Разоружете се

29.05.2014 11:22
Разоружете се

Одвраќање, тој речиси заборавен збор, полека се враќа во употреба. Јастребите повторно цвркотат - повеќе оружје значи повеќе сигурност. Од демонстрациите во бонскиот Хофгартен поминаа 33 години. Тогаш 300.000 луѓе протестираа против нуклеарната војна и двојниот заклучок на НАТО[1], меѓу нив и Бел, Еплер, Кели, Алберц. Сега генералниот секретар на НАТО повторно покажува кон Москва и зборува за „повик за будење“, а Süddeutsche Zeitung заклучува дека би требало „да разговараме за убедливи методи на одвраќање“.

Логиката на одвраќањето беше бесмислена од самиот почеток. Што би се случило ако советскиот сојуз во 60-тите вмаршираше во Западен Берлин? Интерконтиненталните ракети ќе останеа во силосите. Само идеолозите на одвраќањето веруваа дека некој американски претседател би го жртвувал Њујорк за веќе изубен град. Тогаш не е случајно тоа што англиската кратенка за стратегија на двострано уништување гласеше MAD.[2]

Ситуацијата се промени со Першинг II. Ракетите со среден дострел можеа да ја ограничат нуклеарната војна само на Европа. Тоа би било логично, но само од американски агол. Со тоа за Советскиот сојуз времето за рано предупредување е скратено на само 7 минути. Москва тогаш распореди ракети со краток дострел во Источна Германија со време за рано предупредување од само две минути, што значи дека воопшто го немало. Оние кои денес сакаат да распоредат оружје на границата со Русија би требало да го имаат ова предвид и да се сетат на зборовите на Егон Бар: „Бевме беспомошни објекти“.

Сега НАТО заклучи дека Балтикот не може да се брани со конвенционално оружје. Тоа значи дека воопшто не може да се брани. За Балтикот важи истото што некогаш важеше за Западен Берлин: рускиот напад би го распарчил западниот сојуз, но не би довел до голема војна. Веројатно нашите лидери имаат барем толку разум. На Путин му се префрла дека се нафрлил на цела Украина, Балтикот и кој знае уште што. И покрај неодамнешната изјава на „големиот политичар“ принцот Чарлс, Путин не е Хитлер. Тој не сака голем светски пожар, според славните зборови на еден кормилар на германските подморници од Првата светска војна: „Светот ќе се тресе од пеколниот звук на германскиот пад.“

Сепак, мораме да поставиме едно прашање. Кого ние навистина треба да одвратиме? За време на војната во Грузија руските тенкови Т-72 не можеа да се движат навечер, а многу отежнато се движеа во лоши временски услови. Руската војска од тогаш е модернизирана, но Грузија беше во 2008.

„Бази не постојат таму каде што се навистина неопходни“, изјави неодамна полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски. Прашање е дали НАТО би донел повеќе безбедност во Полска, но пари секако. Општините кои се наоѓаат во близина на НАТО во Ахен во Германија годишно заработуваат околу 257,8 милиони евра.

 


 

[1] Двојниот заклучок на нато е одлука од 12.12.1979, со која на Варашавскиот пакт му е понудено обострано намалување на бројот на ракети со среден и краток дострел, проследено со закана дека во случај на одбивање НАТО ќе распореди дополнителни ракети со среден дострел во западна Европа.

[2] Mutual Assured Destruction - осигурано двострано уништување

Извор: Spiegel, 26.05.2014.

ОкоБоли главаВицФото