Би сакал да опишам

12.06.2014 09:40
Би сакал да опишам

Би сакал да ја опишам наједноставната емоција
радост или тага
но не како што прават другите
посегнувајќи по сноп дожд или сонце

Би сакал да ја опишам светлината
што се раѓа во мене
но знам дека не личи на
ниту една ѕвезда
зашто не е толку блескава
не е толку чиста
и е несигурна

Би сакал да ја опишам храброста
без да влечам зад мене прашлив лав
и стравот исто така
без да ја тресам чашата полна со вода

поинаку кажано
би ги дал сите метафори
во замена за еден збор
извлечен од моите гради како ребро
за еден збор
кој се содржи во границите
на мојата кожа

но очигледно ова не е можно

и само да кажам - љубам
трчам наоколу како луд
со раце полни птици
и мојата нежност
која на крајот на краиштата не е направена од вода
ја прашува водата за лицето

и гневот
различен од огнот
што позајмува од него
зборлив јазик

толку е матно
толку е матно
во мене
кој белокос господин
ги раздели еднаш засекогаш
и рече
ова е субјектот
а ова е објектот

заспиваме
со едната рака под главата
а со другата во куп планети

стапалата нѐ напуштаат
и ја вкусуваат земјата
со нивните малечки корења
кои следното утро
болно ги искорнуваме

Превод од англиски: Иван Шопов
Слика: Леон Зерницки

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото