното корито во подрумот било потопено. Подземниот влез каде што се носи и храна и репроматеријали за Хирургија, исто така делумно бил поплавен.

 

„Културата“ прва прокиснува

Салата „Империјал“ во МОБ е поплавена зашто канализацијата избила во подрумските тоалети, а за среќа, спасени се музичките инструменти. Во невремето прокиснала и плочата поради затнат олук од градот, па пробите нема да се одржуваат додека салата не се оспособи, соопшти управата на Македонската опера и балет.

На Музејот на македонската борба се забележува лупење на дел од фасадата, а во делови од Археолошкиот музеј имало протекувања.

Фасадата на Музејот е оштетена на неколку места, а во внатрешноста некаде има и влага. Наводно, како последица од слабиот завчерашен земјотрес отпаднало парче од фасадата.

Во Музејот на современа уметност имало мали протекувања од стаклениот покрив, додека во Музејот на Град Скопје исто така се санираат малите протекувања на приземјето и во подрумските простории.

Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото