Гугл пребарување: Не е пронајден диктатор

16.06.2014 08:25
Гугл пребарување: Не е пронајден диктатор

Минатата недела, Европскиот суд за правда – европски еквивалент на Врховниот суд во Америка – изрече пресуда за „право на заборав“, кое на корисниците на Гугл им дава можност да ги отстранат линковите кои се однесуваат на нив, од резултатите на пребарувањата на Гугл. Гугл ќе мора да го избрише целиот материјал што корисникот сака да биде отстранет, доколку таквото отстранување не му штети на јавниот интерес, Одлуката се однесува на речиси сè што се наоѓа на интернет – правни списи, фотографии, дури и законски објавени вести – и според зборовите на европската комесарка за правосудство Вивиен Рединг, претставува „очигледна победа на заштитата на личните податоци на Европјаните“.

Според мислењето на судот, Гугл не е само собирач или организатор на содржини на интернет. Напротив, тој дејствува како „контролор“ на таа содржина, па со самото тоа има поголема одговорност за приватноста на своите корисници. Товарот сега паѓа на оваа компанија, која мора да докаже дека сè уште има причина за зачувување на старата содржина. Гугл ќе мора да ги почитува барањата на корисниците за бришење на оние податоци кои се „неадекватни, ирелевантни или повеќе нерелевантни“, имајќи го предвид „времето што поминало“. Со сиот ентузијазам на судот во врска со ова право, останува основното прашање за спроведување на овие одлуки. Какви се критериумите за одлучување дали нешто сè уште е „релевантно“ за јавниот интерес? Колку време ќе мора да помине за некој да биде „заборавен“? (И, се разбира, како Гугл ќе излезе на крај со лавината барања за отстранување?)

Пробниот случај на Европскиот суд за правда доаѓа од Шпанија, каде ова право се нарекува derecho al olvido. (Стотици други предмети полека се шират по судовите во оваа земја.) Пред неколку години, адвокатот со име Марио Костеха го напишал своето име на Гугл и во еден каталонски весник нашол статија за него од крајот на деведесеттите. Во тоа време, Костеха бил во долгови и морал да го продаде целиот свој имот. Весникот ги објавил сите детали кои подоцна се нашле во неговата онлајн архива. Во 2009 година, Костеха се жалел во една државна институција со назив Агенција за заштита на податоците на Шпанија, која му наложила на Гугл – а не на весникот – да ги отстрани линковите. (Долгот е „порамнет и исплатен пред многу години, јас во меѓувреме се разведов, но според Гугл сè уште сум оженет и во долгови“, рекол Костеха.) Гугл се жалел и на крајот предметот завршил кај шпанскиот врховен суд, кој побарал мислење од Европскиот суд за правда. Тоа мислење стигна минатата недела.

Изразот derecho al olvido во Шпанија има чуден призвук. Оваа држава помина речиси четириесет години под суровото владеење на диктаторот Франциско Франко. Франко ја презеде власта по долгата и крвава граѓанска војна во која тој и неговите следбеници убија многу сонародници – според некои проценки околу двеста илјади во војната и дваесетина илјади непосредно по војната, како и илјадници луѓе кои умреа во шпанските затвори и концентрациони логори по целиот континент. Кога во 1975 година умре и Франко, државата преживеа турбулентна но главно цивилизирана и мирна транзиција во демократија. Тие години ветуваа многу, но крвопролевањето и репресијата кои им претходеа никогаш навистина не исчезнаа. Старата гарда не се повлече; само се пресоблече за новото време. Следбениците на Франко станаа културни конзервативци – можеби ретроградни, но свесни за своите позиции во новиот европски поредок. Се воспостави нов етос: Шпанците беа поттикнувани да гледаат во иднината наместо во минатото, за доброто на своите граѓани. (Правосудниот систем доби задача да ја овозможи оваа иднина. Законот за амнестија е усвоен 1977 година, за да го запре процесирањето на злосторствата од периодот на Франко.) Премолчениот договор минатото да се остави настрана е наречен pacto de olvido, договор за заборав.

Минатата недела разговарав со Емилио Силва, претседател на шпанското Здружение за обнова на историското сеќавање, активистичка група која врши притисок врз владата и јавноста да се соочат со злосторствата од минатото. Меѓу другото, оваа група успеа да ги убеди шпанските судови да се позанимаваат со наодите за злосторства од минатото кои порано беа игнорирани. „Се замислив околу пресудата за Гугл“, вели тој. „Се разбира, одлично звучи сите да имаме можност да ја измиеме дамката од образот, но каде е границата?“ Шпанија е, ме потсетува тој, fabrica de olvido, фабрика на заборавот.

Од почетокот на 2000 година, групите предводени од Силва и други активисти ексхумирале повеќе стотици масовни гробници ширум земјата, каде сè уште лежат илјадници тела од граѓанската војна. Повеќето од тие остатоци им припаѓаат на левичари или симпатизери на републиката. По победата на силите на Франко, диктаторот ги принудил преживеаните ривали да подигнат огромен споменик на загинатите од победничката страна. Сите останати биле осудени на државно одобрен заборав.

Како што тврди Соледад Фокс, шефица на отсекот за романистика на колеџот Вилијамс и експерт за шпанска историја од 20 век, целиот концепт за сеќавања во оваа земја е спорен. „Оние кои биле во ситуација да „паметат“, вообичаено заборавале некои нешта“, вели таа. Истакнувајќи го тоа, таа ја доведува во прашање идејата која се јавува во некои кругови во Шпанија: дека само оние кои ја преживеале граѓанската војна имаат право да изнесат мислење за минатото. Фокс тврди дека не е така: партизаните кои се бореле во Шпанија пред и за време на периодот на Франко, често во прв план ја туркале својата опција: се сеќавале само на тоа што го сакале – што е пример за селективно сеќавање. Со законот за историско сеќавање, кој во 2007 година го усвоија социјалистите, официјално е осуден режимот на Франко и олеснето е ископувањето на масовните гробници. Но, набрзо потоа, законот се најде во вртлог скандали и изгуби голем дел од својата сила откако во 2011 година конзервативците повторно ја преземаа власта.

Истата година, Кралската историска академија, организација која се финансира со јавни пари, го избриша зборот „диктатор“ од одредницата за Франко во својата официјална енциклопедија. Дргуите одредници беа полни со еуфемизми, пропусти, па дури и очигледни грешки. Националнистичкиот свештеник кого го убиле републиканците се нарекува „маченик“, додека републиканските жртви не добија слични јазични украси. На друго место, републиканската војска се нарекува „непријателска“, а кражбите на силите на Франко во градовите се прикриваат со синтагмата „нормализација на цивилниот живот“.

Зборот што го опишува сето тоа, според лево насочените критичари од тоа време, беше, ревизионизам. (Силва ми објасни попоетски: „Историските учебници се полни со заборав.“) Уште попроблематичен е ставот на судовите. Наспроти меѓународното внимание, шпанските судови главно одбиваа да ги карактеризираат злосторствата направени за време и по граѓанската војна како „злосторства против човештвото“, иако историските податоци зборуваат дека силите на Франко биле решени систематски да ги истребат своите идеолошки ривали. Шпанскиот суд што учествуваше во пресудата за Гугл е „истиот оној суд што ги отфрли жалбите во врска со државното минато“, вели Силва.

Минатиот месец, Националниот суд го одби барањето за испорачување на Антонио Гонзалес Пачеко, озлогласен поранешен полициски инспектор, од времето на Франко познат по прекарот Били Кид. Адвокатите бараа да му се суди во Аргентина по универзална јурисдикција. Силва истакнува жална иронија: овој суд беше подготвен да го промовира и озакони правото на заборав во земја во која стана тешко да се памти.

Сè уште е премногу рано да се прогнозира какви последици ќе има пресудата за Гугл на движењето за историско сеќавање. Сè уште нема криминалци или членови на нивните семејства кои бараат Гугл да ги отстрани линковите за нив – барем колку што е упатен Силва. Можно е и судовите да одлучат дека задржувањето на овие линкови е од јавен интерес, иако Силва не е оптимист по тоа прашање. Тој и неговите колеги го користат интернетот за да им влезат во трага на криминалците од времето на Франко, чии имиња се појавуваат во судските списи. Загрижен е дека ова општо право на заборав ќе го отежне нивниот прогон. Во 2008 година, еден шпански суд ја казни групата „Здружение против тортура“ затоа што неколку години претходно на интернет објавила список со имиња обвинети за тортура. (Најпосле, Здружението морало да го отстрани целиот список.)

Во изминатите триесетина години, пораката на шпанската држава беше недвосмислена: повеќедеценискиот закон за амнестија овозможи многу историски злосторства да станат ирелевантни за денешниот јавен интерес. Дали тоа значи дека и можните злосторници сега ќе имаат и право да бидат заборавени. „Ме плаши идејата за заборавање со правен декрет“, вели Силва, „Секое право да бидеш заборавен мора да биде во согласност со правото да се знае вистината“.

21.05.2014

Извор: http://www.newyorker.com/

ОкоБоли главаВицФото