Друже Ахмети, ај да не се лажеме!

10.06.2014 08:59
Друже Ахмети, ај да не се лажеме!

Можам да разберам зошто Штефан Филе бара СДСМ да се врати во Собранието. Во нормална демократска земја, власта и опозицијата водат битка во парламентот. Но, Македонија не е таква земја. И затоа човекот добил добар одговор од Заев и од Шеќеринска – СДСМ не може да признае фалсификувани избори и бара да се создадат услови за фер и демократски натпревар.

Брисел многу добро знае дека ова веќе одамна не е нормална демократска земја. Затоа, во изјавата на Филе, не само што нема никаква „шлаканица“ за Заев и за Шеќеринска (како што измислуваат провладините портали и оној удбашки новинар кој сѐ уште добива брифинзи од кујните на Бихаќка), туку има јасна порака до власта - новата влада итно да ги реши проблемите!

Не можам да разберам зошто Али Ахмети нè есапи за мутави, па од Заев бара СДСМ да не го бојкотира парламентот. Па вели вака: „Можеби Заев ќе рече дека оваа моја констатација е тенденциозна, но сакам да напоменам дека и јас сум ја искусил оваа ситуација кога ДУИ беше во опозиција од 2006 до 2008 година. Ние не се откажавме од нашите заложби и победивме на избори“.

Ма немој! Друже Ахмети, не страдаме од амнезија и не сме заборавиле кога ДУИ го бојкотираше парламентот и го изнуди мајскиот договор од 2007 година со Груевски, после кој присуството на ДПА во владата стана бесмислено. Поинаку кажано, ДУИ дојде на власт со директна уцена, која Мала Речица фреквентно ја повторува по секои избори – ако таа партија не биде во власта, ќе има дестабилизација. Ептен „демократски“!

Затоа, ај да не се лажеме! Оставете го СДСМ на мир. Ете ви го Груевски и почнете да ги решавате проблемите. Па јавете кога ќе завршите.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото