БАН и МАНУ на местото на злосторот

07.06.2014 10:04
БАН и МАНУ на местото на злосторот

Немам ништо против БАН и МАНУ да поработат малку или малку повеќе на подобрување на односите меѓу Република Бугарија и Република Македонија, но оставајќи ги така сконцентрирани во тој самопрегор и нурнати во таа благородна мисија, сакам на господата Воденичаров и Камбовски, да им укажам на две-три, можеби четири или пет, не знам колку ќе издржам, работи:

Прво, двете академии спаѓаат во редот на националните институции што се бесповратно смачкани од времето. Општествената резонанца од нивната активност е помала од одгласот на иконите во последната неопљачкана црква во Македонија! Последните траги од релевантна наука и уметност кои наоѓаа смисла во ваквите деветнаесеттовековни формати на задоцнетиот национален романтизам, одамна се повлечени од овие бесмислени мастодонти на некои други места, а настанатите дупки се пополнети со новите парадни и социјални функции, добра плата, секретарка и други бенефити, главно за измислените национални величини во девастираните културно-уметнички и научни кругови!

Второ, и двете академии се главни оперативни, а во извесна смисла и концептуални актери и автори на лошите односи меѓу двете држави: македонската академија така што учествуваше во втемелувањето и легитимирањето на македонската нација и држава на ригидна антибугарска основа, а бугарската со ригидното одбивање да ги прифати и научно третира новите реалности во врска со Македонија, придонесувајќи со тие позиции во Бугарија да доминира историскиот ресентиман и во јавноста и во политиката, а во Македонија да се силат антибугарските ставови, исто така и во јавноста и во политиката!

Трето, и двете институции или исполнуваа политички задолженија или постапуваа во склад со опортуните релации со политиката. Во таа смисла тие отсекогаш биле и политички академии, можеби, пред сѐ биле политички.

Ставот изнесен на првите средби на делегациите на двете академии дека историјата треба да им се остави на историчарите, а политичарите да се занимаваат со сегашноста и со иднината, е одвратна фразетина која академиците ја повторуваат секогаш кога не можат да смислат нешто попаметно. А тоа е речиси секогаш случај. Таква поделба на надлежностите е невозможна затоа што сите, а особено ние во Македонија, во последно време, ја живееме, преживуваме или трпиме, како кој, историјата како политичка ординарност од прв ред! Некои тврдат дека контаминацијата на политиката со историја, особено со измислена историја, ќе го заокружи процесот на современото конституирање на Македонија и на македонската нација, а јас сметам дека ќе ги десубјективизира и убие на еден многу закономерен начин. Ако Камбовски и Воденичаров се прошетале низ центарот на Скопје, или ако Воденичаров влегол во таканаречениот Музеј на револуционерната борба на македонскиот народ да ја види новата поставка за страдањата на Македонците, ќе разберат за што говорам! Да беше Македонија свртена кон иднината, тука пред две недели ќе имавме избори за Европскиот парламент што не значи дека фактот дека во Бугарија имаше такви избори историјата таму престанала да ја игра својата политички манипулативна улога врз огромните заглупавувачки потенцијали со кои располага!

Четврто, и апелот да се инсистира на фактите е проблематичен! Инсистирањето на фактите ќе ја стави Македонија во нерамноправна положба, речиси во однос на сѐ што е пред 1941 година! Но, и да не е така, ваквите проблеми никогаш и никаде не биле решавани врз основа на факти!

Петто, погрешен е пристапот дека разликите треба да се надминат. Не треба да се надминат, зошто да се надминуваат! Треба само да се култивираат, да се испумпаат од политички вбризганата конфликтност или макар од разорната конфликтност!

Централното прашање не е Илинденското востание односно прашањето чија е таа „Ѓурултија“ што би рекле Османлиите, не е ни Мара Бунева, ниту се тоа Кирил и Методиј! Централното прашање е Република Македонија и македонската нација, не толку низ својата геополитичка реалност колку низ својата културно-историска и духовна димензија со кои, во денешниот македонистички формат, сметаат во Софија, се загрозуваат важни моменти од бугарската историска легитимација. Ние сме создадени како посебности во просторот кој Бугарија го смета за идентитетска база на својата посебност, посебно во историска и културна смисла. Па и политичка: денеска на власт во Македонија е организација која се повикува и ги негува изворните принципи на организацијата која е формирана за ослободување на Македонија како последна неослободена бугарска земја. Зборуваме за ВМРО, се разбираме, нали!

Проблемите, драги мои академици, можат да се решат само со политичка волја, храброст и визија, какви што јас не гледам на хоризонтот! Освен понекогаш кога ми се чини дека политиката на економска декапацитација и историско- политичка десубјективизација на Македонија што ја води ВМРО-ДПМНЕ, е одмазда на македонизираниот мит за организацијата кој како политички концепт ќе ги заврши, пак закономерно, сите работи што вака парадно се обидуваат да ги разрешат двете академии! Тој нема да ги надмине разликите туку ќе ги обесмисли затоа што меѓу Македонија и Бугарија нема да има никакви разлики ако ја нема Македонија или ако постои само како Територија под контрола на вемерето!

Извор: Глобус
Слики: Андреас Шајгер