Рефлексии од парата

16.06.2014 13:49
Рефлексии од парата

Руската бања го раслабува телото и тоа обилно поти, а жештината од речиси 100 степени Целзиусови ги топи мислите како магма. Зборовите, репликите, сугестиите и сегашниот момент набабруваат и вие сте чекор поблиску до врвен филозоф или политички аналитичар.

Во паузите од нурнување во базен со ледена вода и шибање со веник, врзоп од свежи брезови гранки (третманот во руска бања неизбежно вклучува и конзумирање светло или темно чешко пиво), сфатив дека Русија е во војна. Несвесни за тоа, претставниците на руската висока средна класа еволуираа од луѓе кои се сомневаат во власта до нејзини решителни поддржувачи.

Мојот домаќин Андреј, кој на својата дача изградена од дабово дрво во модернистички стил приреди хедонистички роденден за неговиот десетгодишен син, рече дека Крим одамна требало да стане руски, додека неговиот другар Александар, восхитен од победите на олимпијците, откри како негови пријатели и колеги доброволно заминале за југоисточна Украина да волонтираат за ополченците, од Киев наречени и терористи.

Андреј и Александар, првиот градежник а вториот електроинженер, се претставници на златната, „гаспромска“ генерација. Тие се навлезени во своите доцни триесетти и рани четириесетти, а нивните
компании ќариле повеќе милиони долари од државните или приватните зделки. Андреј, на пример, до неодамна поседувал јахта укотвена на елитното пристаниште на Крестовски остров.

Социјалните анкети го потврдуваат нивното расположение. Настаните во Украина, агресивната пропаганда против украинската демократија која го урна корумпираниот режим на Јанукович, дискредитацијата на тоа општество заради покажаните европски стремежи, мобилизациската реторика за борба против „бандеровци“ и „украинскиот фашизам“, нагло го промени односот на Русите кон власта.

Сѐ она што беше последица на Мајдан ги прекрши масовните трендови кои покажуваа дека до крајот на 2013 расположението на народот кон власта беше неповолно и паѓаше. Дотогаш, генералното мнение беше дека таа е корумпирана, егоистична, некомпетентна и мафијашка. Според Лев Гудков, раководител на „Левада центар“, една од најавторитетните рејтинг агенции на просторот на бившиот Советски Сојуз, режимот на Владимир Путин и овојпат одигра маестрално за зајакнување и своја долговечност.

„Со почетокот на мајданската револуција власта одеше по теркот на застарените советски стандарди на Брежњевска 'суперсила'. Таа го врати Крим, му го демонстрираше на светот својот сеобразен карактер, со тоа нагло извишувајќи го својот симболички статус во очите на Русите. Согласноста со тие дејствија радикално ја зголеми поддршката на путинскиот режим, му ја врати полнотијата и легитимноста. Со ефектот на телевизиска пропаганда практично исчезнаа разликите во поддршка на власта среде разни социјални групи.“

Се разбира, поддршката за дејствијата на власта околу Украина доаѓа пред сѐ од бирократите, чиновниците, буџетарите и вработените во државните претпријатија. Од првите две категории, но и од високиот бизнис, извира елитата на земјата која ја легитимира главната улога на Путин во нивните тесни заемни односи што генерираат судир на интереси. Тој, фактички, е арбитер на голема група луѓе околу него кои постојано водат клановска борба за запазување на своите корпоративни интереси и за самоодржување на власта.

Доколку овој еквилибриум се наруши, режимот на Путин ќе ги покаже првите пукнатини.

Колоритниот политички аналитичар Станислав Белковски, кој објави критичка биографија на Путин и од Москва замина во своеволно изгнанство за Киев, смета дека со воведување на санкциите на Запад, општествениот договор помеѓу претседателот и елитата е нарушен.

Путинскиот пакт, како што Белковски го нарекува договорот од 2000 помеѓу тогаш новоизбраниот претседател и олигарсите, се состои во тоа што Путин се обврза да ги гарантира интересите на елитите во замена за нивно немешање во политиката. Елитниот пакт им обезбедува на олигарсите невидени можности за окрупнување на својот бизнис со користење на неисцрпните ресурси на Русија, во замена за откажување од амбициите за власт, и строга забрана за користење на медиумите за критика на власта.

Поради својата бурна природа, Михаил Ходорковски, како и Владимир Гусински или Борис Березовски, не можеа да ги прифатат условите и покажаа желба за власт. Првиот беше осуден за наводни даночни затајувања и кражба на нафта и помина во затвор цела деценија, а останатите двајца беа принудени засекогаш да емигрираат од Русија.

Белковски смета дека со ним подметнатите меѓународни санкции Путин престана да биде гарант на интересите на елитите, кои всушност го поставија на тронот и таму го крепат повеќе од 14 години. „Тој ги жртвуваше нивните животно важни интереси заради едно пролетно заострување: страв од фатален пораз во Украина и жед за одмазда на Запад, кој долги години го мамеше нашиот херој. Путин добро знае дека никој или речиси никој од елитата не е подготвен да се откаже од меѓународна легализација на својот капитал, вклучувајќи и школување за децата и внуците (на престижните колеџи и универзитети во Англија и Америка) и здравствена грижа по западни стандарди (а не по одвратните пост-советски на руското здравство).

Да се промени бизнис стратегијата или да се изменат политичките планови е тешко, но во принцип тоа е можно и ништо страшно ако се случи. Но, во зрело доба да се судриш со неопходноста од смена на личната животна стратегија градена и негувана четвртина век, е многу пострашно.“

Бред (бладање)!“, ми одговори Ацо на идејата дека елитите, плашејќи се за својот опстанок, сакаат да се отарасат од Путин. Во текот на втората тура кригли, и после второто шибање со веник во бањата, тој објасни што всушност мислел.

Елитата ќе се прилагоди на новонастанатите услови. Во замена за лојалност кон Путин, ако треба, таа ќе прифати максимум загуба на својот капитал, бидејќи и она мало делче што ќе остане е богатство од соништата што тие никогаш не би го заработиле без одобрение од ваква власт. Наместо во Европа, нивните бизнис приоритети можат лесно да се пренасочат кон Азија и пред сѐ Кина.

Во колективната потсвест на Русите, Европа е поим за нешто валкано и болно, ми кажа Ацо. И потоа ја раскажа историјата на чистата плот на неговиот народ.

После смртта на Иван Грозни, кога започнала доба на невиден глад, безвластие и полско-шведската интервенција, во руската историја запишано како смутно време, европските кралски емисари патувале во Русија и известувале до своите дворови за колежите и масовните убиства извршени од бојарите и опричниците, претенденти на царскиот трон.

Западните емисари не само што биле во ужас од крволочните Руси, туку и шокирани од тоа каква валканост носеле закрепостените селани, кои дури еднаш неделно оделе во бања и церемонијално го практикувале истиот третман што ние го изведувавме во тој момент.

„Зашто“,кажа восхитено тој, „европската дворска култура налагала одење во бања еднаш годишно, и било прифатено 'чистотата' во меѓувреме да се одржува преку нанесување разни парфимирани масла на телото. Средновековната европска култура сметала дека народ што толку често користи вода и бања, бил ненормален и валкан народ.“

Тотална глупост! Токму од европската кал и гнилеж, се пораѓаа сите чуми и колери низ вековите. Уште тогаш, во смутно доба, во епохата одбележана со масовни битки, грабежи уништување и смрт, рускиот народ научил како да ја зачува стојкоста и стројноста. Во вечниот мраз на Сибир и во суровата руска зима, со практикување жешки бањи и калење на снегот, тој успеал да ги одржи духот и телото здрави. Додека Европа тогаш, како и сега, ширела декаденција, регресија и смрад.

Процедените голтки од третата кригла ги одбележаа последните зборови на Ацо, кој побара уште една тура во вжештената бања на Андреј. За него, силното шибање би било симболична пурификација од западните грдотии на војната што деновиве ја навјасале неговата мила Родина.

Слики: Сергеј Колесов