Опис на работната соба

29.05.2014 14:40
Опис на работната соба

Работна соба. Кога ќе го слушнам тоа, секогаш се стресувам како да лажам, зашто јас всушност ништо не работам, па не ни можам да имам работна соба. Работата е понижувачка, робовска активност, пораз на сѐ што е човечко. Мрзливоста е природна состојба на човекот, како што убаво објасни и со животот потврди Емил Сиоран.

Она со кое јас се занимавам главно не е работа туку е уживање, кое повремено со мака се прекинува. Уживам во читањето и веќе одамна не читам нешто во што не уживам, а тешкотијата е во пишувањето. Но, ни пишувашњето не е работа.Тоа е мака, но не понижува.

Кога би морал да се сведам на само една животна активност, само би читал. Ако за миг поверуваме во реинкарнација, во некои од претходните животи сум бил - текст. Рачно пишуван, книжевен текст. Читањето е копнеж за враќање во прасостојбата. Ми се допаѓа она христијанско верување дека човекот е создаден од зборови.

Ова е, значи, соба за читање. Или не е тоа. Ова е соба во која престојуваат книги. Ги читам насекаде низ куќата, во дневната, во тоалетот, на скалите и на терасата. Откако се пополнети сите полици, книгите се слеваат по подот и растат како сталагмити. Главно им го знам распоредот, скоро секоја можам да ја пронајдам, но некои се заробени во темелите на столбот,така што подобро и да не ги извлекувам, зашто сталагмитот би можел да се сруши.

На еден и пол слободен ѕид има слики. Собата е на поткровје, па едниот ѕид го нема, претворен е во дрвена косина, на чие дно, веднаш над масата за пишување, има мала слика со религиска содржина, насликана на веќе зарѓана метална плочка. Прикажува сообраќајна несреќа, автомобил превртен на покривот, околу него луѓе, а одозгора Богородица, во многу раскошен иконографски приказ. Сликата ми ја пратија едни пријатели од Њујорк. Со неа некое непознато мексиканско семејство ѝ се заблагодарува на Богородица. Додека виси на мојот ѕид, дваесет илјади километри од претпоставеното место на несреќата, таа слика не е украс. Религиските слики не можат да бидат украс. Меѓутоа, таа содржи приказна, а јас сум тој кој на себеси и на другите им раскажувам приказни. Не се мешам во Божјата надлежност.

На полиците, помеѓу едноредите и дворедите од книги, стојат различни статуетки, фигури, модели... Некои имаат вредност, како алабастерскиот Dandy, кој го купив во една белградска антикварница, не прашувајќи за цена: другите се евтини сувенири - Св. Бенедикт, купен во сувернирницата на Monte Casino, или модел на советскиот автомобил ЗИС 110 (Завод имени Сталина) од 1946, кој како и сите други фигури за мене има документарна вредност...

Би сакал да напишам книга за оваа соба, во која би било опишано секое нешто, би била раскажана приказната за секој предмет. И за оваа црвена фотелја на која седам, на која се лулам, уверен дека нема позгодно место од неа на светот. Би биле опишани и некои книги, важни заради местото и времето во кое се купени, заради напишаните посвети или замислениот пат кој го поминале пред да дојдат до мене. И на крајот, би следувал библиографски попис на сите тетратки кои тој ден се затекнале во собата. Тоа би била уште една подебела книга. Би сакал да ја напишам, иако тоа е голема мака, губење од времето за уживање...

Одговор на една новинарска анкета

11.05.2014

Извор: www.jergovic.com
Слики: Anne Schreivogl

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото