Кога Европа губи, Македонија не добива ништо

05.06.2014 11:12
Кога Европа губи, Македонија не добива ништо

Во нормални услови, минатонеделните избори за Европскиот парламент би биле уште еден блед настан во континентот кој брзо старее. Но, оваа слика се скрши поради високиот одзив на гласачите и резултатите на партиите кои се противат на ЕУ и на екстремните десничари, што е нормално кога пратеници со фашистички идеи првпат се стекнуваат со пратенички места. Несреќата за континентот и демократијата може да се претвори во предност, само доколку се третира како аларм за спречување на оваа тенденција.

Судејќи по апсолутните бројки, екстремните партии (вклучувајќи ги и оние со јасна неонацистичка идеологија) остварија голема победа. Победата на францускиот Национален фронт (ФН), како и на Партијата за независност на Велика Британија (УКИП) даваат јасен сигнал дека проблемот на Европа не се ограничува само во идеологијата, каде одредени партии отворено се противат на европската идеја. Земањето плата од Европскиот парламент, за чиешто укинување истовремено се залагаат околу 10% од пратениците, е само еден случај кој ја покажува хипокризијата на овие групи, со далеку пострашни идеи и дејствија.

Невработеноста, проблемите поврзани со миграцијата и борбата за власт меѓу националната власт и Брисел се некои од објективните причини за ваквите резултати. И покрај тоа што грижите на гласачите за вклученост во одлучувањето се разбирливи, тие се најчесто киднапирани од шарлатани и насилни групи, кои го користат незадоволството за да создадат „чиста Европа”.

Сегашното организирање на ЕУ, недефинираната позиција на парламентот и проблемите во членките даваат многу основи за критика, што беше искористено од партиите кои се противат на идејата на ЕУ (како ФН и УКИП). Но, нивната понуда ни одблиску не дава решенија за реалните проблеми; тука воопшто не станува збор за партиите како Јобик во Унгарија или грчката Златна Зора, од причина што најчесто имаат неписмени, но гласни раководства.

На пример, изјавата дека „проблемот со имигрантите во Европа може да се реши за три месеци“ предлог на основачот на ФН, Жан-Мари Ле Пен, не само што потсетува на планот на Хитлер за „конечно решение”, туку е целосно спротивен на потребата за економски раст.

Во реалниот свет, демографските анализи покажуваат дека ЕУ во целина, и особено државите како Франција, не можат да ги задржат социјалните системи без увезена работна сила. Наспроти стравот и кампањата во која странците се обвинуваат за сѐ, истражувањето на „Јуниверзити Колеџ Лондон“ покажа дека во последните 10 години, имигрантите ѝ донеле на Велика Британија финансиски придобивки од над 30 милијарди евра. Според тврдењата, ова е веќе воочено од гласачите во Холандија, каде намалената поддршка за Партијата за слобода се толкува како зголемена свест за опасностите од екстремниот национализам.

Засега, парламентарното мнозинство останува исто, без опасност од малите некоординирани групи. Оттука, се очекува резултатите од минатата недела најпрво да влијаат врз политиките во секоја земја на ЕУ, за да се спречи понатамошниот раст на екстремистите.

Двојно поголемиот број евроскептици и пронацисти меѓу пратениците се вистински проблем за ЕУ и опасност за целиот континент. Но сепак, проблемите на ЕУ не ги ублажуваат и не ги амнестираат македонските маки.

Тоа што сигурно нема да ѝ помогне на Македонија во ваква длабока криза, е самооправдувањето дека нема што да бараме во вакво ЕУ. Популизмот, кој оправдано се критикува, во Македонија е присутен одамна, заедно со фашистичките идеи кои се промовираат и од високите ешалони на власта.

Критиките за сѐ и сешто, тврдејќи дека Македонија има подобри економски и општествени показатели од некои земји на ЕУ, се смешни во иста мера како и нарачаните изјави од некој од 766-те пратеници, кои потоа ни се продаваат како европски глас кој ни дава политичка поддршка.

Европскиот парламент нема реална тежина во одлуките за надворешната политика, како што е веќе видено со досегашните препораки за започнување преговори со Македонија, кои никогаш не беа прифатени од вистинските одлучувачи во Брисел. Со елементарните проблеми на полето на слободата на изразување, владеење на правото и независноста на судството, Македонија воопшто не треба да се грижи за резултатите од европските избори. Со ваков имиџ, наведените прашања ќе ја остават земјава надвор од ЕУ, дури и ако сите европратеници се залагаат за проширување на ЕУ и вклучување на Балканот.

Извор: gjakushkabashi.wordpress.com