Гогољ и бесценетиот руски гас

30.05.2014 11:34
Гогољ и бесценетиот руски гас

Дали аномалните мајски температури од над 33 степени во северната престолнина минатата недела предизвикаа аномално однесување на политичката елита на Русија?

На годинешниов Санктпетербуршки меѓународен економски форум, наречен суетно и „руски Давос“, се случија неколку отклонувања од вообичаениот протокол.

Доколку во текот на изминатите форуми свитата на претседателот Владимир Путин во градот на Нева се задржуваше само еден ден, па и неколку часови, овојпат се задржа повеќе денови. На потпишувањето на бизнис договорите помеѓу стратешките енергетски ентитети како Росњефт и повеќе странски компании, Путин не доцнеше со часови, позната навика на претседателот, правејќи ги нервозни присутните топ менаџери и официјални лица. Овојпат, на неговиот настап на пленарното заседание, во повик кој звучеше како молба, тој им укажа да не подлегнуваат на притисоците од нивните влади со ембаргото за Русија, да дојдат да инвестираат во земјата и да жнеат дивиденди.

Штета што Македонија не беше претставена со владина делегација. Годинава на форумот беше најреално да се одржат билатерални средби Груевски-Медведев или Иванов-Путин. Такви средби успеа да договори администрацијата на поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски во 2008, кога тој имаше билатерелка со неговиот тогашен колега, Дмитриј Медведев, на што старо-новата власт во Скопје треба да му позавиди.

Елем, на врелото мајско сонце, во прекрасниот изложбен комплекс Ленекспо на брегот на Фински залив, Русите, како Диоген со ламба на бел ден во Атина, бараа барем еден висок европски официјален претставник. Се разбира, не можеа да најдат. Со агресивното однесување кон Украина и свесното разгорување на војната, Москва, за жал, го извалка аманетот што го остави основачот на царската престолнина, императорот Петар Велики, дека градот е „прозорец преку кој Русија гледа во Европа“.

Минатата година главен гостин на форумот беше германската канцеларка Ангела Меркел, а учествуваа министри и премиери од балтичките и земјите од источна или северна Европа. Политиката со санкциите наложи западните влади да го бојкотираат главниот руски бизнис настан. Иако некои беа претставни само на амбасадорско ниво, Македонија не беше претставена на никакво.

Дали поради некаква директива од Брисел или предрасуди дека тоа ќе влијае негативно за нашето можно зачленување во НАТО на самитот во септември, нашата влада не собра храброст да се постави независно, да ја искористи конјуктурата и да ќари некаков повеќемилионски руски инвестициски проект.

„Гасни“ долари

Малку и за куриозитетите на форумот. Во текот на вториот дел од пленарната сесија Путин користеше чист гогољевски јазик. На прашањата на настојчивиот модератор Џеф Катмор од американскиот канал Си-Ен-Би-Си, тој ги нарече Украинците со погрдниот израз хохли и им побара пари, 3.5 милијарди „гасни“ долари што Киев ѝ должи на Москва, на американскиот претседател Барак Обама му порача да си најде друга работа, а на Катмор му посочи дека е страшен и неадекватен да ја води дебатата. За Путин, Едвард Сноуден е борец за човекови права и Русија такви луѓе не предава.

Речникот на претседателот руската јавност го опиша како селански и лозов. Ништо чудно - шефот на државата одамна користи паланечки дискурс кога им се обраќа на широките народни маси од провинцијата, каде власта ја црпи легитимноста. Паланечката реторика насочена кон меѓународната заедница е трезвена последица на, според Кремљ, апсурдните санкции.

На форумот на големо се дискутираше за енергетскиот договор помеѓу Русија и Кина. На пример, на петочната дебата „Промени во енергетската мапа на глобалното снабдување со гас“, Алексеј Милер, претседател на Газпром, порача дека со договорот Европа го загубила пазарот со гас, ќе трпи пораст на цените и дека алтернативите како гас од шкрилици или транспорт на течен природен гас од САД и Блискиот исток се неисплатливи и засега недостижни.

Во својот говор Милер го погреба поимот глобален пазар, и, применувајќи ја познатата Путинска реторика за крај на еднополарниот свет, светската економија ја раздели на три одделни независни пазари - азиски, европски и американски. Флоскула од најчист вид.

Оваа, како и неколку други панел сесии на кои учествуваа низа високи владини лица, всушност беа дел од официјалната пропаганда, која постојано трубеше дека Русија, ако сака, може многу лесно да ги промени своите геостретешки цели како одговор на ембаргото и во пресрет на рецесијата. Во смисла, нам не ни треба Европа, ние сега се дружиме со Кинезите.

Во вакви услови, европските лидери би го бојкотирале самитот и да не беа санкциите.

Зделката на векот - утка

Но, секое чуда за три дена. Колку договорот за долгорочно снабдување со гас на Кина е всушност навистина „зделка на векот“? Информациите што стигнаа веднаш по потпишувањето се дека таа е во висина од 400 милијарди долари, за снабдување на 38 милијарди метри кубни гас годишно во текот на 30 години. Најкрупен енергетски договор во поновата историја.

Како прво, за Кинезите да користат руски гас тој треба физички да стигне кај нив. Затоа, во рамките на договорот Русија се обврза да инвестира над 50 милијади долари во изградба на гасовод од гасните полиња на Далечниот исток до границата со Кина. Проект кој ќе чини многу повеќе од Северен и Јужен поток заедно, двата руски гасоводи во Европа. Значи од старт, вредноста на договорот всушност се намалува за 50 милијарди, правејќи го нерентабилен.

Второ, Милер не ја откри договорената цена на гасот. Но, според количината поделена со годините, се дојде до една средна бројка од 350-360 долари за 1,000 кубни метри. Со оглед на тоа дека Европа во моментов плаќа 380-400 долари, и троши речиси 162 милијарди кубни метри руски гас годишно, руско-кинескиот договор паѓа во втор план, и треба да се смета како диверсификација на руската ресурсна економија, а никако независност од ЕУ.

Зошто добога тогаш се крена таква прашина?

Ако државната Гаспром во Европа има стабилен пазар за снабдување со гас со изградена инфраструктура за пренос (станици и гасоводи), и ако Германија, Австрија, Чешка или Полска плаќаат повисоки цени за гас, логично е да се претпостави дека на Русите таков долгорочен проект не треба им биде приоритетен. Цените на нафтата и нафтените деривати се непредвидливи и тешко е да се прогнозираат долгорочно.

Затоа, на европскиот пазар се популарни „спот“ зделките, кога плаќањето се спроведува веднаш и купувачот моментално станува сопственик на суровината. Гаспром секогаш бил против овој начин на водење бизнис поради својата монополска позиција, и од ЕУ земјите бара долгорочни договори за снабдување. Овде е присутен и политичкиот момент - колку подолго некоја земја зависи енергетски од Москва, толку полесно таа станува лесен геополитички плен.

Но, ситуацијата со Кина е сосема поинаква. Пекинг одамна гледа во рускиот Далечен исток територија за своја експанзија. Ако некаде при крајот на 2020-тите се покаже дека обновливите енергенси се многу поисплатливи отколку јаглеводородните, Кина многу лесно може да се откаже од рускиот гас, и Русите не ќе можат да направат којзнае што освен „да молчат в трјапочку“. Дефинитивно, зделката на векот би била утка, а изградениот гасовод неупотреблив.

Конечно, како во скандалозната изградба на нафтоводот Источен Сибир-Тихи Океан 2006-2010 кога државните чиновници украле 4 милијарди долари (тајниот документ на федералната ревизија го објави Алексеј Навални), но и како при изградбата на олимпиското Сочи, соодветно, корумпираното чиновништво и пријателите на Путин во планираниот гасовод до Кина гледаат уште една одлична можност за ненормално збогатување.

И овојпат се покажа дека руската авантуристичка и клептократска власт работи на штета на народот. Нејзиното однесување во Санкт Петербург и не било така аномално.