Фарса од судење за активистите од паркот Гези

13.06.2014 12:48
Фарса од судење за активистите од паркот Гези

Во истанбулскиот суд започна постапка против повеќе од дваесет антивладини активисти, обвинети дека ги организирале минатогодишните демонстрации против реконструкцијата на паркот Гези.

 

Меѓу 26-те членови на групата „Солидарност Таксим“ има лекари, архитекти и инженери, наведува Франс Прес, додавајќи дека тие се обвинети за здружување во криминална група, нарушување на јавниот ред и организирање противзаконски протести преку интернет, поради што се соочуваат со можна казна до 29 години затвор.

Протестите во јуни минатата година започнаа како помало еколошко движење за спречување на реконструкцијата на истанбулскиот парк и брзо се претворија во пошироки демонстрации против авторитарното владеење на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Во текот на демонстрациите и нивното брутално полициско задушување, загинаа најмалку осум, а беа повредени приближно 8.000 луѓе.

„Не можете да основате 'криминална организација' само така што ќе кажете 'јас сум против трговскиот центар'. Тоа е сосема смешно“, вели во својот исказ 63-годишната Мачела Јапичи, една од обвинетите. Обвинетите демонстранти го обвинија премиерот дека „мисли дека е над законот“, а сметаат дека полицијата е одговорна за насилството на протестите.

Меѓународната организација за заштита на човековите права „Amnesty International“ го осуди покренувањето на судскиот процес против антивладините демонстранти, нарекувајќи го „одмаздољубиво и показно“.

„Обвинителството го осмисли случајот за да испрати силна порака до остатокот од Турција, дека власта немилосрдно ќе го гони секој што не се согласува со владината политика и ќе организира протести против неа“, рече Ендрју Гарднер од Amnesty International, кој се занимава со случувањата во Турција.

Според неговите зборови, судењето е политички мотивирано и во него нема ни трага од докази за вистински извршени кривични дела.

„Судењето мора да биде запрено на првото рочиште“, додаде Гарднер.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото