1005 hPa
94 %
14 °C
Скопје - Вто, 23.04.2024 18:59
Колку многу очи има в овој град,
а во нив пак колку улици и згради!?
Колку ламби горат по залезот злат,
а со нив пак колку бол и колку нади!
Па очите мои на првиот мост
ги склопувам, нека туѓите ме водат.
Па на сека ламба тогаш сум ѝ гост,
ко ѕвездата што е гост в тихата вода.
И на секој прозор се чувствувам свој
и ги кревам тивко завесите сини.
Ме пресреќа шепот „Можеби е тој -
а потем - не, ветрот сал од тука минал“!
Завеските молчат. Каранфилот ал
за насмевот сончев одамна е свенат.
Саканите раце од прозорот мал
завеските сини нема да ги кренат.
Па зар да ме чуди безмерната жал
на стреите раплакани в есен?
Колку нежни крила в уличната кал
од нив фрлил ветрот намрштен и бесен!
Па зар да ми тежи нејзиното „не“
и чудната средба што сврши без збогум?
И сеедно дали тогаш тажен бев
в уличката стара ил не жалев многу.
И сеедно дали таа ќе дојде пак
уплашена само од своите стапки,
а насмевот среќен в есенскиот мрак
како кривец кришум врз лисјето стапи.
Колку многу очи има в овој град,
а во нив пак колку улици и згради!?
Колку ламби горат по залезот злат,
а со нив пак колку бол и колку нади!
Александар (Ацо) Алексиев е роден 1929 година во Кочани. Поет, романсиер, критичар, книжевен историчар и театролог. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Бил директор на Радио Скопје, на Архивот на Македонија и професор на факултетот за драмски уметности. Автор е на повеќе збирки поезија, романи, студии и монографии. Добитник е на наградите „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“ и „Златно перо“ за преведувачка дејност. Починал во Скопје 2005 година.
Извор: Песни, Кочо Рацин, 1955, Скопје.