На дело е пеколна политика и ние мораме да ја поразиме

05.06.2014 09:57
На дело е пеколна политика и ние мораме да ја поразиме

Веројатно ќе мораме да повториме некои работи, но луѓето сè уште не знаат што всушност значи прекаријат. Кои општествени групи ги сметате за прекаријат и кои се нивните основни карактеристики?

Прекаријатот мора да го разбереме како дел од глобалната класна структура која е во создавање и во источна Европа доби навистина грди и опасни облици во последните дваесет и пет години. На врвот од класната структура се наоѓаат плутократија и олигархија. Тие се хранат меѓусебно и егзистираат како еден вид малиген клуб, патувајќи низ светот како глобално граѓанство, манипулирајќи со демократијата и владите според сопствената волја. Под нив се наоѓа платена работна сила (саларијат), составена од оние кои се во постојан работен однос и кои заработуваат толку колку што ќе им одредат државните пресметки. Тие не се идентификуваат лесно со оние под нив, што е една од причините зошто е глупаво да се претпостави постоење единствена, обединета работничка класа. Кога станува збор за вработените, во смисла на заработка на иста количина пари, таму се наоѓаат оние што ги нарекувам “proficians” (експерти, професионалци). Во новата книга и во онаа претходната, насловена „Прекаријат“, тоа се советниците, самовработените, вработените со договор и сите тие се ориентирани кон проекти. Тие не сакаат постојано вработување, така што ни тие не се поистоветуваат со работничката класа. Под постојано вработените и професионалците се наоѓа стариот пролетаријат, рамката на социјализмот, синдикатите, работничките и социјалдемократските политички партии и разни видови општества на благосостојбата од 20 век. Но, денес, нивниот број се намалува и нивната политичка моќ слабее. Тие се вчерашната масовна класа, но никогаш нема да бидат работничка класа на утрешнината. И ете, токму под нив го наоѓаме прекаријатот, а зад прекаријатот доаѓа најниската класа. Прекаријатот е класа која е во создавање. Во таа смисла тој се состои од милиони луѓе кои поминуваат заеднички искуства на несигурност, недостаток на смисла за каква било кариера или идентитет, се чувствуваат лишени од граѓанските права, кои ги имаат луѓето околу нив, страдаат од неухранетост, анемија, анксиозност и бес.

Идејата за напредокот е клучна за идеологијата и практиката на неолиберализмот. Дали таа станува делегитимирана и ослабена со појавата на прекаријатот и како тоа се покажува во нашата реалност и политиката?

Неолибералната идеологија виртуелно ја негира идејата за „иднина“, инсистирајќи на тоа дека она што е единствено важно е економски раст и поголема потрошувачка. Нејзино мета-толкување е комерцијализацијата. Трговските центри и сјајот на рекламите се нејзини симболи. Како и да е, прекаријатот ќе биде нивен субверзивен уништувач, класа која нивната подмитливост ќе ја направи проѕирна.

За социјално дејствување, освен егзистенцијалната позиција важни се свеста, организираноста, водството... Во каков однос се овие нешта со прекаријатот? Кои идеи ги водат? Знаеме дека тоа ќе влијае на политичките преуредувања, но дали тука социјализмот воопшто се појавува како концепт? Или некој поинаков „глобален“ политички одговор?

Одредено време прекаријатот беше „класа во процес на создавање“, на тој начин останувајќи „класа за себе“. Значењето на тоа тврдење е во тоа што членовите на прекаријатот знаат против што се борат, повеќе отколку што знаат што навистина сакаат. Но, тоа се менува забрзано. Во моментов постојат три групи прекаријат, за што пишував во дискусиите од мојата книга. Првата група се состои од арависти, оние кои излегуваат од работничката класа, односно од пролетерските заедници. Тие имаат тенденција да останат релативно необразовани и да ги слушаат популистичките гласови кои си играат со нивните стравови, неизвесност и предрасуди, што води кон тенденција да гласаат за неофашисти. Ова е делумно и заради тоа што не им била понудена некава привлечна прогресивна и алтернативна иднина. Другата група се состои од оние што ги нарекувам носталгичари, повеќето се мигранти од секаде, без тенденција за сигурен дом. Сакаат да бидат политички пасивни, независни. Но, тие се наклонети кон „деновите на бесот“ како што веќе наведов (во книгата). Тоа се случува кога чувствуваат акутна закана. Третата група се состои од прогресивци, едуцирани членови на прекаријатот на кои им е „ветена“ кариера кога влегле на универзитетите, па сфатиле дека купиле „карта за погрешен воз“. Тие имаат тенденција да ги одбијат сите традиционални политички партии и останати политички правци и агенди. Наспроти тоа, тие се интензивно политички ангажирани, сакајќи да создадат „Добро општество“ кое е поеманципирано и порамноправно. Тоа не е стар социјалистички проект, туку прогресивните трагаат за стратегија за да ги редистрибуираат клучните ресурси кои се витални во денешното отворено терцијарно општество.

Стефан Хесел пред смртта зборуваше дека новите движења не вклучуваат револуција, револуционерни барања, туку се работи само за бунт заради укунување на социјалната држава, тешко извојувана за време на антифашистичката борба и народните победи во Втората светска војна. Какво е вашето мислење за тоа?

Индигнацијата на Хесел беше последниот здив на генерацијата која храбро се бореше за „Добро општество“, базирано на проширување на културните, цивилните, политичките и социјалните права. Тој помогна да се поттикне првата искра на примитивниот отпор кон неолиберализмот. Примитивните бунтовници се оние кои, како Робин Худ, знаат против што се, но сè уште не знаат како да завладеат со структурите кои го создале тоа. Настаните од 2011 година, па и оние претходно така нè турнаа напред. Луѓето почнуваат да сфаќаат дека сега мораме да се бориме за економските права, да ја запреме ерозијата на цивилните, културните, политичките и социјалните права. Заради тоа поднасловот на новата книга гласи „From Denizens to Citizens“.

Дали овие прашања можат да се решат со „социјален минимум“, што е теза која ѝ ја припишуваат на Швајцарија, а всушност е Ваша?

Јас веќе со години се залагам за темелен пристап како едно неусловено, универзално граѓанско право. Меѓутоа, на него треба да се гледа како на дел од една интегрална стратегија за проширување на еманципацијата и еднаквоста. Се работи за социјална правда, правилна распределба, исто како и сузбивањето на сиромаштијата.

Како можеме да ја формулираме положбата на прекаријатот со употреба на инструментариумот на човековите права – кои права се загрозени и со кои механизми се врши тоа загрозување?

Се работи за пет видови права. Можеме да ги ставиме и неолибералните и неофашистичките, а исто така и социјалдемократите и христијанските демократи, цврсто во дефанзива, ако борбата ја поставиме примарно околу потребите за повторно освојување на колективните и индивидуалните права. Прекаријатот е првата класа во историјата која системски ги губи сите облици на правата, де факто и де јуре. Да се направи пресврт е централна цел на 29 ставки од Декларацијата на прекаријатот, кои се предложени во книгата.

Кои инструменти би можела да ги употреби државата за да го заузда бунтот на прекаријатот? Имено, кога се распаѓаше Југославија беше употребена една административна метода – бришење од државјанството: тие луѓе престанаа да „постојат“, како Евреите во времето на германскиот нацизам. Дали е можно такво сценарио во Европа? Со други зборови, како да се спречи инструментализацијата на верските и националните идентитети (формула која беше употребена во деструкцијата на југословенската работничка класа)?

Како што е наведено во книгата „Прекаријат“ и во новата книга, на дело е пеколна политика, која, откако ќе ја разбереме, мораме да ја поразиме. Најзлобен и најмоќен е растот што го нареков „држава Паноптикон“, која е многу помоќна од она што под „паноптикон“ го подразбираше Џереми Бентам, или за кое пишуваше Мишел Фуко.

Не може да се избегне прашањето за интелектуалците и прекаријатот. Колку се приближија до нивната борба, или во сè држат „дистанца“? Дали тие се свесни за неговата сила и дали им помагаат на луѓето?

Академската и уметничката заедница мораат да ѝ се придружат на оваа борба. Тие најдобро можат да го разберат тоа и исто така најдобро можат да артикулираат контра стратегии и контра интерпретација. Потребни ни се нови јазични инвенции за прогрес и сите видови уметности ќе играат витална улога во тоа.

За крај, кажете ни нешто за вашата книга која ќе ја претставите на загребскиот фестивал Subversive?

Книгата се повикува на епохалната Magna charta libertatum од 1215 година, првата позната декларација базирана на класи, во тој период наречена Декларација за слобода. Се работи за класа во подем која ја притискала моќната држава, монархија, да ѝ ги гарантира нејзините права. Тоа не било она што го бараме денес. Денес, ние треба да осмислиме Декларација на прекаријатот, околу чија поддршка можат да се мобилизираат прекаријатот и интелектуалците. Во одредена смисла, мораме да го иновираме Големото тројство за 21 век.

Извор: http://lupiga.com

ОкоБоли главаВицФото