Фудбалска уметност: Музејот на Пеле во Сантос

18.06.2014 10:13
Фудбалска уметност: Музејот на Пеле во Сантос

„Само еден е најголем, најдобар фудбалер на сите времиња, неповторливиот Едисон Арантес до Наскименто Пеле“, ќе ви рече секој Бразилец, особено жителите на Сантос, градот во кој минатата недела беше отворен Музејот на Пеле.

На урнатините во непосредна близина на една од најопасните фавели на овој пристанишен град во покраината Сао Паоло, градската управа на Сантос, родниот град на Пеле, одлучи во 2010 година да направи музеј во чест на славниот фудбалер кој го паметат генерации ширум планетата.

Собрани се бројни трофеи, документација, потпишани договори, влезници од натпревари, копачки и дресови на Пеле, и тоа во најголем дел од неговата домашна колекција. „Акцијата“ доби светски размери и Музејот на Пеле е отворен пред неколку денови по повод одржувањето на Светското првенство во Бразил.

Освен бројните експонати на четири ката во Музејот на Пеле се наоѓат и графички прикази на неговите култни, најубави голови, но и бројни видеозаписи со најважните натпревари кои ги одиграл. Во музејот се наоѓаат и слики од Пеле со светски познати личности, како и фотографиите кои ја одбележаа неговата кариера. Музејот на Пеле претставува и негови фигури во природна големина од најважните натпревари кои ги одиграл.

„Сите во Сантос се горди на новата спортско-културна установа која само неколку денови по отворањето ја посетија илјадници фанови од целиот свет“, вели кустосот во музејот.

Во својата брилијантна кариера, Пеле за бразилскиот клуб Сантос одигра 729 натпревари на кои постигна 784 голови. Исто така, тој беше предводник на бразилската фудбалска репрезентација во походот кон три од петте титули на светските фудбалски првенства во 1958, 1962 и 1970 година.

Извор: Spiegel