Сакате да се напиете брзо, а не знаете како? Науката има решение за вас!

07.06.2014 12:52
Сакате да се опијаните брзо, а не знаете како?! Науката има решение за вас!

Викенд е и студено е. Значи, имате најмалку две причини за да се „загреете“. И додека ирското кафе би можело да биде совршен и соодветен избор, постои можност слободната вечер и ниската надворешна температура да ви бидат само изговор за опивање. Во тој случај, веројатно ќе сакате да стигнете до целта со што помал влог. Науката може да ви каже како да го постигнете тоа:

Газираните пијалоци ја прават „работата“ на алкохолот подобра.

Група британски истражувачи повикале дваесетина доброволци, кои во различни случаи пиеле различни видови аклохолни пијалоци: чиста вотка; вотка разблажена со обична вода; вотка „пресечена“ со газирана вода. Според резултатите од студијата, објавени во списанието Journal of Forensic and Legal Medicine, највисоко ниво алкохол во крвта на испитаниците е измерено откако консумирале чиста вотка. Во два други случаи, истите субјекти пиеле иста количина вотка, измешана со иста количина обична, односно минерална вода. Резултат: на учесниците во експериментот им било измерено повисоко ниво на алкохол во крвта откако пиеле измешана вотка со минерална вода.

Диеталните газирани пијалоци го засилуваат ефектот на алкохолот

Ако од својата вообичаена доза алкохол сакате да го извлечете максимумот, „пресечете“ го со диетален газиран сок. Ова би можело да биде поука од студијата која неодамна ја изведоа психолозите од Универзитетот во Кентаки.

Во истражувањето учествувале 16 испитаници од двата пола, на возраст од 21 до 33 години. Во три наврати учесниците во студијата консумирале иста количина алкохол – една до три дози вотка. Во половина од случаите вотката била „сечена“ со стандардизиран газиран сок со арома од портокал. Во преостанатите 50 проценти од сесијата, како миксер бил користен газиран сок со иста арома, но наместо шеќер содржел вештачки засладувачи.

Мерењето на нивото на алкохол во здивот на испитаниците, 40 минути по „пијанката“, покажало дека тој е за 18 проценти повисок кај субјектите чиј „коктел“ содржел диетална верзија од газираниот сок. Според објаснувањето на истражувачите, причината за тоа се крие во фактот дека диеталниот сок побрзо се исфрла од организмот во споредба со „регуларниот“, со што практично се подобрува апсорпцијата на алкохолот.

Стрес: Го помага и опивањето и трезнењето

Откритието им го должиме на група канадски психолози, кои ги објавија резултатите од својата интересна студија во списанието Health Psychology.

Студијата е изведена со помош на 60 доброволци, кои истражувачите најпрвин ги опиле (со вотка), а потоа ги ставиле во една од две стресни ситуации: (1) држење раце во ледено студена вода, во период од десет минути, со пауза од половина минута на секои 60 секунди; (2) гледање видео запис од хируршка интервенција на човечко око. Во контролниот (неутрален) контекст, учесниците во студијата ги ставале рацете во сад со вода на собна температура.

Кај испитаниците изложени на стрес (студена вода и видео) нивото на алкохол во крвта растело и го достигнувало максимумот значително побрзо отколку кај контролните субјекти. Меѓутоа, кај нив е измерен и побрз пад на нивото на алкохол во крвта. Интересно, со споредување на исказите на самите учесници во студијата, утврдено е дека испитаниците изложени на стрес се чувствувале помалку пијани од субјектите од неутралната ситуација.

Со својата студија Канаѓаните ги потврдиле наодите до кои дошле нивните шведски колеги во седумдесеттите години од минатиот век. Во согласност со тогашните етички стандарди, шведските психолози покажаа дека електрошокот има отрезнувачки ефект.

Алкохолот е поефикасен на празен стомак

Иако повеќето луѓе ова го учат од лично искуство, постојат и научни докази за фактот дека алкохолот делува побрзо и поефикасно доколку се консумира на празен стомак.

Доброволците во студијата која ирските истражувачи ја објавија во списанието Science & Justice пиеле џус-вотка во три различни ситуации: (1) по шест часови без храна; (2) откако изеле едно пакување чипс; (3) по оброк кој се состоел од пилешки сендвич и голема порција помфрит.

Мерењето на нивото на алкохол во крвта на учесниците во студијата во сите три ситуации, покажало дека кесичката чипс нема некакво влијание на брзината и силината на интоксикацијата. Меѓутоа, вистинскиот оброк има: концентрацијата на алкохол во крвта на испитаниците кои јаделе сендвич со пилешко и порција помфрит изнесувала од 65 до 70 проценти ниво на алкохол во крвта на субјектите кои испиле иста количина жесток пијалок на празен желудник.

Швеѓаните повторно биле побрзи. Пред точно 20 години истражувачи од Универзитетот во Линчепинг објавиле резултати од својата студија на истата тема, покажувајќи дека разложувањето на етанолот во просек е побрзо за два часа доколку алкохолот е внесен во организмот на полн, наместо на празен стомак, како и дека ситите пијаници се чувствуваат помалку пијано во споредба со гладните.

За продолжено дејство на алкохолот – гладувајте!

Сте се опијаниле и сакате пијанството да трае што подолго. Во тој случај не е доволно да пиете на гладен стомак; потребно е да не јадете ниту по пијанката.

Ова е еден од заклучоците од студијата на шведските истражувачи, цитирани во претходниот пасус. Оброкот, земен пет часа откако настапило пијанството, за 36 до 50 проценти го забрзува процесот на елиминација на алкохолот од крвотокот на пијаницата.

Да сумираме: На празен стомак пијте жесток пијалок измешан со газиран сок кој содржи вештачки засладувачи и продолжете да се воздржувате од јадење.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/

Слики: The Royal Art Lodge