УНЕСКО ќе ги заштити надредните знаци во македонската азбука

09.06.2014 14:02
УНЕСКО ќе ги заштити надредните знаци во македонската азбука

Скопје, 9 јуни 2014

УНЕСКО ја разгледува иницијативата поднесена од Институтот за македонски јазик, со која се бара буквите со надредни знаци во македонската азбука да бидат заштитени од УНЕСКО како вистински раритети кои придонесуваат за културната разноликост во светот.

Од Институтот дошле до ваквата идеја кога сфатиле дека буквите со надредни знаци речиси воопшто не се употребуваат во новите изданија на книгите, дневните весници, на интернет порталите, ниту на социјалните мрежи, на оние профили каде што сѐ уште се користи кирилицата.

„Очекуваме буквите со надредни знаци конечно да добијат заштита од УНЕСКО. Така ќе се остварат нашите планови за промоција на оваа јазична реткост“, вели Кирил Латиновски од Институтот за македонски јазик.

Тој додава дека се планира и изградба на споменик на буквите со надредни знаци, кој во иднина може да претставува вистинска туристичка атракција, како за домашните, така и за странските туристи.

„Споменикот е можеби најважниот дел од целата иницијатива. Проектот е веќе готов и јавноста може да види како тој ќе изгледа. Важно беше да се истакне античкиот карактер на македонскиот јазик и писмо и нивната небесна димензија“, објаснува Латиновски.

Слика: Свирачиња