Укинете го светското првенство

17.06.2014 10:01
Укинете го светското првенство

Светското првенство во фудбал станува вознемирувачки настан. Некаде помеѓу полицајците од Рио и милионерите од ФИФА, пред натпреварите воопшто да почнат, изгубена е радоста на играта. Колку повредени демонстранти за секој почетен удар? Колку мито за секој гол? Меѓународниот фудбал е заложник на луѓето како Сеп Блатер, Франц Бекенбауер и Мишел Платини. Мораме да го ослободиме. Во спротивно парите ќе го уништат фудбалот, како што допингот го направи тоа со велосипедизмот.

Шефот на ФИФА Сеп Блатер во декември повика на минута молчење по повод смртта на Нелсон Мандела за веднаш да продолжи да зборува. Е тоа беше непријатно. Оттогаш знаеме дека минутата на Блатер трае точно 11 секунди. Одамна сме запознаени со сите проблеми во универзумот на Блатер. „ФИФА нѐ асоцира на корупција и мито“, вели претседателот на холандскиот фудбалски сојуз.

Ова сознание дојде предоцна. Можеби ФИФА и фудбалскиот свет се неповратно уништени. Дури и по многу ниските стандарди на овој спорт, постои сериозен сомнеж во доделувањето на организацијата на светските првенства во 2018 во Русија и 2022 во Катар. Чија е идејата да се игра фудбал преку лето во пустина? И дали Франц Бекенбауер навистина толку лошо зборува англиски па не можел на истражителите да им даде баш никакви информации за корупцијата? Се добива впечаток дека со светот на меѓународниот фудбал владее законот на државникот Агрипус Вирус од Астерикс и Обеликс: „Пред Рим да воведе ред, јас веќе ќе бидам далеку! Многу далеку и многу богат!“

Таму каде што се вртат големи пари, сѐ е можно. Фудбалот е пари. Уште додека беше претседател на Германија, Кристијан Волф ја поддржа кандидатурата на Катар, со образложение дека германските компании ќе добијат исплатливи бизниси. Една катарска компанија купи еден француски фудбалски клуб набрзо по состанокот помеѓу катарскиот премиер и тогашниот француски претседател Никола Саркози и откако веќе беше донесена одлуката во корист на Катар.

Каде завршува политиката, а почнува корупцијата? Тогаш не треба да нѐ чуди кога Франц Бекенбауер, носителот на „Орден на честа на ФИФА“, самоуверено изјавува: „Кога станува збор за корупција, јас сум погрешен соговорник.“

„Левичарскиот фудбал во стилот на Цезар Луис Меноти“, за кој сонува европскиот политичар Даниел Кон-Бендит, фудбал ослободен од „теророт на системот“ и „диктатурата на тактиката“, постои само во сеќавањето на постарите љубители на оваа игра.

Денес, неолибералниот капитализам ја злоупотребува навивачката страст. Корупција, разорување на животната средина, репресија. Секој телевизиски гледач сноси дел од одговорноста кога цели населби се срамнуваат со земја за потребите на изградбата на некој стадион, кога работниците ги третираат како робови, кога брутално се задушуваат протестите и се апсат активистите.

Големите спортски настани станаа џиновски парични пумпи во аморалната термодинамика на разузданиот глобален капитализам. Западните пари во земјата домаќин обезбедуваат институционална помош за создавање мрежа на поткуплива бирократија, корумпирани компании и организиран криминал, а потоа тие пари се враќаат во земјите од кои потекнуваат преку градежни проекти и потрошувачка стока. Во меѓувреме, неколку луѓе многу се збогатуваат, додека многумина ги губат своите права, а некои и животите.

Концерните кои од тоа заработуваат големи пари сносат голема одговорност. Доколку очекувате доаѓање на етичко-самоисцелувачката сила на слободниот пазар во оваа област, долго ќе се изначекате. Сони, еден од најголемите спонзори, бараше „темелна истрага“ за наводната корупција во случајот со Катар. После толку години Блатер-економија! Компанијата за кредитни картички Виза, уште еден голем спонзор, соопштува дека многу внимателно го следи однесувањето на ФИФА.

Потсетник: Кога Викиликс во 2011 ги разоткри американските злосторства во Ирак и Авганистан, Виза реагираше изненадувачки брзо - блокирајќи ги сите сметки на Викиликс.

„Ordem e progresso“, испишано е на бразилското знаме. Ред и напредок. Чист позитивизам. Можеби светското првенство би требало секоја година да се одржува во Данска и без учество на спознори. Друга можност е да ја укинеме оваа игра.

Извор: Spiegel, 12.06.2014.