Скопските ориентири

10.06.2014 12:36
Скопските ориентири

Од сите споменици во проектот „Скопје 2014“, единствениот (или барем еден од ретките) што има некаква смисла е оној карши „Мекдоналдс“. Тоа е онаа огромна машка фигура, клекната на колено, потпрена со раката во која држи пиштол врз коленото, додека во другата рака држи пушка во ловечка поза. Значи, споменикот на војводата Христо Узунов.

Се разбира, смислата не ја бараме во естетиката на споменикот, бидејќи, помалку или повеќе таму ја нема, како ни во потребата Узунов да добие толкав монумент во центарот на градот, туку во фактот дека споменикот е поставен на локацијата што скопјани ја познаваат како „Ловец“, па така оваа „ловечка“ поза на споменикот добива на значење, а и именувањето на ова парче од центарот добива свое оправдување.

„Ловец“, за оние што не се сеќаваат, беше продавница за лов и риболов, во која се продаваше сè во распонот од јадици до пушки и која се наоѓаше во непосредна близина на сегашниот споменик. Денес „Ловец“ е само една од скопските локации што го задржала своето име, а објектот поради кој била именувана одамна го нема или барем не е со таа намена. Токму затоа уште во првата реченица на овој текст го спомнавме „Мекдоналдс“, значи уште еден топоним кој не постои. Веднаш до него е „Рекорд“ (крстен според некогашната продавница за авто-делови), а на аголот со улица „Македонија“ е „Путник“ (денес „Мекиците од Стража“).

За разлика од другите големи градови (од Белград до Њујорк), каде што градската ориентација се врши исклучиво според улиците (од, на пример, „Македонска“ во Белград до Петтата авенија во Њујорк), во Скопје има само неколку улици што функционираат со своите имиња, а ориентацијата речиси исклучиво се одвива според одредени топоними кои, главно, не постојат. На пример, можете ли во момент да се сетите како се вика улицата на која е поставен споменикот на Христо Узунов? Да, се разбира, „Димитрија Чуповски“ (до неодамна „Вељко Влаховиќ“), но веројатноста дека некој скопјанец некому ќе објаснува каде се наоѓа споменикот според името на улицата е еднаква на веројатноста Македонија во септември да ја примат во НАТО.

Додуша, и оние ретки улици кои беа препознатливи по своите имиња: „Ленинова“, „Железничка“, „Водњанска“... сега ги променија имињата во „Аминта III“, „Јордан Мијалков“, „Мајка Тереза“..., така што од попознатите улици останаа уште „Партизанска“ и „Илинденска“, додека дури и улицата „Македонија“ многумина уште ја нарекуваат „Маршал Тито“. Покрај објектите кои повеќе не постојат, а сè уште служат како ориентири („Грација“, печатница „Гоце Делчев“, „Коцка“), повеќето од зградите што служат за ориентација сe’ уште се физички присутни, иако сопствениците, функциите и имињата им се сменети („Нова Македонија“, „Пелагонија“, хотелите „Турист“ и „Гранд“), додека некои воопшто не се во функција и, како што сега се чини, уште долго време нема ни да бидат (Арапска куќа, „Бристол“).

Се разбира дека со време именувањето на ориентирите и локациите според непостоечки објекти и непостоечки улици целосно ќе ја изгуби својата смисла и – ќе исчезне. Зашто, без оглед на врежаноста во колективната меморија, како што е познато уште од времето на старите Латини, имињата означуваат. Тие се знак. А без знаци севкупниот живот, особено урбаниот живот, се претвора во конфузија. Оној момент кога знаците ќе исчезнат од реалниот простор и просторот ја губи својата функција. Конечно, барем за тоа можеме да посведочиме во контекст на она што физички му се случува на Скопје последниве неколку години.

Затоа, колку и да звучи претерано или патетично, со губењето на именувањето се губи нешто многу поважно од самите објекти и улици, се губи идентитетот на градот, неговата душа!

Не станува тука збор за некаква носталгија, за некоја жал за изгубената младост и знаците на таа младост (тие објекти и онака не постојат или не функционираат), туку за практична урбана традиција, за колективна меморија без која не може да се изгради никаков колективен идентитет, а особено не нешто што и онака е премногу фрагилно, како што е тоа идентитетот на еден град. Не тврдиме тука дека идентитетот на Скопје беше некоја цврста и квалитетна форма. Напротив. Меѓутоа, одењето во таа насока, особено во постземјотресно Скопје, сега е нагло и драстично прекинато. Во ситуација кога Скопје не се редефинира само физички, туку му се менува и природните топографија (Водно, Вардар), навистина тешко може да се зборува за традицијата на градот. Едноставно, станува збор за некој сосема друг, а со самото тоа и поинаков град, кој допрва ќе треба да го гради сопствениот идентитет.

Ете, затоа сметаме дека споменикот на Христо Узунов, оној што се наоѓа кај „Ловец“, веднаш наспроти „Мекдоналдс“ е единствениот од поновите споменици што денес има некаква смисла. Тој, без некоја особена волја на неговите творци, ја продолжува градската традиција.

ОкоБоли главаВицФото