Ѕидот на гладот, патот на срамот

11.06.2014 10:10
Ѕидот на гладот, патот на срамот

Чешката метропола Прага е еден од најубавите градови во Европа, полн со историја, култура, уметност и легенди. Во долгата историја на нејзиното постоење поминале многу владетели и благороднички семејства, кои оставиле значајни траги. Сите тие граделе свои седишта до веќе постојните иградени објекти, со полна почит и толеранција кон веќе изградените објекти и никој не помислувал да ги обезвредни веќе постојните градби. Ниту комунистите, кои владееле апсолутистички скоро четириесетина години, не дошле до некаква налудничава идеја да ги обезвреднат сите овие градителски бисери со некои нови соцреалистички корупки. Имале полна почит кон изграденото, иако на одредени слободни простори изградиле „монструми“, кои се влезени меѓу најгрдите објекти на векот (Федералниот парламент, Телевизиската кула и други). Затоа Прага денес претставува отворена книга на епохите и стиловите. Таа е дестинација на многу посетители дури од најдалечните делови на земјината топка.

Кралот Карло IV, кој владеел со титула Чешки крал и Римски цар, од 1346 до 1378, е еден од најзначајните чешки и европски владетели. Зад себе оставил значајни објекти и институции, кои служат и денес: во 1344 година Прашката бискупија ја унапредил во Архиепископија, во 1348 го основал Карловиот универзитет, најстар европски универзитет северно од Алпите, го основал Прашкото Ново место, на десниот бред од В’лтава, чие урбанистичко решение се почитува и денес, го изградил познатиот Карлов мост, кој со својата елеганција и денес восхитува. Една легенда вели дека во градот настанал глад, немало никакви јавни работи и кога дворјаните го известиле за настанатата ситуација, кралот гледајќи од палатата на Храдчани кон брдото Петрин, кое се извишува на левиот брег на В’лтава и претставува и денес едно од белодробните крила на Прага, покажал со раката од подножјето кон врвот и наредил да се изгради еден ѕид, кој практично не служел за ништо, но со него се надминала моменталната ситуација. Остатоците од Ѕидот на гладот, како што се нарекува, видливи се и денес од центарот на Прага, од Булеварот Народни, од десниот брег на В’лтава, кој е отворен кон брдото Петрин.

Оваа асоцијација и ситуација наполно одговара на скопскиот Булевар Св. Климент Охридски, кој
со новата реконструкција е претворен во Булевар на припекот, бидејќи се исекоа многудецениските липи, на дланка се гледа планината Водно, белодробието на Скопје. Уште има скопјани кои се сеќаваат на голата планина Водно, без шума, само со ниски грмушки. Великиот везир на Румелија, Даут паша, во Скопје престојувал од 1489 до 1497 година и за тоа време го изградил познатиот Даут пашин амам (денешната Национална галерија), како амам за својот харем. По неговото заминување, амамот служел како јавна бања. Меѓутоа, според легендата, за загревање на амамот била исечена целата шума на Водно и планината останала гола цели пет века. После Втората светска војна, со ослободувањето на Македонија, дојде една „ненародна“ власт, која покрај другото, се зафати и со пошумувањето на Водно и многу голини низ Македонија. Тие тогаш не знаеја ништо за екологијата, за човековата околина, дури помалку знаеја и за зеленило од Зелените на Лилјана Поповска. Меѓутоа, со голема волја и ентузијазам, садеа дрва, кои со децениите што поминаа, израснаа во прекрасни шуми. И голата планина Водно, пред очите на скопјани, се облекуваше во прекрасна рува и стана белодробие на градот Скопје и прекрасно излетиште на неговите жители. Тогашните садачи на дрва ја викаа акцијата пошумување, без слогани за Засадување на некаква иднина! И така планината Водно се зазеленуваше и опстојуваше во своето ново руво педесетина години. Атаци врз планината имало секогаш, но успешно биле одбивани. Но, последниве години планината е толку жестоко атакувана што веќе неможе да се одбрани. Сѐ започна со градењето на огромните монструозни градби, се повисоко и повисоко, без да се почитува котата до која беше дозволена градба. Овие монструми од градби скоро дојдоа до старото иселено село Долно Водно, чие иселување на тогашните владетели им се припишуваа како голем грев. Меѓу првите атаци ва Водно, во поново време беше сечењето на голем појас шума за да се постави заштитна ограда на резиденцијата на Претседателот на државата. Исечениот појас е толку широк, како да станува збор за заштитен појас на државната граница! Потоа дојде до сечење на шумата за изградба на жичарницата до врвот на планината. Се планира и ново сечење за жичарницата и патот кој треба да води до крстот на врвот. Но, сите овие злосторства врз Водно се некако затскриени од сѐ уште постојната шума.

Кога се гледа од Булеварот Св. Климент Охридски кон Клиничкиот центар, на источната страна се гледа најбруталниот зафат врз планината, трасирањето на новиот „експресен пат“ од идната населба Сончев град до центарот на Скопје. Планината е брутално пресечена на два дела по хоризонтала, се белеат огромните камени масиви каде што поминува трасата. Оваа слика ќе остане како отворена рана врз здрав организам вечно да се гледа и ќе претставува срам за сегашните генерации. Затоа овој пат треба да се нарече Патот на срамот. За реализаторите на овој „велик потфат“ ништо не значеа ниту предупредувањата на многу стручни лица, широката јавност, еколошките друштва и многу други. Многу е карактеристичен громогласниот молк на единствената Зелена партија во државата на Лилјана Поповска, а сѐ со цел да се сочува на таков начин пратеничкото столче и да не се нарушува идилата во коалицијата. Погледот кон Водно од градот, исто така, го нарушуваат и монструозните градби кои се надвиснале застрашувачки над живелиштата под планината. Нивното лоцирање и димензии немаат никаква врска со просторот и природната околина. Уште колку „села и градови“ ќе се иградат на Водно, како што е Шпанското село и Сончевиот град, за дефинитивно да се девастира оваа прекрасна планина и ненадоместив украс на градот?!

Слични содржини

Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори
Јавни простори / Став / Екологија
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото