Радост на живеењe наспроти забегување

09.06.2014 10:17
Радост на живеењe наспроти забегување

Најголема радост е кога ќе се открие и демистифицира сопственото забегување. Тоа може да биде и ненадеен шок, голема тага и страдање, исто така. Секој човек има едно забегување кое се крие во најмрачните вилаети на неговото битие. Некој забегува во идеологија, друг во мистицизам, трет во тап живот, четврт во некоја друга опсесија. Има и многу страшни забегувања (не дај боже!), но овде нема да ги спомнувам, да не ја пореметат хармонијата на текстот.

Јас исто така го открив моето забегување! Тоа секогаш клечи во некој ќош, туку наеднаш станувам свесна за некоја мисла која ми се повторува и толку се повторува што станала веќе потполно механичка. Ќе си одам од овде! Тоа е моето забегување. И каде ќе си одам? Мислам, како може да се оди од себеси? Никако. Сè свое со себе си носиме. Потоа правам анализа, од каде оваа мисла, таа веќе е длабоко врежана во свеста, се вергла секогаш кога ќе се судрам со некој проблем, или, кога нешто, некоја вистина или некаква енергија сака да си пробие пат, а давам отпор, погрешно ја толкувам или ја блокирам.

Спасот е во просветлувањето. Просветлување е процес на соочување, лице во лице со проблемот, забегувањето.

А невидена радост се ослободува како резултат на тоа соочување.

Но, проблемот не е ведаш решен, да не се лажеме, бидејќи тоа забегување не може туку-така да се искорени, еднаш засекогаш, па дури и го менува ликот.

Како и да е, најбитно е да бидеме свесни за сопственото забегување, какво и да е. Па, кога-тогаш тоа ќе си замине. Тоа, на пример, не трпи многу светлина и радост. Радоста го вџашува, тоа си ја подвиткува опашката и си оди, некаде...


Кога пред околу 25 години почнав да се занимавам со сликарство, секој ден откривав некои нови револуционерни откритија, од типот: ова е новиот храбар свет, радоста на внатрешното битие, љубов, слобода и мир.

Тогаш се дружев со еден сликар, кој многу ми помогна да ги разбијам
сите предрасуди и стереотипи што стојат на патот на радоста, убавината и светлината. Накратко, зенот, што како искуство го споделувавме, беше оној пробив во тајните на нашето битие.

Никој нема да порекне дека светот
прикажан во оваа негова слика е
Реалност на некои чудни племиња и
шамани, среќни во својата природност, спонтаност, искреност,чистота.
Тоа е сликарство од Срце...
Радост која ни дава крилја...

Ако одите во кафулето „Медиум“, кој претходно беше во Мала Станица, единствено таму ќе видите слики од Перица Георгиев-Пепси, сите други го заборавија. Ете, една голема негрижа за нашите уметници.
Неговото забегување сега е во мистицизмот, но, како што реков, секој си има свое забегување, а можеби ова е и насреќното...

Мојата теорија на забегувањето се потпира на сознанието дека секогаш кога има големи духовни промени, (а, нели, сите тврдат дека сега е тоа време, мислам, секогаш сега е тоа време) со голем притисок од божественоста, луѓето, едноставно, не можат тоа да го издржат, мораат да најдат канал на бегство. Кај уметниците, за среќа, тоа лесно оди, бидејќи тие и онака си имаат канал во творештвото. Може таа нивна интровертност да даде гениjални резултати, може да даде монструозни резултати или нешто помеѓу. Колку е поголем притисокот, толку повеќе „се нема избор“ и некакво дело, какво-такво, мора да излезе од сето тоа...

Во оваа ера, дваесет и првиот век, многу духовни луѓе велат дека ќе има големи промени. Впрочем, подготовки за тие промени веќе се случија, во минатиот век. Во минатиот век веќе се случи новиот поглед на светот, кој во овој век треба да се реализира. Но, и отпорот е голем, исто така, впрочем како секогаш кога нови прогресивни сили пробиваат пат.

Јас, на пример, сум воодушевена од научниците. Сега тие сакаат да го откријат првиот импулс, Биг Бенг. Друго е прашањето што тоа го бараат во материјата. Но, видете, материјата е светлина, енергија, не нешто тврдо како што ни изгледа. Па можеби токму таму треба да се бара изворот. Единствена разлика е само во пристапот, како да се гледа таа материја. Значи, во свеста. И навистина уживам во сите тие научни емисии на телевизија, каде што научниците, во потрага по суштината на нештата, потполно се одлепуваат, тотално забегуваат, во една позитивна смисла; ги гледам како со налудничав сјај во очите ги образложуваат своите теории, и секогаш, ми се чини, само многу малку недостасува да дојдат до целта. Многу ме радуваат и уживам во тоа нивно вдахновено лудило...

Во Македонија, најголемо забегување може да настане ако погрешно се разбере симболот - сонцето во зенит. Сонце во зенит е зенит на интелигенцијата. Таа енергија постои во воздухот, но, за правилно да се канализира, значи, да се реализира, е потребно духовно зреење и раст, со други зборови, фактор време.. Ако нема такво нешто, ќе се случат катастрофални грешки, впрочем...

Но, да повторам, радоста која зрачи од секое откритие, па и од идентификувањето на сопственото забегување е неискажлива. Така се ослободува голема енергија, би рекла дека тоа е една еруптивна катарса, бидејќи конечно се спознава сопствената глупост која нè ограничувала толку долго време...

И за крај, еве уште еден сликар кој многу ме радува. Пол Кле. (Paul Klee)

Поетско чувство во сликарството. Волшебно сликарство кое веднаш ве плени. Чисто, детско, поетско чувство, изразено низ генијот на крајно софистициран цртеж и боја директно од Срце.

Токму вака изгледа сликарството кога се живее со отворено срце. Низ ова Духовно Срце се воспоставува единството со космосот, во пантеистичко дишење, natura naturans. Бидејќи Тоа е во директна врска со изворот, генезата, „семето на животот кој се раѓа во себеси“ (Novalis). Низ Тоа Духовно Срце, движењето е кон почетната вибрација, почетниот импулс, во кој органското и апстрактното се проникнати како зачеток на секоја нова форма.

Начинот на кој Кле ја развива својата креација е Клеовски начин и произлегува од Клеовскиот свет во кој цртежот е чиста мисла, а мислата е чиста боја. Цртежот и бојата.

Па, видете ги само овие безгрижни птици...


Жолти птици
Во розеви,
Виолетови грмушки!
Првата (славеј) грлено пее
Друга на зелен лист се смее
Третата скриена, ѕирка
Четвртата од небо си свирка.
Петтата едноставно е, сега, тука
Шестата мистерија за ука!
Тајната нивна која е?
Кој открие
Весел за секогаш ќе е!


Радоста е во Духовното Срце. Секој човек интуитивно знае точно каде се наоѓа ова духовно срце. Кога велиме „јас“, покажуваме милиметарски прецизно таму каде што се наоѓа духовното срце или анахата чакра...

И овој текст, кој содржи елементи да премине во краток расказ, е на маргината на забегувањето, ама, тоа е така, за докрај да се следи чувството... во стилот на радоста на живеењето...

Извор: Глобус бр.294, 11.12.2012
Слики: Перица Георгиев – Пепси, Пол Кле
Цртежи: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото