Музејската управа на судни маки да го одбрани хоророт

07.06.2014 10:46
Музејската управа на судни маки да го одбрани хоророт

Замислете кога во Музејот на холокаустот би се вртеле снимки, документарни филмови или играни претстави во кои постојано би се прикажувало измачувањето на Евреите, велат експерти за културно наследство.

Не стивнуваат бурните реакции во јавноста за новата контроверзна поставка во Музејот на македонската борба за самобитност каде што на експлицитен начин, во две одделни сцени, актери од МНТ го глумат ѕверското измачување и трагичната смрт на некои македонски народни херои, амбиентот на бродот „Пунат“ кој носел осуденици на Голи Оток, но и тортурата на османлискиот аскер во Македонија.

Поставката свечено беше промовирана во петокот, а прв ја виде премиерот Никола Груевски и неколкумина членови од владиниот кабинет. Откако поставката беше отворена и за јавноста, започнаа првите малку позитивни, но и сѐ побројни негативни критики. Уметниците и историчарите на уметноста оценуваат дека поставката е класичен хорор. Со нивните мислења не се согласува директорот на Музејот на ВМРО, д-р Бранислав Светозаревиќ, кој за реакциите околу внесувањето живи сцени во поставката вели дека е работа на вкус. Автори на живите сцени се историчарите Виолета Ачковска, Зоран Тодоровски и Никола Жежов.

„Јас сум многу задоволен од поставката. Доаѓаат многу гости и има голем интерес. Ги прашувам што мислат, а нивните реакции се позитивни. На поставката гледаат како на ново доживување. Интересно е што поставката е како драма и посетителите се вклучени во неа и доаѓа до интерактивност. За негативните реакции можам да кажам дека доаѓаат од луѓе што никогаш не ни стапнале внатре и не се компетентни да кажуваат што мислат“, вели директорот Светозаревиќ.

Еден од историчарите што учествуваше во изготвувањето на сцената, Никола Жежов, за Телма изјави дека целта на Музејот и на оваа дополнителна концепција не е некого да исплаши и да застраши, туку реално да ја прикаже македонската историја.

Експертите за културно наследство, меѓу нив и Донка Барџиева-Трајковска за телевизијата нагласува дека е погрешен пристапот, бидејќи предимензионирано е потенцирањето на страдањата на Македонците за време на Отоманската империја, нешто што не е карактеристично само за нас.

„Замислете кога во Музејот на холокаустот постојано би се вртеле снимки, документарни филмови или играни претстави во кои постојано би се прикажувало измачувањето на Евреите. Целосно несоодветен начин на презентирање, кој само може да го намали квалитетот на она што значи музејски експонат и чување, нагласува Барџиева-Трајковска.

Историчарот на уметност и критичар Златко Теодосиевски, на својот блог авторите ги нарече садисти, а институцијата - Музеј на македонскиот хорор. Тој го стави акцентот на експлицитните сцени од Народоослободителната борба.

„Нејасно е зошто ова се прави во време кога во светот од музеите веќе се отстрануваат експлицитните фотографии на кои се прикажани непријатни и понижувачки ситуации. А ние, во ‘новата поставка’ на Македонскиот музеј на хоророт, на публиката ќе им го прикажуваме мачењето на Цветан Димов, Мирче Ацев и на Страшо Пинџур во скопскиот истражен затвор, на Иљо Антевски - Смок во тиранскиот затвор итн. Мерете им го умот на нашиве ‘стручњаци – историчари’ Ачковска, Тодоровски и Жежов. Па имаат ли тие луѓе семејства денес, имаат ли поблиски и подалечни роднини, и како тие ќе реагираат на таквите сцени, дури и ако се инсценирани? И што, по ѓаволите, ќе постигнете со тоа? Зарем мачењето на овие било којзнае колку поинакво од мачењето на кој и да е друг комунист во тоа време? Или очекувате, шутраци ниедни, поголема посета на садисти како вас токму поради фактот што ќе го претставите мачењето на овие луѓе? И што би имало толку интересно таму да се види, освен ако човек не е болен во умот? И конечно, зошто во таква улога не ги ставите вашите дедовци, баби, татковци, мајки... нека ги мачат нив, а публика нека гледа. И донесете ги вашите деца да го гледаат тоа“, напиша Златко Теодосиевски.

Актерите што глумат во сцените, работат во две смени по дванаесетмина, а една сцена трае по 10 минути.

Извор: Слободен печат
Слики: Рафаел Агилар

ОкоБоли главаВицФото