Фудбал, нов опиум за народот

12.06.2014 11:25
Фудбал, нов опиум за народот

На почетокот, фудбалот се играл со камења. Прво тоа била игра за забава, и по малку натпревар за пештерски луѓе. Потоа доаѓаат тактиката и стратегијата. Подоцна фудбалот станува уметност, трговија и занимање. Денес, фудбалот контролира огромен дел од општеството, потресувајќи го на овој или оној начин.

Фудбалот стана одраз на животниот стил и често се вели дека е нов опиум за народот. Тој стана мерка за пасивноста или агресивноста на луѓето, за нивната смисла за иновација или конзервативизам. Го користиме како средство за лична идентификација. Тимот стана еден вид татковина, душа, нешто што ни дава победи кои животот нема да ни ги даде. Тој е манифестирано или потиснато насилство. Преку тагата на навивачите и нажаленоста на општеството, поразите на тимот ги рашируваат малечките несреќи што се провлекуваат во нашиот секојдневен живот.

Во многу општества, фудбалот претендира да замени сѐ, тргнувајќи ги настрана политичките понуди, религиозните верувања, семејните врски, економските турбуленции и социјалната неправда. Тој претставува верба, мајка на сите страсти, и, кажано со еден збор, идеологија. Можеби само љубовта го надминува на лично ниво. Тој е петтиот сталеж - или можеби четвртиот?

Она што сѐ помобилниот хомо сапиенс - или хомо луденс - го создаде како игра, стана многу нешта, вклучително и прашање на законот и редот. Кога тимот има неуспех, луѓето се чувствуваат повредени и стануваат агресивни. Следуваат тепачки, повреди и смртни случаи. Понекогаш не е потребен пораз или погрешна одлука за да започне насилството. Тоа може да се јави дури и после долгоочекувана победа.

Се сеќавате на победата на Колумбија против Аргентина од 5-0 во 1993? Околу 80 луѓе загинаа во прославата по мечот. Дали е ова единствената земја во која триумфот станува покана за царството на смртта? Наречете го апотеоза на немирниот дух или алиенираното тело, враќање кон варваризмот, со победата како изговор. Каде е логиката? Не без причина францускиот филозоф Декарт верува дека заедничкиот разум е редок кај поединците.

Ѕверот спие во човечкото срце и дури и најнелогичниот мотив може да го ослободи заспаниот бес. Писателот Гесуалдо Буфалино објасни одредени однесувања сметајќи дека зависноста од страдање ги наведува луѓето да ги преживуваат среќните настани како неприродни ексцеси. Според тоа, она што треба да предизвика среќа на ужасно парадоксален начин доведува до трагедија.

Ново бојно поле

Како што се покажа, гледачите не се заинтересирани за играта, туку за победата, во која гледаат дискутабилна форма на себеафирмација како индивидуалци или како нација. Гледано на тој начин, фудбалот се претвора во дозволена војна.

Со ослободувањето на одредена доза агресивност, фудбалот предизвикал една војна (помеѓу Хондурас и Ел Салвадор) а помогнал да се избегнат многу. Во некои случаи фудбалот имал ублажувачки ефект - како во 1978 година, ставајќи ѝ на хунтата во Аргентина маска на толерантност и овозможувајќи ѝ привремено да го одвлече вниманието од злосторствата и бројните случаи на исчезнување кои тогаш се случуваа во Аргентина.

Додека, како што вели тренерот на Колумбија Карлос Рестрепо, во фудбалот „единствената реалност е во 90-те минути“, играта исто така создаде чудовиште чиишто пипци достигнуваат далеку и широко во социјалната фабрика. Таа предизвикува размена на милијарди долари во глобализираниот свет. Влијае врз економијата, психологијата, калкулациите, антропологијата, политиката, филозофијата, дури и литературата.

Големи писатели пишувале за фудбалот. Некои го гледаат како експонент на постмодерната култура, а други, како Умберто Еко, го сметаат спортот, а со тоа и фудбалот, за „најлесна замена за политичката дебата“.

Денес, технологијата овозможува натпреварот одигран во Кина или Берлин да може да биде гледан или слушнат истовремено во некое мало колумбиско гратче. Глобалното село стана глобален фудбалски терен гледан од глобална публика. Вклучувајќи ја и нашата младина, која спортува во дресовите на Реал Мадрид, Барселона или Ривер Плејт, заедно со оние на локалните тимови.

Како во трговија со дрога, фудбалот го проголтува социјалното тело. Навистина, национален симбол повеќе не е знамето, штитот или химната, туку фудбалскиот тим. Крвта на хероите и вредноста на нашите предци стана фудбалска топка. Тркалезна како светот со кој доминира.

Авторот е писател и професор на Универзитетот во Кордоба

Извор: El Espectador, 7.06.2014
Слики: Дик Свини

ОкоБоли главаВицФото