Образованието вреди повеќе од Нејмар

14.06.2014 09:50
Образованието вреди повеќе од Нејмар

Светското фудбалско првенство во Бразил се претвори во политичко прашање. Масовните протести против изградба на скапите стадиони не само што влијаеjа на расположението меѓу жителите, туку од корен ја променија земјата.

Беше тоа необична сцена - бразилските репрезентативци слеатаа на ареодромот во Рио де Жанеиро, а таму наместо одушевени навивачи во зелено-жолти дресови ги дочекаа бесни учители со транспаренти „Верувај ми, образованието вреди повеќе од Нејмар“ и „Не ни е потребно светско првенство“. Не беше само Нејмар, 22-годишната ѕвезда на бразилската репрезентација, зачуден од ваквиот дочек. Во нормални околности, националниот тим едвај може да се одбрани од напливот на обожаватели. Одеднаш, репрезентативците се опкружени со бездомници кои протестираат. Дури и полицијата мораше да биде ангажирана, за да може автобусот со спортистите да се пробие низ масата демонстранти.

Нема развревени навивачи, нема тапанари, нема разголени самба–танчарки: Бразил е во блуз расположение пред Светското првенство во фудбал. Неколку денови пред големиот турнир, продолжи протестниот бран заради скапите стадиони и запоставените училишта и болници во земјата. Штрајкуваат учителите, возачите на автобуси, полицајците. „Фудбалот и политиката всушност немаат ништо заедничко, но тоа штотуку се менува“, вели истражувачот на јавното мислење Валеријано Кошта од универзитетот Unicamp од градот Кампинас, недалеку од Сао Паоло: „За Бразил ова е вистинско политичко Светско првенство“.

А тоа изгледа вака: во главниот град Бразилија, 300 Индијанци офарбани во воени бои, со лакови и стрели го напаѓаат влезот на бразилскиот конгрес, за да ѝ обрнат внимание на државата на недоволната заштита на резерватите во кои живеат. Светското фудбалско првенство прерасна во политичко прашање и се разви во чисто бразилско доживување. Според податоците на Министерството за туризам, 80 отсто од купувачите на карти се од Бразил. Од досега продадените 2,7 милиони карти, 500.000 се во рацете на туристите од странство,а се очекува дека вкупно би биле 600.000. За спредба, на Светското фудбалско првенство во Германија имаше 1,3 милиони гледачи од странство.

„Заради тоа што на ова Светско првенство не доаѓаат толку голем број странски посетители, не е толку голем притисокот дека сѐ мора да функционира“, вели Кошта за DW. Бразилците се навикнати на секојдневен хаос и нема да се чудат ако сè не оди како подмачкано. Големите очекувања дека Светското првенство ќе биде катализатор за економски раст, како и за тоа дека ќе придонесе за изградба на национална сообраќајна мрежа се сведени на минимум. И одушевувањето од самите фудбалски натпревари исчезна. Речиси не остана ништо од еуфоријата каква што беше во 2007 година, кога беше одлучено првенството да се одржи во Бразил.

Најпрво четири петтини од Бразилците го поздравија одржувањето на Светското првенство во својата земја. За време на одржувањето на Купот на конфедерациите во јули 2013 година, поддршката падна на 65 отсто, а денес е под половина - 48 отсто. Во својот авторски текст, за шпанскиот El Pais поранешниот претседател на Бразил Лула да Силва ја обвини опозицијата за ширење лошо расположение во земјата: „Светското првенство се злоупотребува во изборната кампања. Поединци се залагаат за неуспех на првенството, божем со тоа ќе си ги зголемат шансите на изборите“.

За Дора Крамер, колумнистка на дневниот весник O Globo, јасно е дека победата овојпат мора да се бара надвор од фудбалскиот терен. „Ако сè се одвива добро, тоа ќе оди во прилог на владата. Ако не, претседателката Дилма Русеф на октомвриските избори годинава ќе мора да плати“. Истражувачот на јавното мислење Кошта, протестите против Светското првенство ги гледа како почеток на една нова епоха. „Светското првенство како едно големо комерцијално случување, сè повеќе ја губи својата поддршка. Мислам дека ФИФА во иднина ќе ги избегнува земјите во кои би можело да се смета на протести. Нема да се впушти повеќе во тој ризик“.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото