Ароганцијата на молитвата

05.06.2014 16:51
Ароганцијата на молитвата

Кога стигнуваш до границата на монологот, на рабовите од осаменоста, го измислуваш - во отсуство на друг соговорник - Господ, крајниот изговор за дијалог. Сѐ додека Го именуваш, твоето безумие е добро маскирано, и... сѐ тие дозволено. Вистинскиот верник едвај се разликува од лудакот; но неговото лудило е легално, дозволено. Тој би завршил во некој дом за лудаци кога неговите бесмислици би биле исчистени од секаква вера. Но Господ им дава покритие и ги прави легитимни. Гордоста на еден освојувач избледува покрај намерното покажување на верникот што му се обраќа на Создателот. Како може некој да има толкава смелост? И како скромноста може да биде доблест на храмовите, кога која било изнемоштена старица која си го замислува Бесконечното на дофат на раката, се издига преку молитвата до смелоста до која ниеден тиранин никогаш не стигнал?

Би го жртвувал царството на светот само за еден миг кога моите споени раце би го преколнувале големиот Одговорен за нашите енигми и баналности. Сепак, тој миг претставува еден тековен квалитет, и - еден вид официјално време - за кој било верник. Но, тој што е навистина скромен си вели во себе: „Премногу понизен за да се молам, премногу истоштен за да го поминам прагот на црквата, се помирувам со мојата сопствена сенка, и не сакам Господ да капитулира пред моите молитви.“ А на оние што му предлагаат бесмртност, тој им одговара: „Мојата гордост не е непресушна: и силите ѝ се ограничени. Сметајте дека во име на верата ќе го победите вашето јас; фактички, ако сакате да го овековечите ова во вечноста, ова постоење овде нема да ви биде доволно. Вашата гордост е порафинирана од сите амбиции на векот. Кој сон за слава, спореден со вашиот, не се покажува како измама и чад? Вашата вера е само делириум на величина толериран од заедницата, бидејќи користи скришни патишта; но единствената ваша опсесија е прашината што вие сте: алчни за атемпоралност, вие го прогонувате времето што ја шири насекаде. Само животот на другиот свет е доволно простран за вашите алчни желби; земјата и нејзините мигови ви изгледаат премногу нестабилни. Мегаломанијата на манастирите надминува сѐ што можеле некогаш да замислат раскошните делириуми на палатите. Оној што не си го прифаќа небитието е ментално болен. И од сите, верникот е најмалку расположен да го прифати. Волјата за опстојување, што отишла толку далеку, ме застрашува. Го одбивам нездравото соблазнување на едно недефинирано Јас. Сакам да се валкам во мојата смртност. Сакам да останам нормален.“

(Господе, дај ми сили никогаш да не се молам, поштеди ме од бесмисленоста на секакво боготворење, оддалечи ја од мене соблазната на љубовта која би направила да ти се покорам за навек. Нека постои празнина меѓу моето срце и небото! Не пожелувам мојата самотија да се исполни со твоето присуство, моите ноќи да бидат тиранизирани од вашата светлина, моите Сибири да се топат под твоето сонце. Поосамен од тебе, сакам моите раце да останат чисти за разлика од твоите кои засекогаш се извалкале месејќи ја калта и мешајќи се во работите на овој свет. Од вашата глупава семоќ барам само почитување на мојата осаменост и на моите маки. Немам што да правам со твоите зборови; и се плашам од безумието што би ме натерало да ги слушам. Дај ми го наследеното чудо уште од пред првиот миг, мирот што не можеше да го толерираш и што те натера да направиш отвор во небитието за да го отвориш овој панаѓур на времиња, осудувајќи ме на тој начин на универзумот, на понижување и на срамот да се биде.)

Извор: Précis de décomposition, Gallimard 1993
Слика: Marwane Pallas

ОкоБоли главаВицФото