1018 hPa
43 %
22 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 13:59
Последниот гег Чарли Чаплин го изведе пренесувајќи половина од својата награда во благајната на свештеникот Пјер. На крајот на краиштата, така се воспоставува природната еднаквост помеѓу пролетерите и сиромашните. Чаплин пролетерите секогаш ги гледаше како сиромашни: од таму ја црпеше човечката сила на своите прикази, но и нивната политичка двосмисленост. Тоа добро се гледа во прекрасниот филм Модерни времиња. Во него Чаплин постојано навлегува во пролетерската тема, но никогаш не ја смета за политичка: ни го покажува сè уште слепиот и измамен пролетер, кој го одредуваат неговите непосредни потреби, а општото отуѓување е оставено на милост и немилост на господарите (работодавачите и полицајците). За Чарли Чаплин, пролетерот е и човек кој што е гладен. Кај Чаплин гладот секогаш се прикажува епски: сендвичите се несразмерно дебели, млекото тече во потоци, немарно се фрла овошје кое некој едвај го гризнал: како да се потсмева, машината за храна (на работодавачот по својата природа) нуди само исечкани и видливо блуткави намирници. Во стапицата на својата изгладнетост, човекот - Чаплин секогаш се сместува веднаш под цртата на политичкото освестување - за него штрајкот е катастрофа, бидејќи го загрозува човекот кој е навистина заслепен од гладот: тој човек се придружува на работата дури во моментот кога сиромашниот и пролетерот заедно ќе ѝ паднат во очи (и на пендрек) на полицијата. Во историска смисла, Чаплин донекаде го покрива работникот од времето на Реставрацијата, надничарот кој е огорчен на машината, обезглавен од штрајкот, прикован за проблемот за леб (во буквална смисла на зборот), но сѐ уште не е способен да продре дотаму да ги спознае политичките причини и да бара колективната стратегија.
Но, токму затоа што е олицетворение на некој вид на сиров пролетер, на кого револуцијата сè уште му е туѓа, ликот на Чаплин има голема репрезентативна сила. Уште ниедно социјалистичко дело не успеало толку потресно и сеопфатно да го изрази понижувањето на работникот. Единствено можеби Брехт ја насетил нужноста социјалистичката уметност секогаш да се занимава со човекот непосредно пред револуцијата, т.е. со осамениот, сè уште слеп човек, во моментот пред „природниот“ вишок на неговите неволји да го натера да се просветли и сфати дека му е потребна револуција. Покажувајќи го работникот кој веќе се вклучил во свесна борба, подредувајќи се на заедничките Работи и Партијата, другите дела известуваат за нужната политичка реалност, но без естетска сила.
Меѓутоа, ликот на Чаплин во склад со замислата на Брехт, ѝ ја покажува својата слепотија на публиката на таков начин што публиката истовремено го гледа и слепецот и просторот во кој настапува - кога ќе видиме некој што не гледа, тоа е најдобар начин продорно да го видиме тоа што тој не го гледа: така во куклениот театар Гињол токму децата на Гињол го пријавуваат она што тој се преправа дека не го гледа. На пример, во својата ќелија, додека го мазат и пазат чувари, Чаплин води идеален живот на американски малограѓанин: со скрстени нозе, чита весник под портретот на Линколн, но прекрасната самодоволност потполно го обезвреднува тој живот, на човек му ја ускратува можноста да најде засолниште во него, а да не забележи колку тој уште толку го отуѓува. И најмалата стапица во која ќе западне така станува празна, па сиромашниот е постојано отсечен од она по кое копнее. Накратко, токму затоа човекот Чаплин победува сè: бидејќи се измолкнува од сè, отфрла каков било облик на здружување и во човекот не вложува ништо освен самиот човек. Иако може да се расправа за нејзината политичка природа, во уметноста неговата анархија претставува можеби најделотворен облик на револуција.
Извор: Roland Barthes, Mitologije, Naklada Pelago, Zagreb, studeni 2009.