Сдсмовски мазохизам

18.06.2014 00:21
Сдсмовски мазохизам

Никола Груевски ги реши сите проблеми во Македонија. И сега, освен што, кутриот, мора да се трка самиот со себе, онака од алтруизам, подава рака и сака да му помогне и на СДСМ. Да го отплетка. Да го извади од кашата. Да му помогне да престане да се однесува деструктивно.

Знаете ли што е најинтересно? Токму сега, кога Груевски е притиснат од сите страни да преговара за враќање на опозицијата во парламентот, сега кога во Брисел не му се пишува арно, сега кога Ахмети ѕрцките му ги вади да попушти за името и дури и Мирка признава дека на вмровците им ја утврдиле точката на топење, баш сега на тирадите на Груевски повеќе им веруваат сдсмовци одошто вмровци.

Чудна е, речиси необјаснива, таа потреба на опозиционерите постојано кај себе да ја бараат вината за сите проблеми во државата. Постојано нешто се делат, се убедуваат дали требало да бидат конструктивни, се жалат дека немаат стратегија и упорно се во фокусот на вниманието на непријателски настроените медиуми, внимание во кое уживаат речиси мазохистички.

Ало, дечки, на вас памет не ви иде, а? Вода во уши ви влегла и изгледа упорно верувате дека Груевски ве тепа со визија, со програма и со конкретни проекти. И дека вие ќе победите тогаш кога ќе имате подобра визија, побогата програма и повеќе проекти. Ако е така, дајте бре прифатете му ја подадената рака. И рецитирајте: Здраво, здраво, друже Грујо, јас ти стискам рака и ти велам дека секој од срце те сака!

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња