Плоштад Слобода: системско одземање на белите дробови на центарот

06.06.2014 08:58
Плоштад Слобода: системско одземање на белите дробови на центарот

Веројатно нема жител на главниот град кој не се сеќава на групата „Плоштад Слобода“ која стана дежурен чувар на вредностите на метрополата. Таа деновиве излезе со обемна анализа - студија „Состојби и тенденции за намалување на градското зеленило во Мал ринг во Скопје 2002-2017“. Документот е изработен во периодот меѓу 2012 и 2013 година во рамките на проектот „Сосед чувар“, поддржан и од УСАИД, а бројките се направени врз основа на синтетизирани прикази од урбанистичките планови од централното подрачје, нивните измени и дополнувања, но и со помош на сателитски снимки од „Google Earth“.

„Скопје е единствениот главен град во регионот кој нема попис на своето зеленило. Доколку од Град Скопје се сомневаат во нашите бројки, ги повикуваме да излезат и сами да го направат пописот на зеленилото во Мал Ринг и да го споредат со состојбата од 2002 година. Впрочем, тоа е и нивна обврска и тие затоа и се платени од нашите даноци. Можеби така ќе разберат дека не се работи за стари и исушени дрвја, туку за цели мини-паркови главно збришани за згради од Скопје 2014. Паркот кај домот на АРМ, кај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, кај Домот на синдикатите, две зазеленети парцели на плоштад Македонија, цели делови од паркот Жена - Борец, како и паркчето пред влезот на главната Пошта, беа уништени не заради стари и болни дрвја, туку заради проектот Скопје 2014“, стои во реакцијата на „Плоштад Слобода“.

Град Скопје треба да понуди решенија како ќе го заштити и прошири тоа зеленило, без притоа да се расфрла со непотребни бројки за дрвјата и зеленилото во другите делови од градот.

Проценките на оваа група се дека трендот на градење во последната деценија „изел“ дури 50 отсто од постојното зеленило во опфатот на строгиот центар. Во делот на Малиот ринг во 2002 година имало 75.649 квадрати зелени површини, а до 2013 драстично се намалиле на само 34.994 квадрати. Доколку продолжи истата динамика на подигнување објекти врз зелени појаси, до 2017 година би останале само 18.680 квадрати зеленило, односно 3,4 отсто од целиот ДУП Мал ринг. Површината на крошните на дрвјата, пак, од 2002 до лани се намалила за 20 отсто, што е директен резултат на континуирано сечење високи разгранети дрвја стари по 50-60 години. Ваквата тенденција за уништување на дрвниот фонд за три години би ги скратила крошните за уште 8 проценти, или вкупно 25 отсто за периодот 2002-2017 година. А, помали крошни значат и поголемо аерозагадување, а влијаат и на температурата и бучавата, што се одразува и на квалитетот на живот во Мал ринг.

„Последен пат кога зеленилото било јасно обележано и категоризирано, било во ДУП-от од 1997. Би биле дополнително револтирани кога би виделе на кој начин се води евиденција во службите на 'Паркови и зеленило' (со пенкало во тетратка), иако тие, како јавна институција, се едни од најангажираните во оваа област. За сите овие проблеми кои ги лоциравме, подготвивме и Документ за јавна политика, кој ќе го поднесеме до надлежните, иако новата администрација на Општина Центар е 'со врзани раце' и не изгледа дека може да дејствува“, велат од „Плоштад слобода“.

Инаку за јавноста студијата беше презентирана минатиот вторник во монтажната галерија во Паркот на франкофонија, при што се зборуваше и за густината на дрвјата до проектираната состојба до 2017 година. Со досегашните промени, особено во источниот дел од Мал ринг, рамномерно распределените дрвни насади стануваат концентрирано групирани во неколку одделени области. Ова значи дека во иднина би постоеле два центра каде што би биле групирани дрвните насади - паркот „Жена-борец“ и квартот меѓу улиците „Орце Николов“ и „Максим Горки“. До лани, пак, забележано е масовно сечење дрвореди и садници на источниот брег од Вардар, на плоштадот „Македонија“, пред Дом на АРМ и покрај Пошта.

Иако во периодот 2002-2013 се исечени само 63 дрвја повеќе одошто се засадени, површината на крошни, која ја одразува реалната зелена маса, во 2013 е за 22 отсто помала отколку во 2002 година. Доколку продолжи сечењето дрвја, вкупниот број би се намалил за уште 185“, стои во студијата. Инаку, на свежите садници ќе им требаат 10, 20, па и 30 години да добијат поголема крошна и да попримат својство на филтри на амбиенталниот воздух.

Пописот го правела оваа група и тој покажува дека низ овој урбан дел виреат вкупно 1.646 дрвја, од кои 313 зимзелени и 1.333 листопадни. Активистите наведуваат и архива на настани поврзани со зеленилото, а се надвор од Мал ринг. На 22 април 2013 се исечени 33 дрвја кај седиштето на ВМРО, беше избетониран дел од парк во Тафталиџе, а имаше масовна сеча за сметка на згради околу „Бристол“. Ланскиот јули чаирчани протестираа против 17-те маркички наменети за објекти врз локалниот парк. Тогаш градоначалникот Изет Меџити објави дека поништува 12 од 17 маркички, со што Општината ќе изгуби 5 милиони, но ќе го зачува зеленилото во општината!

Од „Плоштад слобода“ имаат намера овој документ да го поднесат до надлежните структури и истиот содржи и препораки за спречување на понатамошно касапење на дрвниот фонд во Мал ринг. Активистите бараат стратегија за да се одреди јасна хиерархија на одговорности и должности меѓу Министерството за животна средина, Град Скопје, Општина Центар и „Паркови“. Препорачуваат посебен Закон за зеленило и измена на постојните законски рамки, каде што зеленилото би се вклучило како посебна категорија. Исто така, бараат изработка на Зелен катастар за детална евиденција на постојни и исечени дрвја, но и одржливо урбанистичко планирање, зачувување на зелените парцели и алтернативи методи како зелени фасади, зелени покриви или паркови во напуштени објекти. Сметаат дека во планирањето и уредувањето на јавниот простор треба да бидат вклучени и еколошките организации, а со децентрализација на „Паркови“ ќе се олесни процесот за собирање податоци и понатамошно ажурирање за градското зеленило.

Извор: Глобус

ОкоБоли главаВицФото