Винтиџ сликовници: See and Say, од Антонио Фраскони

30.05.2014 10:42
„See and Say“ - четиријазичната сликовница на Антонио Фраскони

Антонио Фраскони (1919-2013) е уругвајско-американски визуелен уметник, роден во Буенос Аирес, Аргентина, но уште како дете со семејството се преселува во Монтевидео, Уругвај, каде што ги поминува детството и младоста.

За време на Втората светска војна, една изложба за импресионизмот и постимпресионизмот организирана од Французите во Латинска Америка ќе изврши големо влијание врз него: уметниците како Ван Гог и Сезан ќе ја обземат неговата имагинација. Сепак, она што најмногу ќе го привлече е делото на Пол Гоген.

По завршувањето на Втората светска војна, тој се сели во САД, каде работи како градинар во Santa Barbara Museum of Art. Интересно, токму тоа е музејот каде што ќе се одржи неговата прва индивидуална изложба, местото од каде што почнува неговата афирмација како уметник.

Иако е најпознат по неговите принтови на дрво, Фраскони е добитник на голем број признанија за илустрациите на детски книги, а особено внимание привлекуваат неговите авторски илустрирани книги, од кои повеќето се повеќејазични.

Подолу може да ги погледнете илустрациите на Фраскони од книгата „See and Say“, сликовница на четири јазици.

Извор: myvintagebookcollectioninblogform.blogspot.com