Приказни за сонцето (3)

06.06.2014 13:43
Приказни за сонцето (3)

Васил Куноски
Нека ни е

Кога сонце
светне в утро
нека ни е
ДОБРО УТРО!

Штом е над нас,
на пол ден,
нека ни е
ДОБАР ДЕН!

А зад ридот
штом се скрие
ДОБРА ВЕЧЕР
нека ни е!


Бистрица Миркуловска
Златна сказна

Златна птица еднаш била,
златна птица - златни крила.

Крила шири - злато лета -
во клунчето нешто светка.

Од клунчето злато зрни
златни зрна паднале врз нивја црни.

Од зрната билки мали -
летен сончев зрак ги гали.

Полна нива златен цвет -
сончоглед до сончоглед.


Рајко Јовчевски
Сончогледи

Наутро сите сончогледи
кон исток свртуваа погледи.
Кога сонцето заоѓаше
кон запад погледот им се наоѓаше.

Тоа се повторуваше секое лето
додека им цутеше цветот

Кога ќе ги наполнеа главите
со зрело семе,
за вртење кон сонцето
немаа време.


Рајко Јовчевски
Утро

Во цветот на нежна синоличка
се раѓа утрото јасно,
додека се мие во сребрена роса
малечка птица му пее гласно.

Искапено во сончевина чиста,
утрото е здраво како дрен
и расте, расте, расте
во убав ден!


Петко Домазетовски
По дождот

Неколку ливади и ниви
полни со зеленило,
едно небо насмеано —
со отсјај на крила
од пеперутка,
и сè е така чудно
и распеано.

Неколку реки и долини
полни со зеленило,
едно небо насмеано —
со отсјај на крила
од пеперугка,
едно езерце во дворот
разлеано,
едно девојче со поглед
кон виножитото,
девојче како булка
насмеано,
сè е така чудно
и распеано.

Слики: Gabriel Filcík (насловна, Икар), Leonard Weisgard (девојчето меѓу згради), Helen Webber (прскање), Willy Schermelé (група деца), Bill Giacalone (пејзаж со црвено сонце)

Сродни текстови:

Приказни за сонцето (1)

Приказни за сонцето (2)



Приказни за името (1)

Приказни за името (2)

 

ОкоБоли главаВицФото