Интерно потценување

04.06.2014 08:19
Интерно потценување

Истовремено со ова официјално екстерно оценување на учениците, во тек е едно неофицијално, интерно, партиско потценување на Министерството за образование, кое има поголеми, полоши и подалекусежни последици и за овие и за генерациите на кои ќе им остане иднината на земјата.

Имено, се дознава дека двете регуларни победнички партии на нерегуларните, барем не целосно, избори, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веќе го поделиле пленот и им останало само пазарењето за тоа кој да го раководи токму ресорот за образование. Наводно, него треба да го добие ДУИ, но најмалку поради тоа што има добра програма, одличен кандидат за министер (а не дека нема), платформа или оригинални, нови идеи за развој и реформи во образованието. Не, туку, прво, затоа што го отстапила Министерството за одбрана - не го признава Ѓорге Иванов за претседател на држава, уште помалку за врховен командант - и, второ, ама уште поважно, затоа што таму имало можност за најголем број нови вработувања! Ова е единствената промена во историјата на поделбата на власта. Досега Министерството за култура беше таа монета за поткусурување (поточно: за докусурување).

Кога Вангел Божиновски на едно ТВ-соочување се обиде, крајно внимателно, да му укаже дека е судбински важно да се направи вистинска, суштинска реформа на образованието, премиерот Груевски арогантно го потсети дека веќе ја спроведува: гради спортски сали, тениски терени, реновира училишта, купува компјутери, плаќа скапи кампањи... Незнаењето е и сила и моќ.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња