1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 05:59
Презир? Дали е тоа она што нашата канцеларка го чувствува кон луѓето? Презирот стои наспроти почитта, а ниеден политичар не покажува помалку почит кон европските гласачи отколку што тоа деновиве го прави Ангела Меркел. Двајца кандидати сакаа да станат претседател на Европската комисија. Изборите се одржани. Конзервативецот победи. Европскиот парламент му вети поддршка. Но Ангела Меркел вели: „Чекајте!“
Озлогласениот европски „демократски дефицит“, причина за големо незадоволство, има свое лице и опачина.
Ангела Меркел по изборите изјави: „Жан-Клод Јункер е нашиот кандидат за претседател на Европската комисија. Разговараме за тоа како да започнеме консултации помеѓу Европскиот совет и парламентот“. Неколку часови подоцна стигнува сосема поинаква изјава: „Го номинираа европските народни партии. Таа програма може да ја спроведе тој, но и многу други.“
Ангела Меркел и шефовите на владите на државите членки на ЕУ не сакаат да ја делат власта со граѓаните. Национализмот е проблем, а демократијата решение. Време е за зајакнување на европските институции. Ако во расправата за именување претседател на комисијата Европскиот парламент однесе победа, ќе биде тоа голем пресврт, после кој нема да има враќање на старо.
Овие избори беа историски. Сведоци сме на раѓање на нов политички субјект. Европските гласачи обединети околу заедничките кандидати - тоа е иницијација на вистинска демократија. Дуелот помеѓу Јункер и Мартин Шулц беше прилично срамежлив. Но, тоа е само почеток. Противниците на Европа како што се Марин Ле Пен и Дејвид Камерон го презираат и не го разбираат сето тоа, баш како и онаа која е рамнодушна кон Европа - Ангела Меркел.
Инсистирањето на национална држава, било умерено-граѓанска или радикално-ксенофобична, на подолг рок се претора во политичка, економска и социјална закана за Европа. Големата европска криза не ја предизвикаа Синтите и Ромите, на кои Марин Ле Пен им објави војна, ниту доселениците кои примаат социјална помош и кои Меркел не ги сака во Германија. Кризата ја предизвикаа банките, а пред банките La France profonde, Марин Ле Пен и германското економско чудо Ангела Меркел се сосема беспомошни. Истото важи и за конфликтот со Русија, аферата со прислушувањето на NSA, спорот со Гугл поради собирањето податоци и трговскиот договор со САД.
Европа уште во 2008 мораше да го избере патот кон подлабоки интеграции: заедничка фискална и усогласена даночна политика, зајакнување на Европскиот парламент и комисија. Пречка за тоа беше евронационализмот на Ангела Меркел. Тоа во земјите од југот на Европа ѝ ја одзеде иднината на една цела генерација. Нејзината тврдокорност од Грците, Италијаните, Португалците и Шпанците создаде граѓани од втор ред и ја повреди француската гордост.
Тоа е нејзината најголема историска грешка. Таа во кризата, за разлика од Аденауер (Римските договори), Шмит (Европскиот монетарен систем) и Кол (Договорот од Мастрихт), се реши за национален наместо за европски пат.
Францускиот историчар Емануел Тод вели: „Несвесно, без закани и жртви, Германија повторно ја презема улогата која веќе еднаш се покажа фатална за останатите Европејци и за неа самата.“
Патриотизмот на Меркел на подолг рок ќе ѝ нанесе штета и на нејзината земја. Ако еврото и Европа се распаднат, и Германија ќе биде погодена. Тука лежи кратковидоста на Меркел и неискреноста на луѓето од Алтернатива за Германија. Нејзината политика ги зајакна противниците на Европа и ако продолжи така, наскоро ќе ги изгуби сите партнери и ќе ѝ останат само противниците.
Меркел и нејзините советници го игнорираа фактот дека за Германија во европската политика покрај интересот постои и одговорност од која нема бегање. Таа, која своите потези често ги оправдува со тоа дека немаат алтернатива, од почетокот на еврокризата се обидува да пронајде маневарски простор кој всушност не постои.
Нејзината улога е тешка, бидејќи истовремено мора да води политика за гласачите во Германија и Франција. Точно е дека на покус рок граѓаните на Франција и Германија немаат исти интереси, а изборните кампањи се секогаш краткорочни. Но, задача на политиката е да им ја објасни на гласачите разликата помеѓу долгорочните и краткорочните интереси, а не да се повлекува пред секој предизвик.
Искушението е големо. Само еден политичар во Европа го сфати тоа - Италијанецот Матео Ренци. Тој вели дека сонува за Соединети држави на Европа. Изгледа дека тоа му помогна на изборите. На никого не му падна на памет да ѝ понуди на Ангела Меркел кој било од своите соништа.
Извор: Spiegel, 29.05.2014.