1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Убиството што на 19 мај се случи во населбата Ѓорче Петров во Скопје и етничките немири што следеа потоа, даваат слика за Македонија што ги алармира сите, или подобро кажано, сите, освен оние што ја креираа и контролираа оваа ситуација.
Немирите избија минатата недела откако беше уапсено лице осомничено за убиството на 18-годишно момче, по што беше објавено дека се работи за Албанец.
Жртвата, етнички Македонец, во понеделникот беше избоден до смрт, откако претходно го фатил лицето што го украло неговиот велосипед. Полицијата наскоро го уапси осомничениот и го објави неговото име, идентификувајќи го како Албанец.
Десетици лица беа уапсени во дводневните насилства што уследија откако група хулигани се обиде да премине во населбата Сарај, во која главно живеат етнички Албанци. Полицијата реагираше и ги спречи, но, не пред демонстрантите во населбата да демолираат и запалат продавници чии сопственици се Албанци.
Во првите извештаи за убиството објавени на провладините портали, стоеше дека млад Македонец бил убиен со секири и копач.
Додека тензиите на улиците почнаа да растат, омилениот новинар на премиерот, Миленко Неделковски, стартуваше емисија во живо на владиниот медиум, Радио слободна Македонија, при што на вулгарен начин, полн со говор на омраза, ја направи ситуацијата уште позатегната.
Следниот ден, адвокатот на обвинетиот тврдеше дека оружјето со кое е извршено убиството всушност ѝ припаѓало на жртвата и дека убиството било чин на самоодбрана.
Во секој случај, доколку името на напаѓачот не се откриеше веднаш и на ваков начин, актите на етнички мотивирана омраза и насилство можеа да се избегнат.
Етничките тензии се ендемски проблем во Македонија. Без разлика дали се работи за тепачки во автобуси, во училишта, во спортски сали или на улица, сеедно. Она што е важно е дека тензиите се високи, постојани и може да еруптираат во секоја прилика.
Со години, овие длабоки поделби по етничка, верска и политичка линија, се користат како средство за создавање високотензична клима на етничко непријателство во предизборните периоди.
Таков беше случајот и со локалните избори што се одржаа минатата година, а иста атмосфера беше создадена и одржувана за време на претседателските избори во мај.
Всушност, етнички базираните политики на несогласување меѓу двете владејачки партии, ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција, ДУИ, беа причина за свикување на паралелни предвремени парламентарни избори.
ВМРО на изборите играше на картата на национализмот, барајќи од народот да им даде апсолутно мнозинство во парламентот за да не бидат заложници на нивниот албански партнер.
И ДУИ, во текот на сите овие години, ја играше истата игра. Оваа помала, албанска верзија на партијата на Груевски, ги потхрануваше истите тензии, со кои се вжештуваше климата на национализам кај Албанците. Во исто време, партијата послушно ги следи сите клучни одлуки на владиниот партнер.
Од политички наследник на Ослободителната народна армија, ОНА, албанска герилска група која се судри со безбедносните сили во 2001 година, ДУИ се претвори во политички огранок на партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа не изненадува што оваа партија во последно време почнаа да ја нарекуваат УЧК-ДПМНЕ. Всушност, таа е послушна алатка на Груевски, со кого заедно го пренасочува вниманието на јавноста, често дури и без да им се каже.
Долгите години што заедно ги поминаа во владата, создадоа ситуација во која, дури и ако не постои експлицитна спогодба меѓу двете страни околу потребата за спроведување на таквите политики, сигурно постои премолчен договор меѓу нив за постигнување на заедничката цел - непречено владеење и употреба на изобилство привилегии и пари што доаѓаат со одржувањето на власта.
Во меѓувреме, длабоката политичка криза и недостигот на дијалог меѓу власта и опозицијата, како и меѓу главните играчи во владата, го зголемија етничкиот јаз.
Оваа ситуација само го охрабрува насилното однесување. Општество кое беше сведок, но, кое никогаш не ги излечи раните отворени на 24 декември 2012 година, кога опозицијата и новинарите беа избркани од парламентот, не може да се надева на ништо подобро, освен на дивјаштво, како она што следеше по убиството во Ѓорче Петров.
Истото важи и за насилството што се случи пред изборите врз семејство Албанци во скопската населба Радишани, кое доби силна етничка димензија.
Истите елементи се содржани и во епизодите на насилство во автобусите во Скопје, во пресрет на локалните избори.
И убиството на петтемина Македонци во близина на Скопје, во април 2012 година, фрли темна сенка врз етничките односи и ја покажа кршливата природа на целокупната стабилност на земјата.
Во секој од овие случаи, но и во многу други, владините институции или поточно, институциите на партиско-политичките структури на власта, одигра срамна улога.
Одамна требаше да стане јасно дека етничките тензии и омраза се користат за да го одвлечат вниманието на јавноста од вистинските проблеми со кои се соочува државата и општеството.
Наративот е создаден за да се прикажат етничките Албанци како внатрешен непријател од кого Македонците, со сите средства, мора да се заштитат. Спасителот на нацијата, се разбира, е премиерот Никола Груевски.
Овој концепт на постојани поделби и тензии што го промовира владата се огледува и во однесувањето на нејзините медиумски мегафони, кои најдобро ја шират омразата меѓу луѓето во оваа држава.
Етничките тензии проследени со насилство може да бидат скапа игра, но оние што ја имаат контролата, жнеат голема политичка добивка.
Систематското кршење на човековите права и слободи, потиснувањето на слободата на медиумите, сиромаштијата и корупцијата, остануваат невидливи под напливот на оркестрираниот шовинизам и етничките, верски и политички поделби.
За жал, веројатно ќе дојде до нови тензии и насилство меѓу двете етнички заедници, бидејќи не постои никаков знак за искрени промени.
Извор: Balkan Insight
Слики: Свирачиња