Две винтиџ сликовници од Морис Сендак

09.06.2014 13:41
Илустрации за детски книги на Морис Сендак

Морис Сендак (1928-2012) е американски илустратор и писател за деца. Кај пошироката публика станува познат по неговата книга „Where the Wild Things Are“, објавена 1963 година. Роден е во семејство на еврејско-полски родители, а смртта на голем број негови роднини во Холокаустот ќе го одбележи неговото детство и ќе остави врз него неизбришлива трага.

Кога зборува за влијанијата врз неговото творештво, се навраќа на детството и си спомнува дека неговиот татко често му раскажувал епизоди од Стариот завет, но ги зачинувал со „сочни“ детали. Без да знае дека таквите детали се сметаат за несоодветни за деца, малиот Морис често бил праќан дома откако ќе раскажел некоја „сочна“ библиска приказна на училиште.

Подоцна го открива светот на Дизни преку ликот на Мики Маус, а за важно го смета и влијанието на Херман Мелвил, Емили Дикинсон и Моцарт. „Тоа се мои богови, верувам во нив со целото срце. Имам малечка Емили што секогаш си ја носам со мене во џебот. А кога го слушам Моцарт, доаѓам во врска со нешто што не можам да го објаснам, а и не ми треба да го објаснам, знам дека животот има смисла“, вели Сендак.

Меѓу најпознатите илустрирани книги на Сендак се „In the Night Kitchen“, „Outside Over There“, „Fantasy Sketches“, „Ten Little Rabbits: A Counting Book with Mino the Magician“, како и „Hector Protector“ и „As I Went Over the Water“.

Во продолжение, претставуваме илустрации од двете последни горенаведени книги.

Извор: www.fairyroom.ru