Тјенанмен: за младите Кинези античка историја

04.06.2014 11:16
Тјенанмен: за младите Кинези античка историја

Поминаа точно 25 години од протестот и масакрот на плоштадот на небесниот мир во Пекинг. За тоа веќе се пишувани книги, снимени документарци... кој агол вие сакавте да го расветлите?

Многу книги и репортажи се појавуваат непосредно пред случката, но во последниве години во самата Кина не е многу пишувано за соочувањето со наследството кое го остави Тјенанмен. Ме интересираше колку кинеската власт била успешна во потиснувањето на ова случување од официјалната историја. Сакав да знам што младите луѓе во Кина знаат за протестите и бев изненадена колку малку знааат и колку, всушност, сето тоа малку ги интересира.

Како дојдовте до тој заклучок?

Не применував научни методи, туку разговарав со многу луѓе. Со Џим Вајднер, познатиот фотограф на Асошиејтед прес, посетив четири универзитети. Ја зедовме фотографијата на Џим од човек кој во 1989 година застана пред колоната тенкови. Им ја покажав на студентите и бев изненадена дека само 15 од 100 студенти знаеја што е тоа на фотографијата. Другите немаа поим. Прашаа „Дали е тоа Јужна Кореја или Косово?“ Од 100 студенти, дури 19 мислеа дека станува збор за воена парада. Значи, има повеќе такви од оние што навистина знаат што има на сликата.

Дали непрепознавањето на фотографијата автоматски значи дека младите не знаат ништо за 4 јуни 1989?

Повеќето навистина немаат поим, ниту ги интесира. За тоа во училиштата не се разговара. Исто така, и на факултетите оваа тема едвај се допира. На пример, во учебниците по историја на основните студии на оваа тема ѝ се посветени едвај четири страници. Францускиот историчар Мишел Бонон ги анализирал овие учебници и сфатил дека се полни со историски невистини. На интернет се спречува секое укажување на 4 јуни, но не изгледа дека интересот е голем. Младите веруваат дека политиката е опасна и не се мешаат во неа. За многумина 1989 е дамнешна историја. Еден студент ми рече: „Веројатно би имал некакво мислење да бев историчар или археолог. Она што било пред 25 години е веќе минато време, и нема врска со младите“.

Разговаравте со многумина кои во 1989 година биле млади и бунтовни. Како тие гледаат на Тјенанмен?

Постои огромна разлика помеѓу оние кои живеат во Кина и оние кои се во егзил - изгледа дека сеќавањата им се разликуваат. Оние од егзилот се сеќаваат на протестот како фестивал на идеи, се сеќаваат дека на плоштадот имало стотици илјади, можеби и милион луѓе. Се сеќаваат дека студентите во еден момент биле блиску до успех... Оние кои и понатаму живеат во Кина имаат друга меморија - денес веруваат дека целото движење било осудено на пропаст, дека масакрот бил неизбежен. Беше интересно да се види како исти случувања различно се толкуваат, како политичката клима го одредува сеќавањето.

Како тогашните случувања влијаат на денешна Кина?

Мислам дека во секоја смисла се одлучувачки за денешна Кина. Денг Сјаопинг само неколку денови по масакрот држеше говор пред војниците во кој ја претстави својата визија, својот пат за Кина. И тој пат до денес е непроменет. Денг зборуваше за неопходноста од стопански реформи, но истовремено рече дека политичките реформи не се потребни - тоа е и денес така. Рече дека на Кина ѝ треба механизам за во иднина да не се случуваат слични нешта. Тоа беше почеток на ерата на „чување на стабилноста“ низ која дисидентите и протестите строго се надгледуваат. И уште го спомна потфрлањето во „патриотското воспитување“ кое ги овозможило протестите. Тие зборови беа шлагворт за масовната кампања за патриотското воспитување што започна во 1991 година. Мислам дека тоа предизвика цветање на национализмот и изгради патриотско-националистичка генерација на млади Кинези. Цела денешна Кина изникна од одлуките кои се донесоа набрзо после разбивањето на протестите.

Тогаш нов шеф на државата е Кси Џинпинг, одличен ученик на Денг, со оглед на тоа дека е уште построг со досидентите...

Оваа генерација на водечки политичари има големи стравови, што убаво се виде по мерките за превенција пред годишнината. Оваа година полицијата првпат апсеше луѓе кои приватно во мали групи критички расправаа за Тјенанмен. Се казнува и јавното и приватното сеќавање. Тоа ја покажува анксиознноста на водачот, и покрај тоа што Кина е втора најголема економија во светот со „масни“ девизни резерви. Како да имаат страв од мали групи во кои грст луѓе расправаат за протестот во Тјенанмен. Мислам дека тоа ни зборува дека ова раководство е многу параноично.

Дали вие бевте внимателни кога ја пишувавте и ја објавивте книгата „Народна Република Амнезија“?

Преземав мерки на претпазливост, но сега не знам дали тоа беше неопходно. Верував дека морам да бидам внимателна ако сакам да ја истражувам Кина и да пишувам за неа. Ги создадов своите правила - не ја спомнував книгата ни дома ни во канцеларија, бидејќи се наоѓа во дипломатски кварт за кој се сомневав дека е прислушуван. Книгата не ја спомнував ниту во електронската пошта, ниту по телефон, дури ни на моите деца- кои имаа пет, односно седум години - долго не им кажав дека нешто пишувам. Се плашев дека сè ќе издрдорат. Но ризикот кој го носев беше само мал дел од ризикот кој го презедоа моите соговорници - повеќето се кинески граѓани кои не можат да ја напуштат земјата. Тоа што сепак зборуваа со мене го покажува нивниот став дека конечно е време да се зборува за тој дел од историјата.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Историја
Свет / Историја
Свет / Технологија / Историја
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото