Догвил-Македонија

12.06.2014 08:48
Догвил-Македонија

Некни седев во кафеана со еден познат новинар и во живо ја слушнав неговата клучна политичка теза за сегашново македонско општество: народот знае дека власта е криминална, но токму затоа таа власт, за тој народ, има веродостојност и авторитет! Откривањето на криминалите на Фамилијата - според овој новинар - е само полезен ПР за власта, зашто живееме во општество со изместени вредности; криминалците предизвикуваат респект и љубомора, а не прекор и омраза. „Омраза предизвикуваат оние што се прават паметни и фини, а во суштина, резонира мнозинството, и тие се тешки ѓубриња, зашто целото општество е заедница на стоки и лопови здружена во вредностите на двојните стандарди, лицемерието и заветот на молчење пред сопствените свињарии!“

Наместо фронтално да се расправам со сомнителните тези на новинарот (ќе потрошевме многу сила, без вистински поенти), решив да му зборувам за двата мои омилени филма: „Догвил“ (2003) на Ларс Вон Трир и „Прослава“ (1998) на Томас Винтерберг.

„Догвил“ е приказна за „обичните луѓе“ збутани во заборавено гратче на крајот на светот. Меѓу „тивките и скромни соседи“ одеднаш упаѓа Грејс (Никол Кидман), жена во бекство која бара засолниште. Наизглед топлата и заштитничка околина набрзо се претвора во хорор и жената станува жртва на ужасни злоставувања, физички и психички, од страна на толку нормалните а заправо толку пореметените мештани.

Трир сугерира дека е мала (т.е. непостоечка) границата меѓу пристојноста и преправањето, хуманоста и користољубивоста, добродетелството и искористувањето, понудата и уцената, помошта и манипулацијата. Дури и страдалницата Грејс на крајот станува речиси иста со пореметените мештани, залагајќи се за радикална одмазда: да се убие целото гратче.

Некои филмски критичари ја искористија можноста за мали морални проповеди: Догвил покажува дека луѓето го изградиле светот по своја мерка, а не по божја. Догвил е место на кое живеат луѓе кои знаат дека лицата во огледалата не се нивни бидејќи нивните намери и побуди не се онакви какви што ги прикажуваат. Итн.

Тешкото прашање што го наметнува филмот е: каде сме ние самите во приказната?; на чија страна си ти?; на чија страна е режисерот Трир? На чија страна е новинарот кој на некој начин ми ја изложи тезата за Догвил-Македонија?!

„А знаеш на кого ме потсеќа пастирот фатен со прстите збутани во теглата мед (иако, тоа што капе од прстите баш и не наликува на мед, но нејсе, нек се позанимаваат форензичарите и со тоа...)?“ И така во муабетот, обидувајќи се да ги разбереме македонскиве ужаси, дојдевме до второто филмско ремек-дело, „Прослава“, на еден друг Данец и современ филмски гениј.

„Ме потсеќа на монструозниот татко-силувач од филмот на Винтерберг“, кратко ја изложив својата теза и продолжив да дробам, мешајќи го во муабетот и неприкосновениот Славој Жижек.

Значи, „Прослава“ во прв ред фантастично прецизно го опишува статусот на авторитетот, големиот проблем и на овдешниот пастир. Кога на почетокот на филмот авторитетниот татко ќе го прекинат додека на синот му раскажува простачки виц, тој се жали дека веќе никој не го почитува. Слично, кога на крајот од филмот ситуацијата конечно ќе експлодира, привидот (пристојниот ритуал на семеен ручек) се руши во моментот кога - откако неговата ќерка јавно ќе ја прочита прошталната самоубиствена порака на својата сестра која тој секојдневно ја силувал - таткото побарува чаша вино за себе и ќерката за да наздрават за нејзиниот убав говор; откако никој нема да се помрдне, таткото почнува да вика, жалејќи се на недостаток од почит. Токму тоа, како што вели Жижек, претставува целосно почитување: почитување на авторитетната фигура дури и кога самата таа е обесхрабрувачка, понижувачка, опсцена...

Друга важна лекција од овој филм: многу е тешко да се прекине ритуалот кој го одржува привидот; дури и после јасните понижувачки разоткривања на поранешните злодела на таткото, ритуалните „манири“ на ручекот сепак продолжуваат. Но, она што тука се одржува не е реалното на траумата која се враќа и се спротивставува на симболизацијата, туку самиот симболички ритуал. Затоа и припадниците на овдешната криминална Фамилија се поистоветуваат со „Македонија“ (ни помалку ни повеќе), со државата, со народот, со „институциите“, со „законите“, зашто само тие празни ритуали можат да го одржат привидот на угледот.

Дали нашиот муабет имаше некаков заклучок? Не баш. Што не ме спречува сега, прераскажувајќи, да додадам сосема трет, нефилмски крај, кој е повеќе фуснота (не мора да се чита), чисто за оние кои сакаат и по некој совет, што да се прави, после сè.

Во еден разговор на почетокот на деведесеттите, обидувајќи се со јавен говор да се спротистави на монструозната политичка агенда на Слободан Милошевиќ, филозофот Радомир Константиновиќ, авторот на славната „Филозофијата на паланката“, рече дека рамнодушноста е најголемото чудовиште зашто нè прави неосетливи на чудовишноста и обликува еден чудовишен свет во кој секоја чудовишност станува нормална и природна: „Не само, значи, што секојдневно живееме среде оваа нормална чудовишност и не само што сме свикнати на чудовиштата, што сме ородени со нив, туку, еве, и самите се преобразуваме во чудовишта; да се живее под насилството на тоталитаристичкиот национализам значи, од ден на ден, сè повеќе да се прифаќа тоа насилство“.

Фотографиите се од филмот „Догвил“ (2003)