Боемија

16.06.2014 12:38
Боемија

Своевремено, некаде во 80-тите години од минатиот век, доајенот на македонското новинарство, а богами и на боемскиот живот, Верољуб Андоновски, се носеше со идеја да напише книга „Последната скопска боемија“. За жал, не стаса да ја реализира оваа своја намисла, но тоа и не е најбитното за овој текст. Битно е што Верољуб сметаше дека вистинскиот скопски боемски живот заврши со уривањето на стариот „Букет“ (за оние што не знаат, кафеана што се наоѓаше во бараките на местото на кое сега се наоѓа сегашната зграда на Владата, односно некогашниот Дом на печатот или НИП „Нова Македонија“ – ова го напоменуваме затоа што „Букет“ потоа имаше уште две или три реинкарнации), односно со заминувањето од историската сцена на генерацијата на Бранко Заревски, Лазо Кавалот, Бане Ковач... Една-две децении подоцна, некои други авторитети во оваа област го препознаа крајот на боемијата со заминувањето од овоземскиот свет на писателите-боеми од типот на Петре М. Андреевски, Слободан Мицковиќ, Гане Тодоровски..., особено со заминувањето на Јоле Новаковиќ, газдата на легендарната кафеана „Клуб на уметници“ (која денес е во сосема ново руво и, нормално, се вика „Кај Јоле“). Авторот на овие редови го прогласи дефинитивниот крај со затворањето на бифето „Стар МНТ“, односно со замирањето на театарските кафеани.

Поентата е во тоа што сите во одреден момент прогласија завршување на овдешната боемштина. Освен градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски. Тој деновиве започна со остварување на проектот „Боемска улица“, опремајќи една уличка во Дебар Маало со, како што се наведува, урбана опрема, која ќе ги претвори и уличката и Дебар Маало во специфичен боемски центар во Скопје.

Иако за постоење на боемија е неопходна соодветна инфраструктура, сепак идејата на градоначалникот, најблаго речено е – чудна. Едноставно, никој и никаде сè уште не успеал со декрет да инсталира – боеми.

Но, да почнеме од почеток. Според „Вујаклија“, зборот „боеми“ е француски и означува: книжевници, уметници, студенти... кои живеат со својот особен, природен живот, по правило неуредно, од денес до утре, а по принцип: дур трае нека лае; чергари. Во суштина зборот „боеми“ доаѓа од името на жителите на средновековното средноевропско кралство Бохемија (13 - 15 век), кое потоа влегува во Австро-Унгарија, а од 1918 година е никулец на чехословачката држава, а денес на државата Чешка. Едно од значењата на зборот „боеми“, според „Вебстер“, е дека станува збор за Цигани, кои токму во средниот век, преку Бохемија, се населувале во Западна Европа. Добро, и „Вебстер“ признава дека често станува збор за личности, најчесто уметници, поети итн., кои живеат на неконформистички, неконвенционален начин. Нешто слично препознава и Дигиталниот речник на македонскиот јазик, каде што „боем“ е дефиниран како човек што живее неконвенционално, од редовите на интелектуалците (поети, сликари, уметници), што живее безгрижен и неуреден живот.

Иако скопската боемија е легендарна уште од времето пред Втората светска војна и нејзината појава означува процут на граѓанството, тука - со оглед на, што би се рекло, општествено-политичката ситуација - и немало премногу „книжевници, уметници, студенти...“ за да формираат автентична овдешна боемија. Повеќето од боемите за кои сè уште можат да се слушнат легенди тука се доселени. На пример, Гркот Јоргос Зорбас (инспирацијата на Никос Казанцакис за легендарниот роман „Гркот Зорба“) и неговите седенки во кафеаната „Маргер“. Како и да е, белградскиот публицист и, се разбира, боем (инаку роден скопјанец и голем пријател на Македонија) Слободан Марковиќ (оние што се сеќаваат на него, го знаат под името Либеро Маркони) своевремено објави своевидна антологија „Југословенска меѓувоена боемска поезија“, која во 1976 година ја објави „Македонска книга“ (главен уредник Славко Јаневски, уредник Душко Наневски). Единствениот застапен во оваа антологија од Македонија е – сликарот Никола Мартиноски, и тоа со две песни „Кафеаната ’Океан’“ и „Циганска мајка“ од 1927 година. „Океан“ е, исто така, една од важните точки на овдешната боемија, кафеана што се наоѓала некаде кај Старата железничка станица (инаку осликана од самиот Мартиноски), која била срушена непосредно по ослободувањето. Според некои извори, причината за уривањето била токму „ширење неморал“.

По ослободувањето постојат повеќе пунктови важни за овдешниот боемски живот: сега непостоечките „Зора“, „Кермес“, „Мал одмор“, „Починка“, „Мала станица“, хотел „Македонија“, затворените „Бристол“ и „Арапска куќа“, споменатите „Букет“, „Театарче“, натаму „Победа“, „Драмски“ итн. Она што е сигнификантно е дека биле разместени на различни делови од градот, односно дека не функционирал некаков боемски кварт. Добро, во зависност од годишното време, во последниот период на скопската боемија, Градскиот парк („Кермес“, „Опатија“, „Тениско“, „Езерце“, „Кампинг“...) и Старата чаршија („Дестан“, „Турист“, „Фонтана“ и уште некои, на кои, покрај најдобрата волја, им ги заборавив имињата) играа улога на боемски квартови.

Всушност, судбината на сите боемски квартови во светот е иста – тие стануваат испервертирани, снобовски и прескапи места за седење. Оваа судбина ја доживеаја и Старата чаршија и Градскиот парк, како што впрочем ја доживеаја и белградска Скадарлија, преку париски Монмартр, па сè до њујоршкиот Гринич Вилиџ.

Денес, ако воопшто може да се говори за инфраструктура за боемија, таа сепак е во Дебар Маало („Чамо“, „Наџак“, „Кај Перо“, „Идадија“...), но прашање е дали, како и меѓу двете светски војни, постои критична маса од „книжевници, уметници, студенти...“, кои ја имаат таа волја да го практикуваат овој „неуреден“ начин на живот. Се чини дека првиот погрешен чекор кон инсталирање на боемскиот живот е „шминкање“ на некоја улица, која, патем речено, и ја нема боемската традиција.

На крајот уште да кажеме дека боемијата е типичен производ на западната цивилизација. Таа навидум ги промовира „декадентните“ вредности, а во суштина претставува креативно живеење на една урбана средина. Импактот на боемијата во културните вредности е енормен, од американските битници па сè до руската класична литература. Една од најважните опери на италијанскиот композитор Џакомо Пучини се вика „Боеми“ (и говори за животот на писателите во Париз), а една од највлијателните поп-песни на бендот „Квин“ е „Боемска рапсодија“.

Значи, што е боемија? Тин Ујевиќ во својот есеј „Боемството и модерната уметност“ ја дефинира боемијата преку нејзините опозити: „Наспроти боемската уметност може да застане монденската; наспроти боемскиот дух – малограѓанскиот“. А ние сме толку далеку од тоа!

Сроден текст: Петре М. Андреевски - Скопска боемија

ОкоБоли главаВицФото