Грешките на левицата

10.06.2014 10:43
Грешките на левицата

Најновите анкети пред изборите за Европскиот парламент не оставаат многу простор за оптимизам. Популистичките партии во низа земји ги заземаат водечките позиции: во Велика Британија UKIP (United Kingdom Independence Party) е на второто место, токму како и Националниот фронт во Франција и Движењето пет ѕвезди во Италија. Во Холандија, за Герт Вилдерс предвидуваат двојно повеќе гласови отколку за социјалдемократската PvdA (Partij van de Arbeijd).

Наспроти тоа, десничарско-популистичките партии сè уште не се масовна европска појава, ниту можат да го загрозат постоечкиот поредок. Меѓутоа, нивниот раст оди на штета на традиционалните партии од левицата, затоа што нивните избирачи се чувствуваат несигурно. А во Европската унија, која е погодена од криза и масовна невработеност, нивниот број се заканува да стане уште поголем. За да го запреме овој процес, левицата мора сериозно да ги сфати популистите и нивните избирачи.

Досегашните статии за десничарскиот популизам објавени на IPG, порастот на поддршката на овие партии го толкуваат како „политички повик за помош“ на маргинализираните луѓе (Лорен Баумел), како „знак“ за растечкото незадоволство од општествениот и економскиот развој (Ентони Пеинтер) или како израз на загриженост заради начинот и брзината на европските интеграции (Андре Гериц).

Овие објаснувања се точни и многу важни. Меѓутоа, проблемот на левицата е во тоа што отсекогаш нежно се однесуваше кон популизмот. Таа никогаш не го сфаќаше сериозно незадоволството артикулирано преку популизмот, туку арогантно педагошки го отфрлаше. Недостасуваше соочување со аргументите на популистите, а тоа ѝ беше од корист само на едната страна – на десничарските популисти кои од избори до избори стануваа сè посилни и постепено придобиваа сè повеќе гласачи од оние делови на средната класа кои претходно биле наклонети кон партиите од левицата.

Најголемата грешка на левицата е тоа што порастот на популарноста на популистичките партии долго му го припишуваше на општественото „насочување кон десно“. Меѓутоа, вистина е дека јакнењето на популистичките партии во Европа се одвива во либерално општествено окружување. Секојдневието на секуларните европски општества е длабоко либерализирано, хедонистичко и антиавторитарно. Многу гласачи на популистите, во најдобар случај, се „пропаднати потрошувачи“ во смисла на дефиницијата на Зигмунд Бауман – тие не сакаат поинакво општество, туку сакаат само да учествуваат во постоечкото како полноправни потрошувачи, односно како полноправни граѓани на потрошувачкото капиталистичко општество. Идеален пример за таквиот развој (и неговото невешто толкување од страна на политичката левица) е неодамнешниот швајцарски референдум за имиграција. На 9 февруари оваа година Швајцарците гласаа за ограничување на имиграцијата, но и за долгорочно државно финансирање поголеми инвестиции во железничката инфраструктура, како и за укинување на покривањето трошоци за абортус од задолжителното здравствено осигурување. Резултат – иницијативата за ограничување на вселувањето едвај помина, додека масовно беа поддржани државните инвестиции во железничката инфраструктура и продолжување на покривањето трошоци за абортус од задолжителното здравствено осигурување. Сепак, општествениот пресврт кон десно би изгледал поинаку.

Втората грешка е склоноста на левицата да го отфрла десничарскиот популизам како феномен кој му припаѓа на минатото. На почетокот, оваа претпоставка била сосема оправдана, барем во германското говорно подрачје. Но, времињата се менуваат. Има сè повеќе десничарски популисти кои уживаат сè поголема поддршка меѓу младите и оние кои прв пат излегуваат на избори. Состојбата е сè полоша. Екстремно десничарската унгарска партија Јобик ја поддржуваат една третина од унгарските студенти.

Може да се каже дека популистичките партии веќе не се ни авторитарни феномени во смисла на класичната левичарско-десничарска шема. Тука, исто така, во последните неколку години дојде до значајна промена која придонесе за нивниот успех. Горчливата иронија на историјата е тоа што сега Герт Вилдерс и Националниот фронт успешно се претставуваат како чувари на „западните вредности“, од општествениот либерализам и сексуалното самоопределување до секуларниот карактер на републиката и еднаквоста на половите, кои наводно се загрозени од исламските верско-културолошки норми.

Десничарско-популистичките движења не се антидемократски, што е карактеристика на сите фашистички движења. Напротив, тие бараат повеќе демократија. Успешните десничарски движења сè помалку се претставуваат како партии кои зависат исклучително од харизматичниот лидер кој ќе ги однесе масите во рајот. Тие сè повеќе стануваат резонантно тело за барањата на обичните луѓе за кои во елитистичката демократија на „системските партии“ веќе нема место. Логиката на популизмот се промените одоздола. Затоа сè погласни се барањата за референдуми како оној во Швајцарија, затоа што токму традиционалните народни партии се оддалечија од народниот суверенитет.

За левицата би било подобро конечно да престане да ги плаши граѓаните со овие партии и да ги сфати како сериозен противник, кој е помодерен и општествено поприфатлив отколку што би сакале да признаеме. Тоа е противник кој одамна влезе на теренот што долго го сметавме за свој природен двор и кој артикулира реални, а не измислени проблеми. Лорен Фабиус уште во 1984 година, додека беше премиер, ја изговори реченицата: „Националниот фронт поставува вистински прашања, но дава погрешни одговори“. Триесет години подоцна, сè повеќе граѓани на Франција сметаат дека Фронтот дава вистински одговори. Во почетокот на 2014 година малку повеќе од една третина од граѓаните на Франција изјавија дека ги поддржуваат позициите на Националниот фронт. Тоа беше нов рекорд.

Во последните триесет години нештата тргнаа наопаку. Крајно време е да сфатиме со кого си имаме работа, доколку сакаме да промениме нешто.

Авторот е директор на одделението за меѓународна политичка анализа во фондацијата Фридрих Еберт.

22.04.2014

Извор: http://www.ipg-journal.de/