1022 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 12:59
„Јужен тек“ како двоен неуспех
Кога во август се објави меѓудржавниот договор со Русија за „Јужен тек“, спогодбата која предвидуваше само студија на изводливост, беше најавена како завршена работа. Дури и да се спроведе, гасоводот би имал предност над евентуалните обврски кои би биле наметнати од ЕУ.
Планот пропадна и рускиот гас нема да добие пристап кон Балканот, барем не засега. За Македонија како држава, ова не е лоша вест само за енергетиката, туку и доказ за погрешната политичка ориентација. Со вакви лутања, секој што очекува западна поддршка за членство во НАТО е или неупатен во светот во кој живееме, или пак вешто манипулира со оние што се опишуваат како партнери.
Бугарија, членка на НАТО и ЕУ, веќе подолго време се соочува со притисок од Европската комисија поради потпишаната спогодба со Гаспром, која е спротивна на регулативите и стратегиите на ЕУ. Директорот на оваа компанија веќе е во американскиот список на лица под санкции, како казна за сите кои се поврзани со руската интервенција во Украина.
Сѐ уште е рано да се прогласи „Јужен тек“ за завршена приказна. Но, едно е сигурно – Македонија избра погрешна страна уште на почеток. Повлеченото бугарско учество веднаш по посетата на тројца американски сенатори (од различни партии, укажувајќи на стратешки став), докажува повторно дека овој проект не е во американски интерес.
Не осврнувајќи се на настаните отаде границата, Македонија не го соопштила државниот став, освен претходните пораки преку кои официјално Скопје го охрабруваше Брисел да најде решение со Москва. Малите држави никогаш не можат да влијаат врз резултатот на играта на големите, но сепак, тоа што можат да го сторат е да ги придружуваат политичките ставови со конкретни дејствија, особено во вакви критични моменти. Брисел и Вашингтон јасно се залагаат за Транс-јадранскиот гасовод (ТАП), за кој Македонија нема изразено сериозен интерес за учество, и покрај тоа што истиот поминува десетици километри од јужната граница.
По бугарското повлекување и со Романија на страната на НАТО, Македонија останува без рускиот гас, но со силна дамка за погрешно избраната страна за едно клучно геостратешко прашање. Секако, и Албанците си имаат свој удел, бидејќи во регионалната и глобална шаховска игра, дејствата се ценат повеќе од поезијата каде сонцето изгрева на запад.
Луѓето бегаат, грешките остануваат
Во држава во која не се знае колку луѓе живеат, за да се оцени кризата доволно е да се види бројот на лекарите кои заминуваат. Според медиумските известувања, во првата половина на 2013 година, вкупно 107 лекари побарале документи за отпуст, по 2012 година со 140 вакви дозволи. Проценките се дека Македонија има околу 7.000 медицински лица и според истражувањето на Хеалтгрупер, 60% од бруцошите сакаат да заминат од државата по дипломирањето на медицинските факултети.
Одливот на лекари ја најавува состојбата на државата по десет години. Никако не можат да се обвинат оние кои заминуваат, бидејќи трагаат по нормален живот за нивните деца, некаде каде ќе живеат како луѓе со достоинство.
На другите им преостанува да го чекаат моментот кога институциите ќе смогнат сили да ги избројат луѓето, што е вообичаено за нормални држави. По пропаднатиот попис кој заврши со обвинувања за фалсификат и креативните идеи за компјутерско броење, последниот предлог – еднакво штетен – доаѓа од некои невладини актери, кои предлагаат меѓу-партиски пакт со кој ќе се гарантира дека правата на Албанците нема да се намалат и нема да се зголемат, без оглед на нивната застапеност во иднина.
Токму тука лежи и клучниот проблем на Македонија. Пописот не може да се спроведе поради тоа што нема силни институции, кои би работеле без партиска контрола. Кога би имале соодветни институции, тогаш би се оствариле и оние права кои им се веќе гарантирани на Албанците според процентуалната застапеност. Она што е потребно е реална и веродостојна слика за тоа колку луѓе живеат тука, а не уште еден политички дил. Додека се занимаваме со етничките проценти, се заборава на вистинскиот проблем на бројките кои се тенчат. Кога ќе дојде денот да се сфати ова, лекарите ќе им недостигаат на сите подеднакво.
Извор: gjakushkabashi.wordpress.com
Слики: Шаун Кардинал