Каде сте Македончиња?

17.06.2014 10:23
Каде сте Македончиња

Благодарение на преродбата, на големиот владин проект за национално и културно освестување, на нејзините инвестиции во обидот да ни го врати чувството за супериорност и моќ како наследници на хероите од минатото - што може да се види од приложеното во Скопје 2014 – во Македонија сѐ помалку има Македончиња.

Дека станавме големи Македонци потврди и Државниот завод за статистика. Тој, првпат во својата историја, објави податок дека лани помалку од половината новородени во државата биле етнички Македонци. Доказ дека негативниот природен прираст кај се уште најбројната популација во земјава е тренд што во последниве десетина години добива загрижувачки размери. Во 2013 година, според етничката припадност на родителите, родени се 11.603 Македонци и 7. 488 Албанци. За нашите патриотски настроени сили не е страшно тоа што се родиле само толку Македончиња - тоа е, и допрва ќе биде, нивен проблем - туку фактот што во истиот период починале 14.213 Македонци, а САМО 3.230 Албанци (ние минус, тие плус 3.000)!

Сега Владата е во дилема дали да продолжи со популационата политика или, заедно со податоците, да ја смени и директорката на Статистика. Дали воопшто да продолжи да го исплатува додатокот за трето дете, што и така доцни по околу девет месеци (додатокот) и не дава никаков резултат. Освен во општините со немакедонско население, што и не е за фалење. Од сето тоа, најверојатно ќе реши да продолжи со популистичката политика. Таа дава резултати дури и во ненаселени подрачја.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња